Демократски сојуз 15 години

22.03.2015

Демократски сојуз 15 години

Денес Демократски сојуз на свечена седница ја одбележа 15-годишнината од формирањето.

На свеченоста на која присуствуаа над 500 граѓани, како и голем број на гости, преставници на политички партии и дипломати, зборуваа претседателот на младите Миодраг Димов и Драгана Кирпијановска, член на Претседателството и заменик министер за надворешни работи.

Пред присутните, во својот говор, Павле Трајанов нагласи ”Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува и која постојано е во движење и со свој идентитет и интегритет, партија која секогаш поаѓа од националните интереси и државни приоритети.

”Зборувајќи за актуелната политичка криза рече: “Оваа длабока политичка криза мора да се реши со политички дијалог, но и со системски промени и кадровски резови.

”Преку аферите: “се покажа грдото лице и алчноста за власт и пари на голем број политичари''.

Трајанов побара да се создадат еднакви услови за работа за домашните и странските компании, а платите во компаниите со странски капитал да бидат како во нивните матични држави, нагласувајќи дека минималната плата треба да се зголеми двојно.

За да имаме фер и демократски избори, како и намалување на можностите за кршење на изборните правила, Павле Трајанов предложи Македонија да биде една изборна единица, без изборен праг и со отворени листи.

Во прилог Ви го доставуваме и обраќањето на Павле Трајанов.

Почитувани дами и господа, драги пријатели, гости, екселенции, претставници на медиумите, Ве поздравам.Поздрав и до граѓаните, симпатизерите и членовите на Демократскиот сојуз, кои манифестацијата ја следат во живо.

Демократскиот сојуз е партија која бранува, партија која силата ја црпи од граѓаните, и од своите принципи и посветеност.Наши сојузници се слободоумните и добронамерните, сите кои што си ја сакаат државата.Ние во Демократскиот сојуз не калкулираме, ние секогаш сме со народот и во градењето на нашите ставови секогаш поаѓаме од националните интереси и државните приоритети.

Пред 15 години, почнавме 11-мина, со јасна определба и визија за Македонија, затоа што верувавме и веруваме во Македонија.Досега во партијата се вклучени над 30 илјади граѓани, претежно млади, креативни и способни кадри.Денес, Демократскиот сојуз е силен и препознатлив политички субјект, со свој идентитет и интегритет.

Демократскиот сојуз е партија која постојано е во движење, партија која анализира, критикува, но и предлага проекти и конкретни решенија.

Демократскиот сојуз е партија која опстојува на своите основни програмски определби и принципи:

- динамичен економски развој,

- владеење на правото,

- влез во Европската унија и НАТО,

- енергична борба против корупцијата и организираниот криминал,  и

- слобода на медиумите.

Ние сме цврсто определени јавноста, граѓаните да бидат коректор на власта.Во изминатите години Македонија се соочуваше со огромни предизвици.Се соочивме со воен конфликт, со криминална и неправедна приватизација, со ембарга, со вето за членство во НАТО, со притисоци да го промениме името на државата, со обиди за дезинтеграција, со внатрешни поделби, со негирање на нашите корени....но, успеавме да се справиме.Македонскиот народ и сите граѓани, трпеливо, храбро, со цврста решителност, успеаа  да ги одбранат основните вредности, а тоа се: СЛОБОДАТА И ДЕМОКРАТИЈАТА.

Само слободни граѓани, можат да создаваат, да творат и да ја градат иднината на својата држава.Македонија повторно е во исклучително турбулентен период.Македонија се соочува со длабока политичка криза, која бара брз одговор.Верувам дека не само ние од Демократскиот сојуз, туку сите партии, сите граѓани гй препознаваат државните интереси и интересите на граѓаните ќе ги стават на преден план, над партиските и личните.

Аферата “Пуч“ и аферата “Прислушкување“ со масовно кршење на правата на граѓаните, мора да се реши со политички дијалог, но и со системски промени и длабоки кадровски резови.Никој нема да биде иземен, заштитен или амнестиран. “Актерите“ на овој мега скандал, мора да платат висока цена, затоа што се нападнати основните цивилизациски вредности.Преку овие афери се покажа грдото лице и алчноста за власт и пари на голем број на политичари.

Почитувани граѓани,

Во Македонија се спроведени бројни реформи, некои од нив ги покажуваат првичните резултати, како што се странските инвестиции, намалување на невработеноста, јакнење на внатрешната стабилност, релативно добрите меѓуетнички односи, постепено зголемување на социјалната сигурност и слично.

Но, и понатаму се соочуваме со огромни предизвици. Од Македонија се иселуваат млади кадри, во Македонија e присутна сиромаштијата, намален е наталитетот, постои висок степен на организиран и институционализиран криминал кој и натаму разорно дејствува, партизиран е судскиот систем, катастрофална е состојбата со медиумите, имаме и многу други отворени и нерешени прашања.

Ние од ДС неможеме да бидеме рамнодушни на бруталната концентрација на богатство кај една мала група луѓе.

Посебно загрижува и тоа што се во застој евроинтегративните процеси, се повеќе сме предмет на негативни коментари во моќните политички центри, има се повеќе забелешки за владеење на правото, за слободата на медиумите, за неефикасниот судски систем, за корупцијата, за немање капацитети за политички дијалог.Законите често се менуваат и самите по себе се контрадикторни, има несигурност во бизнисот,слободата на пазарот  и пазарната економија.Домашните компании немаат исти услови како компаниите со странски капитал.

Сите овие состојби длабоко не загрижуваат, но воедно се и силен предизвик,  за нас, како партија да нудиме решенија, да се бориме докрај за демократски развој на државата, да се бориме за правдата, да се бориме за секој човек, за секој граѓанин.... низ оваа борба и ние нема да поминеме лесно, без повреди... Но, наши определби се чесноста, посветеноста и непоколебливоста. Никој не може  да ја негира и оспорува нашата цврста и јасна определба да веруваме во слободата и демократијата, да ВЕРУВАМЕ ВО МАКЕДОНИЈА!!!

За Демократскиот сојуз и натаму врвни приоритети ќе бидат создавање на услови за реален економски  развој и отворање на нови работни места, создавање на услови за младите да останат овде во Македонија, создавање услови за зголемување на наталитетот и подобрување на квалитетот на животот.

Демократскиот сојуз ќе се залага за подигнување на вредноста на трудот на работникот и сите компании, посебно странските, за вработените мора да обезбедат иста плата, како и во нивните матични држави.Македонија во 21 век  не смее и не може  да биде промовирана како зона на неоколонијализмот.Мининалната плата треба двојно да се зголеми.

Македонија нема друга алтернатива освен прифаќање на европските стандарди. ЕУ и НАТО се асоцијации кон кои се стремиме. Знам дека има опструкции, знам дека ова „статус кво“ и одговара на дел од политичката елита и бизнисмените кои имаат монополистичка положба, но сигурен сум дека Македонија многу брзо ќе стане полноправна членка на НАТО и ќе ги започне преговорите за влез во ЕУ. Противниците на овие процеси ќе бидат разобличени, ќе се соочат со граѓаните и ќе бидат поразени.

Почитувани граѓани, почитувани гости, Демократскиот сојуз во изминатиот период подготви многу проекти. Сакам во оваа прилика да најавам дека докрај ќе го имплементираме проектот “ДЕКРИ“, кој предвидува одговорност за секој што ја злоупотребил довербата на граѓаните и конфискација на нелегално стекнатиот имот.
Ќе бараме да се создадат услови за слобода на медиумите, ќе предложиме реформи за судскиот систем да биде отпорен на политички влијанија, а јавниот обвинител да не биде партиски војник.Тоа не можеме да го направиме сами, затоа ги повикуваме сите креативни луѓе, да се вклучат во реализацијата на стратешките интереси на државата.Секој може нешто да направи, и за себе, и за другите, и за државата.

Демократскиот сојуз е отворен за нови идеи и  кадри, Демократскиот сојуз е отворен за соработка со другите партии, со невладиниот сектор, со граѓански асоцијации и здруженија, со експерти, со сите кои сакаат  Македонија да биде пристојно место за живеење, затоа Демократскиот сојуз подготви нов модел- проект и законски решенија: ”Македонија да биде една изборна единица, без изборен праг и со отворени листи”.

Со овој модел, ќе се обезбедат фер и демократски избори, ќе се намалат можностите за кршење на изборните правила, а составот на Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните.Демократскиот сојуз е подготвен заедно со граѓаните да ја преземе одговорноста за иднината на државата.

Да живее Демократскиот сојуз!Да живее европска Македонија!Да сте живи и здрави сите.



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners