Проект Реформа на изборниот модел

25.03.2015

Проект Реформа на изборниот модел

ВОВЕД

Изборниот систем на секоја држава, како и изборите воопшто, се сметаат за еден од најважните инструменти за демократскиот поредок на државата. Тие се многу повеќе од некаков попатен декор на формалната демократија и на демократската процедура на конституирањето на државните органи. Неспорно е дека една власт треба да поседува легитимитет, којшто може да го стекне единствено преку волјата на грагаѓаните во една земја, што значи преку организирање фер и слободни демократски избори.  Тоа е во согласност со либералната концепција за државата и правото која се чини неизводлива без постоењето слободни и непристрасни избори. На изборите во најопшта смисла, се гледа како на акт на делегирање, пренесување на определени природни права на граѓаните врз нивните претставници, односно врз државата како институционална целина во рамките на која тие ја остваруваат својата функција: законодавната, а преку законодавната и извршната и судската. Тоа е истовремено и акт и на лимитирање, ограничување на нивните овластувања, како и  порака за содржините и целите што треба да се остварат низ механизмите на политичкото претставување.

Остварувањето на овие функции на изборите и гласањето, посматрано низ призмата на индивидуалните слободи и права како исходиште на целокупната општествена, политичка и правна сфера, претпоставува потполна слобода на определување на избирачите. Сепак, ова не значи дека изборите сами по себе, претставуваат достатен услов за политичкото претставување и за демократијата на една држава, но, никој не ја спори, од друга страна, нивната нужност,  оттаму што се работи за еден од еден од главните постулати за демократско конституирање на власта и донесување одлуки.  Изборите се нужен предуслов за секоја модерна демократија, лозинка на секое демократско општество и со право се сметаат за своевиден мост помеѓу оние кои се на власт и оние врз кои кои се простира таквата власт, механизам кој дава одговор на прашањето за тоа кој победува, а кој губи во борбата за власт, но и инструментум кој им дава моќ на оние кои извојувале победа да ја преземат власта во свои раце.

Занимавајќи се со овие прашања, Sartori, во своето познато дело „Компаративен уставен инженеринг,“ изборните системи ги окарактеризирал како еден од најманипулативните инструменти на политиката, но и моќна алатка за обликување на партискиот систем и одредување на претставничкото тело.  Кај изборните системи, многу лесно може да се манипулира со целите и со изгледите - повластување на едни и дискриминирање на други, односно фаворизирање на едни и дефаворизирање на други актери. 

Целиот проект за Реформа на изборниот модел - Една изборна единица како најдемократско решение- погледнете го на овој линк.

partners partners partners partners partners partners