09.03.2022
Демократски сојуз: Христијан Мицковски е очаен, Демократски сојуз му е виновен што не е на власт!
Сагата со прес-конференциите на ВМРО-ДПМНЕ за божемното беззаконие и криминал на кадрите на Демократскиот сојуз во Јавното претпријатие „Градски паркинг“ веќе преминува во вистинско бунило на Христијан Мицковски, кој е очаен во намерата да најде виновник зошто не му успеа уривањето на власта преку ново парламентарно мнозинство.
Факт е дека кадар на Демократскиот сојуз, Борче Јакимовски, раководеше со јавното претпријатие „Градски паркинг“. Факт е дека претпријатието, не само што нема никакви финансиски дубиози, туку секоја година остваруваше добивка, а реализирани се и значајни инвестиции за унапредување на паркирањето во градот.
Факт е исто така, дека во ЈП „Градски паркинг“ има членови на Демократскиот сојуз, но списоците што ги изнесува портпаролот на партијата Наум Стоилковски за наводно вработување и унапредување роднини и привилегирање партиски кадри на претседателот и раководството на Демократскиот сојуз се невистинити, неточни или во најмала рака груба манипулација со полуинформации.
Портпаролот Стоилковски, иако божем новинар, не се ни обидел да провери дали има елементарна врска со вистината тоа што му го сервира да го чита на прес-конференциите нереализираниот разузнавач, актуелен директор на „Градски паркинг“, Бојан Христовски. Но таквото послушништво и измислиците се дел од психолошкиот профил на ВМРО-ДПМНЕ, партија која не може да го смени карактерот и продолжува да води хајки против своите политички противници со безочни лаги, дрски измислици, денунцирање и подметнување.
Демократскиот сојуз на располагање има список од барем 100 лица вработени кадри на ВМРО-ДПМНЕ во ЈП „Градски паркинг“, по чиста партиска и роднинска линија, а уште еднаш потсетуваме дека илјадници членови на ВМРО-ДПМНЕ се згрижени во богатите јавни претпријатија, судии, јавни обвинители, но во оваа прилика ќе наведеме само еден еклатантен пример на непотизам, семејни врски и судир на интереси.
Ако има доблест, како што нема, или малку новинарски нерв, каков што исто така нема, портпаролот Стоилковски нека провери дали е вистина дека Димитар Мишев, инаку вработен во ЈП „Градски паркинг“ на раководна позиција, сопруг на Ирена Мишева, претседателка на Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ од 2008-2017 г., четири години не доаѓа на работа а зема плата!?
Дали е вистина дека Ана Трајковска, братучетка на фамозниот Димитар Мишев, е вработена како раководител во ЈП „Градски паркинг“!? Дали е вистина дека братот на платоуживателот Димитар Мишев, по налог од екс-претседателката на Советот, Ирена, е вработен во ЈП „Водовод“!? Дали е вистина дека ќерката на Ирена Мишева, Елена, која сега е во кабинетот на Христијан Мицковски, беше вработена во ЕЛЕМ по налог од мајка и!? Дали е вистина дека другата ќерка на експретседателката на Советот на Град Скопје, Софија, е вработена во правниот сектор во ЕВН, а Гоце, внукот на Ирена, е вработен во Телеком, исто така по нејзин налог!?
Ако ја утврди вистината, Демократскиот сојуз очекува портпаролот Стоилковски да ја информира јавноста детално за ова семејно стебло од ВМРО-ДПМНЕ распослано во ЈП „Градски Паркинг“ и во другите богати јавни претпријатија во државата на високи позиции и со еклатантен судир на интереси. А други вакви случаи има на стотици.
Демократскиот сојуз му порачува на Христијан Мицковски вистинските причини за неуспехот во политиката да престане да ги бара кај другите партии, коалициски партнери на СДСМ, туку да се сврти во својот политички двор и вината зошто е во опозиција да ја побара кај себе си.
Стопати повторената лага да се убеди јавноста дека Демократскиот сојуз е криминализирана партија нема да успее, зашто едно се лагите, а сосема друго судските пресуди со кои челниците на ВМРО-ДПМНЕ се осудени на долгогодишни затворски казни.
Хајките нема да ја променат ниту нашата принципиелна позиција и соработка со партиите со кој беше на парламентарните избори во коалиција,ниту пак ќе го вратат на власт ваквото ВМРО-ДПМНЕ од мрачното минато, кое ги прогонуваше и затвораше политичките противници.