29.03.2021
Демократски сојуз: Граѓаните бараат договор и резултати
Демократскиот сојуз го поздравува постигнатиот договор помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за одлагање на пописот од здравствени причини, за одблокирање на парламентот, како и за постигнување договор за изборното законодавство.
Потсетуваме дека Демократскиот сојуз беше единствениот коалициски партнер во Владата кој повика на одлагање на пописот, предупредувајќи дека статистичката операција нема да биде успешна и ќе даде искривени резултати, поради тоа што многу граѓани ќе се плашат да им отворат врата на попишувачите.
Договорот за одлагање на пописот до септември ќе обезбеди голем дел од населението да се вакцинира, а особено попишувачите - за што исто така се залагавме и ќе даде дополнителни гаранции за успешен попис.
На предлог на нашата партија во Собранието се поднесени и промени на Изборниот законик според кои Македонија треба да биде една изборна единица, што ќе обезбеди услови за порамноправно и подемократско претставување на граѓаните.
Се надеваме дека работните групи во Собранието ќе постигнат договор и околу ова прашање, како и околу нашиот предлог и за ограничување на амандманската расправа на законите на најмногу 10 дена.
Демократскиот сојуз и во иднина ќе продолжи своите ставови и предлози да им ги соопштува на граѓаните, без оглед дали се согласуваат со оние на власта или на опозицијата, зашто тие се резултат на длабоки анализи и консултации и во интерес на граѓаните.