2.9.2023
Демократски сојуз: Ковачевски и Маричиќ водат партиска кампања со државни пари
Демократскиот сојуз најостро реагира против кампањата на СДСМ „Ние сме Европа“, која е финансирана од Владата, а на неа присуствуваат само партиски активисти.
Демократскиот сојуз ги поддржува сите активности поврзани со евроинтеграциските процеси, насочени кон коренити реформи, јакнење на демократијата, борба против корупцијата и организираниот криминал, но со пари на граѓаните да организирате предизборна кампања, тоа е спротивно на Изборниот законик.
На трибините плукате по сите што не ве поддржуваат во авантурата со уставни промени во услови кога за седум години не спроведовте ниту една реформа, ниту пак имате резултати.
Со оваа кампања продолжувате да ги манипулирате граѓаните дека со Преговарачката рамка е решен македонскиот јазик, а не е, дека историските, образовните и идентитетските прашања не се дел од рамката, а се, и дека освен уставни измени, Бугарија нема други барања, а има.
Колку повеќе „притискате“ толку повеќе граѓанскиот отпор се зголемува, едноставно кредибилитет немате и немате поддршка од народот.
Граѓаните се за ЕУ, но над 85 % се против Владата на СДСМ и ДУИ и против уставните промени.
За уставни промени се само платените функционери од СДСМ и ДУИ.
Затоа наместо да губите време и натаму да ги загрозувате националните и државните интереси и да ги блокирате евроинтеграциите, прифатете избори. Народот нека се изјасни!