ДС достави предлог до Филе за ЕУ посредник, европратеникот Кацин вели дека ЕУ е подготвена да ја преземе одговорноста за процесот

30.10.2013

ДС достави предлог до Филе за ЕУ посредник, европратеникот Кацин вели дека ЕУ е подготвена да ја преземе одговорноста за процесот

Демократскиот сојуз на 20.09.2013 достави предлог до господинот Штефан Филе, комесар за проширување на ЕУ, за назначување на посредник во македонско – грчкиот спор.

Во предлогот Демократскиот сојуз нагласи:

Сакам да Ве уверам дека Владата на Република Македонија, сите политички партии, бизнис заедниците, невладиниот сектор, медиумите и граѓаните се целосно посветени на реформите и исполнување на критериумите за евроинтеграција на нашата држава. 

Процесот на евроинтеграција на Република Македонија е во застој пред се поради наметнатиот спор од страна на Република Грција, а во врска со нашето уставно име, Република Македонија.

Во оваа прилика сакам да Ве потсетам дека повеќе од осумнаесет години се водат разговори под медијаторство на претставник на Генералниот секретар на Обединетите нации, но без конкретни резултати.

Од тие причини сметам дека треба да се разгледа можноста за назначување на претставник од страна на Европската унија, кој што непосредно, но и во тесна соработка со ООН и САД, ќе се вклучи во надминување на спорот.

Доколку темелно се проучи спорот, како и ставовите и аргументите на двете страни, можно е Европската унија да предложи идеи, преку кои ќе се деблокираат евроинтеграциските процеси и ќе започнат пристапните преговори за членство на Република Македонија во Европската унија.

Овој предлог беше доставен и до амбасадите на земјите членки на ЕУ, како и до амбасадата на САД.

Денес, 30.10.2013, МИА пренесе дека на состанок во Вашингтон за перспективите на Источна Европа, словенечкиот европратеник Јелко Кацин изјавил:

„Во ситуација сме да немаме доволно влијание врз Грција, а врз Македонија немаме никакво влијание. Ние во Европската Унија сме подготвени да ја преземеме одговорноста од рацете на амбасадорот Нимиц и да го водиме процесот, но мораме да имаме гаранции дека премиерот Груевски е подготвен да го стори тоа."

partners partners partners partners partners partners