11.02.2013
ЃАВОЛСКА КУТИЈА
од Братислав Димитров
Во Македонија телевизијата е измислена за да имаат причина и неписмените да носат наочари. И за да можат младите невести да стават на телевизорот дел од чеизот познат како миљенце, а на него ајфелова кула изрезбана од шпер плоча, спомен од војничките денови.Освен витлерите на женската глава, телевизијата е најефикасното средство за контрацепција, под услов, да се исклучат машките ѕиври!Во телевизиските студија редовно гостуваат политичари кои раскажуваат приказни со среќен крај. Сите сме среќни кога ќе завршат со раскажувањето! Водителите прават интервјуа за да можат да го искажат својот епски став. Гостите во студиото доаѓаат до збор само во случај кога ќе падне микрофончето од водителскиот ревер! Но тоа трае сè до следното прашање, кое е неколку пати поопширно од одговорот!
И во еден момент, неписмениот гледач со право се прашува, кој кого поканил во емисијата!? И бидејќи сопругата е во илегала (прави ајвар на непозната адреса!), синот е во кладилница, првиот комшија е во некоја парцела во “Бутел”, а дома е само снаата која е “единица мерка за лошотилак”, јадникот никогаш нема да го дознае одговорот!
Од телевизиските истражувачки прилози редовно дознаваме дека старите луѓе во Македонија сè повеќе одбиваат да се лечат кај скапите приватни лекари, затоа што добиваат многу поповолни понуди од погребалните претпријатија! Иако и понудите на некои политички партии не се за потценување. Некои нивни лидери и буквално ќе умрат во својата партија! Убави се и оние научни емисии од кои ја добиваме конечната дефиниција за пеколот, која гласи: Пеколот е место каде што Англичаните се кувари, Германците се хумористи, Пигмејците се љубовници, а Македонците се политичари!
Сепак, моја најомилена емисија е кога со камерите ќе се бувнат дома кај некоја “популарна” особа и така “спонтано” и “необавезно” во “кежуал” атмосфера ќе беседат за ликот и делото на дотичниот. А тој лежерно оптегнат во кожената фотелја во пижами дизајнирани со мотиви од родниот крај, скромно ја опишува својата метеорска кариера: Од подножјето на своето трло, па се до врвот... на што и да е! Ако неколку саати никој не ви рекол дека сте гение, зрел сте за во емисија! Гледачите ќе почнат да сечат вени ако не им соопштите уште некое свое епохално откритие. Откако сте одговориле на што се смее Мона Лиза и зошто реките немаат топла вода, доаѓа моментот кога (како и секој ангажиран интелектуалец!) поентирате со тезата дека според Дарвин, тракторот води потекло од волот! Мистеријата, дали сијаличката во фрижидерот сè уште свети откако ќе ја затвориме вратата, ќе ја откриете во својата докторска дисертација!
Питомир “Пикле”, прв братучед на Цанко Курбла (кого Кинезите од шовинистички причини го нарекуваат “Конфучие”) 1968 година, летото, околу пладне, сабота ли беше што ли беше, не е важно, во “Идадија” нарача дупла комовица и откако ја шмркна како мрсулче, “на екс”, длабоко воздивна и искрено се пожали на почитуваниот аудиториум: “Можете да го убиете генералот на секоја војска, но не можете да ја убиете амбицијата на еден обичен човек!”
Дури многу години подоцна ја сфативме оваа мудрост. Се испостави дека нашиов “Конфучие” запнал да ја “онади” некоја Јуле од Јурумлери, ама таа не му давала пред да ја земе за венчана сопруга! За разлика од денес, во тоа време општата култура во Јурумлери беше на многу ниско ниво и девојчето немало поим дека прв братучед на Цанко Курбла, “никогаш не е од вчера!” Неговото животно мото, барем што се однесува до сексот, беше многу јасно: “Ако ти се допадне нечија женска насмевка, не значи да ја земеш целата жена!” Што се случи после? Ништо. Тој сè уште ѝ бара, а таа сè уште не му дава!
Каква е ситуацијата денес? Жими младост, не ми се пишува, ама ми фалат редови! Ситуацијата денес (и според најблагите критериуми) изгледа вака: Амбициозните луѓе знаат дека 2 + 2 = 4, но сметаат дека тоа не е доволно! Оваа сорта се намножи толку многу што нормалните и чесни луѓе станаа вистинска атракција. Ако продолжат настаните со ова драматично темпо, обичните луѓе еден ден ќе завршат во музеите како експонати! Епидемијата сè повеќе се шири. Жртвите на неограничената амбициозност се сè побројни. Сидата во наши услови, во споредба со вирусот наречен “АМБИЦИЈА” испаѓа како обична настинка!
Основниот амбициозен принцип “сега му е мајката” прави неверојатни чуда. Познавам еден наш драмски писател, кој во светот е непознат, но во своето родно село ужива светска слава. Има автори на кои прво им се доделуваат награди, а дури отпосле дечките ја завршуваат формалноста на пишување на своите ремек-дела! За амбициозните ниту една амбиција не е доволно голема. Деновиве, еден директор кој патем е и лекар, најави дека ќе измисли лек за една болест која сè уште не се појавила! Еден врвен историчар на уметноста изјави дека генијалниот сликар Ван Гог не си го исекол увото од љубовни, ами од хигиенски причини! Нашиве метереолози не можат да погодат копче на капут, ама за временска прогноза се тата-мата! Последното нивно откритие нè затекна по гаќи: “Времето постојано би било убаво кога климата не би се расипувала!”
Така се создаваше светот и векот. Кога Господ рекол да се откажеме од нашата суета, во истиот миг ѓаволот ја измислил телевизијата! За да можеме ние хронично, раскошно и неограничено да ја развиваме нашата суета, болест на денешницава а за жал и на иднината. Од денешен аспект, многумина со носталгија се сеќаваат на тогашните болести, трипер, пицаизли или љубов кон татковината!
Каков е овој живот? Што ми е гајле. Каква врска имам јас со мојот живот? Телевизијата живее наместо мене!
П.С.Ја гледам Македонијава наша и се гордеам! Никој ништо не ѝ може и покрај најголемите амбиции!
Братислав Димитров