СПОРЕН “СПОР ЗА ИМЕТО“

  • Enter description...

26.11.2012

СПОРЕН “СПОР ЗА ИМЕТО“

Дали се постигнува компромис со револвер на челото?

Од Зоран Петров

Многу ме нервираат изјавите на странци кои, кога говорат за преговорите за разликите во врска со името меѓу Македонија и Грција, ја употребуваат фразата „спорот за името“. Уште повеќе по ганглии ми шетаат тукашни политичари, кои ја користат истата конструкција. Разбирам дека сленгот е тенденција во секојдневниот говор чија функција е упростување на поимите, економичност во изразот и поедноставена комуникација. Ама кога станува збор за битката за името, грешки не смее да има, колку и да изгледаат ситни и безначајни на прв поглед.

 Ѓаволот секогаш се крие во деталите. А во нашиот случај - ѓаволот ја однел шегата. Па така, ако ги прашате македонските граѓани дали Македонија има спор со Грција, најголем дел од нив ќе ви одговорат потврдно и ќе го посочат изворот на „спорот“. А тоа е името на нашата држава.

Да бидеме начисто – Македонија нема никаков спор со Грција. Терминот „спор“ означува состојба во која постојат две спротивставени страни кои не се согласуваат околу нешто или бараат нешто една од друга. Македонија не бара ништо од Грција. Само Грција бара. Во ситуација кога две страни се нашле во одредена релација врз основа на одредени барања само од едната страна, не може да постои никаков спор. Постои само условување, уцена или ултиматум. Се работи за ултимативно формулирано барање за промена на името на нашата држава, во пакет со промена на нашиот идентитет.

Може ли да се бара компромис (па уште и разумен) околу уцена, односно околу ултиматум? Се разбира, не. Кога некој ќе ви постави револвер на челото и ќе нареди – пари или живот, изборот ви се стеснува на само две опции – парите или животот. Меѓу нив не можете да правите компромис. Уште помалку со напаѓачот, бидејќи тој има еден многу силен аргумент – револверот. Изборот е или – или...


Кога едната страна не бара ништо, а другата уценува, каков што е случајот меѓу Македонија и Грција, тогаш нема основа за никаква солуција што би го оправдала називот “компромис”. Ниту разумен, а уште помалку неразумен! Самото значење на поимот „уцена“ по дефиниција претставува негација на каков било компромис!

Значи, ние немаме никаков спор со Грција, а уште помалку можеме да изнајдеме некаков компромис. Грција ја уценува Македонија да си го смени името под грчки услови.

 А дека тоа е навистина така, најдобар доказ е грчкото вето на Самитот на НАТО во Букурешт, одржано од втори до четврти април 2008 година. Всушност, ако се размисли логички, грчката блокада на нашиот влез во Алијансата, беше само очекуван епилог на една долгогодишна и меѓународно толерирана уценувачка политика против Македонија. Секоја уцена завршува со „или – или“ решение. Или ќе ја прифатите, или следува казна, односно репресија или насилство. А дека ветото беше насилство врз меѓународниот правен систем, на петти декември 2011 година потврди и Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Со 15 наспрема еден глас, Судот пресуди дека Грција ja прекршила Привремената спогодба ставајќи вето на кандидатурата на Македонија за членството во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година.   

 Инаку, Времената спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција, претставува единствена правна рамка за регулирање на меѓусебните билатерални односи. Истовремено, Времената спогодба е и единствената спогодбена правна рамка прифатена од двете страни, за продолжување на преговорите за разликите во врска со името, под покровителство на Генералниот секретар на ОН, согласно претходно споменатите резолуции на Асамблејата.

Во членот 11 (став 1) од Времената спогодба се вели: „По стапувањето на сила на оваа Времена спогодба, Првата страна (Грција) се согласува да не приговара на пријавите за членство или на членството на Втората страна (Македонија) во меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации во кои Првата страна е членка. Но, Првата страна го задржува правото да приговара на секое горе наведено членство, доколку во таквите институции и организации на Втората страна и се обраќа поинаку од она во Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на ОН“. Преведено на разбирлив јазик (правничкиот за мене не е таков), Времената спогодба предвидува експлицитна обврска за Грција да не приговара (попречува) на интегрирањето на Македонија во меѓународните организации каде што нашиот јужен сосед е член. Ова е една од клучните одредби во Времената спогодба од чие почитување зависи нормалното и рамноправно одвивање на преговорите за разликите во врска со името.

Има уште една битна одредба од Времената спогодба, која е содржана во член 21 (став 2): „Сите разлики или спорови што ќе се јават меѓу страните во врска со толкувањето или спроведувањето на оваа Времена спогодба, можат да се поднесат од било која страна до Меѓународниот суд на правдата“. Тоа Република Македонија го направи на 17 ноември 2008 година, поднесувајќи тужба (апликација) до Меѓународниот суд на правдата (МСП) со цел да се утврди и декларира дека на Самитот на НАТО во Букурешт, Грција ја прекршила Времената спогодба, односно еден нејзин член.

Од друга страна, грчките медиуми (кои, од за мене неразбирливи причини, добиваат необично голем простор во македонската јавност), но и грчки официјални претставници, неколкупати најавуваа вето пред Самитот на НАТО во Букурешт, а по Самитот и експлицитно кажаа дека Грција ставила вето (постојат изјави на Караманлис во медиумите). А сега пак, по повод нашата тужба во Хаг, во типично византиски стил се бранат дека воопшто не ставиле вето, туку дека само гласале против. Дури и да прифатиме дека Грција не ставила вето, во Времената спогодба никаде не стои дека Грција се обврзува да не става вето, туку стои дека Грција нема да го попречува зачленувањето на Македонија во меѓународни организации!

Доколку кај некого има дилеми околу статусот на Времената спогодба, би потсетил дека се работи за правно обврзувачки договор што стапил на сила на 13 октомври 1995 година и е заведен во ООН под реден број 32193. Значи не станува збор за акт од типот на „интерна согласност за разбирање и соработка“, туку за меѓународно верификуван и правно обврзувачки договор.

 Да се вратиме на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Не е прашањето дали Грција ќе ја почитува или не (иако е обврзана да не го повтори делото), не е проблемот во тоа што со истата таа пресуда на некој начин се компромитира и НАТО Алијансата (која го поддржа грчкото вето), прашањето кое е директно поврзано со оваа тема гласи – дали Грција и понатаму ќе ја продолжи својата политика на уцени кон Македонија?

 Јас мислам дека Грција е во позиција од која е принудена  да се повлече. Прво, Грција е искомпромитирана по неколку основи - лажирањето на европските фондови, загрозувањето на еврозоната, државниот криминал и промоцијата на неофашизмот и ксенофобијата (Златна зора). И второ, пресудата од МСП од Хаг, по што е докажано дека Грција прекршила еден меѓународен договор и ја злоупотребила својата позиција во НАТО. Истовремено, вовлекувајќи ја Алијансата во незаконити дејанија. ЕУ сигурно не сака да и' се повтори нова тужба пред Судот во Хаг, доколку Грција повторно стави вето. Од друга страна, читаме од грчките медиуми дека врз истата таа Грција, ЕУ врши притисок, односно условување за што побрзо решавање на „спорот“ за името со нови кредити за спас на стопанството. На 10 октомври оваа година од Европската комисија пристигна четвртата препорака за почеток на пристапните преговори, плус рамка за решавање на името во раната фаза на преговорите.

 Обично сите лаги еднаш мора да бидат откриени.

 Истото важи и за уцените. И тие еднаш мора да престанат. Без оглед дали ќе ги наречеме „спорови“...

partners partners partners partners partners partners