22.02.2023
ДАЛИ ФУНКЦИОНИРА СИСТЕМОТ ЗА КРИЗЕН МЕНАЏМЕНТ?
Безбедносната состојба е усложнета - наместо да се губи време за авантуристичка реконструкција, треба да се даде приоритет на внатрешната стабилност, вели Павле Трајанов.
Непосредно пред годишнината од почетокот на руската војна во Украина, светот го обиколија неколку важни вести. Првата, дека Русија го запира учеството во договорот СТАРТ со САД, со кој се ограничува стратешкиот нуклеарен арсенал на двете страни, одлука која вчера (21.02) во говор ја соопшти рускиот претседател Владимир Путин. Втората, е дека вчера Путин го отповикал декретот од 2012 година, со кој делумно се поддржува суверенитетот на Молдавија во решавањето на прашањето со Транснистрија - сепаратистички регион кој граничи со Украина и во кој Русија има свои трупи. Претседавачот со ОБСЕ, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, за време на неговата официјална посета на Молдавија на почетокот на февруари, своето присуство во Молдавија го дефинираше токму како јасен сигнал за поддршката на претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ, во однос на решавањето на предизвиците со кои Молдавија се соочува, особено за процесот за решавање на Транснистрија.
„Како претседавач, ние имаме за цел мирно, сеопфатно и одржливо решавање на конфликтот во Транснистрија. Секоја резолуција во иднина треба да се заснова на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Молдавија во рамките на нејзините меѓународно признати граници и специјален статус за Транснистрија“, рече Османи.
Со декретот од 2012 година Русија се обврзува на барање начини за решавање на сепартистичкото прашање на основа на почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и неутралниот стаус на на Република Молдавија во одредувањето на посебниот статус на Транснистрија.
Во руската одлука со која се отповикува тој документ, било наведено дека таа е донесена за да се „oбезбедат националните инереси на Русија со длабоките промени кои се случуваат во меѓународните односи“. Министерството за надворешни работи на Молдавија соопштило дека „внимателно ќе го проучи“ овој документ.
Тестирање, вооружување...
Третата вест дојде од медиумите: Дејли мејл и Си-Ен-Ен, повикувајќи се на извори од американското разузнавање, објавија дека Русија во понеделникот извршила тестирање на нивната интерконтинентална балистичка ракета „Сармат“, позната во земјите на НАТО како „Сатана-2“. Тестовите се одржале додека американскиот претседател Џо Бајден бил во главниот град на Украина, Киев. Тестовите на ракетата Сармат, за која се тврди дека може да носи повеќе нуклеарни боеви глави на растојание над 12.000 километри, најверојатно биле неуспешни. Во спротивно, ќе биле објавени од рускиот претседател во неговиот вчерашен говор пред Федералниот совет на Русија, кога најави повлекување на Москва од договорот за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје. Разузнавачки извори изјавиле за Си-Ен-Ен дека претходни успешни тестови биле објавувани директно од Путин.
Четвртата вест дојде од соседството. Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера од Абу Даби најави дека Србија ќе го потпише првиот договор со Обединетите Арапски Емирати за набавка на т.н. дронови камикаѕи од таа земја. Притоа додаде дека во наредните денови очекува ескалација на конфликтот во Украина, што, според него, уште повеќе ќе ја отежнепозицијата на Србија.
„Врз основа на она што можев да го видам од изјавите на Путин, јасно е дека тој многу жестоко ќе ја продолжи борбата во Украина, која, како и вообичаената ескалација на конфликтот, дополнително ќе ја усложни позицијата на Србија во политичка, воена и во секоја друга смисла. Очекувам големи промени на бојното поле за неколку дена и во понатамошното политичко дејствување кон Србија и од западната страна и од други меѓународни фактори“, рече Вучиќ.
Според српскиот претседател, почнала трка за вооружување каква што досега немало.
„Кога некој размислува да го зголеми на 5 отсто вкупниот буџет за одбрана, јасно е дека сѐ отишло по ѓаволите“, изјави Вучиќ посочувајќи ја Полска како пример.
„Ние сме на 2 отсто, а како што тргнало ќе подигнеме на 3 отсто. Кој нема да има сериозна војска - ќе биде нападнат“, изјави Вучиќ, предупредувајќи дека наесен ќе има криза со лекови во цела Европа, и ќе настане и лоша енергетска ситуација.
Стабилноста – приоритет!
Што прават властите во РСМ во оваа ситуација? Втора недела се посветени на реконструкција на владиниот кабинет. Две недели поминаа и во санирање на последиците од сајбер нападот врз ФОЗМ, по што Владата вчера усвоила сет мерки кои треба да се имплементираат во најкраток рок во институциите во јавниот сектор. Владата ги задолжи органите на државната управа, и им укажа на институциите кои не се органи на државна управа, да определат лице одговорно за информациска безбедност во нивните организации, со цел навремено пријавување на инциденти и размена на информации за инциденти, закани и ризици поврзани со безбедноста на информациските системи до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT. Органите на државната управа е неопходно да направат план за реализација и да ги предвидат финансиските импликации на мерките на MKD-CIRT, а нивните вработените задолжително да се регистрираат и да завршат обука за сајбер безбедност за вработени во јавна администрација.
Дали е тоа доволно? На поширок безбедносен план не се видливи ни анализи ни активности, а според пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, има сериозно усложнување на безбедносната состојба.
„Генерално, состојбата на безбедносен план во Европа се усложнува, по изјавите на Бајден и Путин, реторика од која се исчитува можно ескалирање на воениот конфикт, кој е непредвидлив, и може да се прошири. Кина, од една страна зборува за дијалог и мировен план што ќе го предложи за запирање на војната, а од друга страна САД има информации за можна кинеска воена помош за Русија. Најавите дека огромен број војници на Русија се подготвени за некаква офанзива, која не е извесно дали ќе се случи, имаат рефлексија врз безбедноста во Европа, особено на Балканот. Од огромна важност е што Македонија е дел од НАТО, но проблем е што чадорот на НАТО на Балканот има дупки“, вели Трајанов, алудирајќи на земјите кои не се членки на Алијансата.
Што е со активностите кои зависат од ефикасен и навремен одговор однатре, кога се во прашање хибридни, сајбер напади, какви што има и во други земји на Балканот?
Кај нас сајбер нападот врз ФЗОМ ја откри неподготвеноста и ранливоста на системот за заштита. Второ прашање станаа заканите со бомби, кои вчера кулминираа и по обем и според изборот на адреси, меѓу кои и претседателската резиденција вила „Водно“, како и „новиот говор“ во заканите, со барање „власта на СДСМ да се тргне“.
„Имаме сериозно усложнување на безбедносната состојба во Македонија, од неколку аспекти. Длабоко е попречен системот на образование, доминантно во Скопје, но и во други градови, а се зголемува бројот на закани без разлика што се прават напори за превенција. Според мое мислење, се работи за дејства со силна подлога и логистика дома, за структури кои имаат линк со надворешни фактори. Но, поради заштеди или корупција, институции остануваат без сериозна заштита, не функционираат, а тоа целиот систем го прави ранлив и помалку отпорен на предизвиците“, вели Трајанов.
Сето ова кулминира во период кога во втора седмица влегува дебатата за реконструкција на Владата.
„Наместо да се губи време за авантуристичка реконструкција, треба да се даде приоритет на внатрешната стабилност и на реформите со вклучување на сите партии и експерти. Треба да се разработи систем за дејствување на државата во конфликтна состојба, да се провери дали и како функционира системот за кризен менаџмент, да создадат услови команиите да работат, да се создава нова вредност. Мора да се зголеми одговорноста на државниот систем во целина“, посочува Трајанов.