13.04.2021
Демократски сојуз: Павле Трајанов предлага формирање на Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција
На денешната расправа за Националната стратегија за борба против корупцијата, Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, меѓу другото нагласи: Во Македонија високиот степен на криминализација и партизација ја "јадат" државата, во услови кога не постои заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал.
Трајанов предложи да се донесе Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој ќе се предвиди формирање на Агенција за борба против организираниот криминал, која ќе постапува по барањата на ДКСК, ќе ги координира активностите на седум институции задолжени за откривање и спречување на организиран криминал, оперативно ќе ги следи јавните набавки над 500.000 евра, ќе работи на детектирање на скриениот имот на носители на високи функции стекнат на криминален начин и сл.
Трајанов, предложи и да нема застареност за кривични дела од тешките облици на криминал извршени од функционери, додека за иницијативата за донесување на закон за преиспитување на имотот, укажа истиот да не ја доживее судбината на таков закон донесен пред многу години, потсетувајќи на синтагмата "Ако имаш куќа,врати го станот".
Трајанов ја поддржа Стратегијата за борба против курупцијата и работата на ДКСК.