ПОЛЕМИКА
  • Enter description...
29.07.2013

ПОЛЕМИКА

од Братислав Димитров

Полемика е жестока кавга после која и едната и другата страна, не само што не ги напуштаат своите заблуди и глупости, туку уште повеќе се бетонираат во нив! Во оваа ментална гимнастика, аргументите се важни исто колку и хеланките во гардеробата на нилските коњи. Најважно е да имаш огромно количество на “отров”, а после лесно ќе го распоредиш. Кај нас полемика се поведува само  кога постои опасност  да се открие некоја вистина! И кога “соговорниците” ќе почнат да се пенават и да арчат високи октави, почнува сексуалната и секоја друга обработка на противникот, до трето колено! Овде е подобро да фрлаш јајца на вентилатор отколку да полемизираш. Ем е позабавно, ем нема толку да се искашкаш. 

За да се биде успешен полемичар важни се многу работи, но две се пресудни: специфична пигментација (“дебела кожа”) и долго зборување без да се земе здив. За првиот сите се надарени, но за вториот сака вежбање кое не бара посебни услови. Доволно е леген со вода, полемичарска глава и штоперица. Во секоја полемика важно е да не се држиш до темата и да не го слушаш соговорникот. Доколку ти постави конкретно прашање, ти одговараш со контра-прашање. Кога во минатиот век Американците им забележуваа на Русите дека не дозволуваат основни човечки права и слободи, тие им одговараа: А вие, што им правите на црнците!? Кога тие продолжуваа со критиката на тоталитарниот комунистички режим во СССР  (кој окупира половина европски и други земји) ги дочекуваше во заседа суровото прашање за индијанците!

Кај нас полемиката се усовршува и го достигнува својот зенит. Тука се дискутира што е попрво, кокошката или јајцето? Што е поважно, Шекспир или колбас? Споменик и музеј или леб и путер? Кој е во право, Санчо Панса или Дон Кихот? Овдешниве полемичари се извежбаа како мечки на дајре. Ти поставуваат прашање, одговараат наместо тебе, а после ти кажуваат дека тресеш глупости! Иако сите варијанти на комунистичките режими пропаднаа, чопоративниот менталитет од тоа време сѐ уште одлично се држи. Ти полемизираш со една конкретна личност, но околу вратот ти се бесат роднини, пријатели, партиски другари, работни колективи, невладини организации, граѓани, работници, селани и поштена интелигенција! Јас одбегнувам полемики, но понекогаш безуспешно. 

Снимањето на телевизиска серија е од посебно општествено значење и секогаш е важна вест за секој медиум на светов. Пред десетина години, на уредничката на културната рубрика на “комшискиов” весник и  кажав дека ќе се снима серијата “Салон хармони” според мое сценарио и со учество на сите најдобри актери во Македонија. Уредничката помина покрај оваа вест како покрај турски гробишта. Серијата беше одлично и масовно прифатена, но уредничката беше повеќе заинтересирана за добар сендвич отколку за добра вест. Кога пишував за овој случај во една моја дамнешна колумна, госпожата  престана да ме поздравува! Сега ќе пишувам за нешто друго, со страв дека во мигови на намалена претпазливост уредничката може во кафето да ми стави цијанид, мишомор или некој друг егзотичен зачин. 

Често го слушаме терминот “спонзоруша”, но крајно време е да се воведе и терминот “новинаруша”. Како инаку да се разбере коментар во кој некој ги кара бизнисмените затоа што вложуваат во пивофест или ајварфест а не во некоја “висока уметност” или барем во ликовна колонија во Зрзе?  Тоа се истите оние социјалистички коментари кои ги караат жените дека за 8-ми март играле чочек по кафеани! Мислев дека со заминувањето од политиката на магистер Глигорие Гоговски и падот на Берлинскиот ѕид, ваквите коментари ќе станат се минато. Но изгледа дека интернетов служи за сѐ, освен за информирање. Во која нормална држава некој  смее да се дрзне и да си го земе правото јавно да кажува како некој да си го троши своето приватно време и уште поприватните пари!? Па белки треба да постои некоја мотивација, интерес и систем? Или уште ќе се служиме со аматерски термини од времето ми “градимо пругу-пруга гради нас!” Тука не помага ни ЗНМ, ни Брисел, ни кодекс, ни модекс, ни бајачка, ни Чак Норис, а едвај и Борјан со Ива, познати европски новинари! Пред да го средуваме светот, не е лошо прво малку да се средиме себе си. За почеток, можеме да се потсетиме на некои основни вредности. Домашно воспитување, редовно сечење нокти, капење во сабота или барем плакнење под мишки. Помеѓу овие активности, не е лошо патем нешто и да се прочита!   

Од оваа историска дистанца едно е сосема сигурно: најдобро е да си полемизираш сам со себе. Тоа е единствената шанса барем еднаш во животот да бидеш во право. Имаш свое мислење, ама не се согласуваш со него. Немаш никакво мислење, ама се согласуваш со него. Во случај да си докажан демократ, разменуваш мислења. Влегуваш во кабинетот на шефот со свое, а излегуваш од таму со неговото мислење. Доколку претпоставените побараат од тебе да размислиш за некој проблем, не се залетувај, тоа значи дека не им паѓа на памет да го решат тој проблем. Ако ти не знаеш за овој народен обичај и продолжиш да размислуваш, тогаш ти стануваш проблемот! Има луѓе кои не размислуваат ама баш за ништо на овој свет. Тоа се најголемите филозофи иако не го знаат тоа, а тие што го знаат, не ги признаваат! Најмногу ги има има тие што буквално имаат мислење за сe, освен за една проста работа: немаат мислење за својата нездрава навика, да имаат мислење за сe!  

Како беше во социјализмот? Исто како во оние сиви самопослуги “Славија” или “Центро”. Таму единственото пријатно изненадување беше кога нема да ти вратат кусур во мастики туку во пари! Во ниту еден речник, енциклопедија или што било од тоа време не постоеше зборот “полемика!”  Кога некој критичар ќе се заборавеше и ќе напишеше лоша критика за некој од многуте државни уметници го викаа “на рибање”. Доколку даде чесен комунистички збор дека ќе биде добар и фин, продолжуваше да пишува рецензии за театар, филм или литература. Доколку не можеше да се помири со таа уцена беше префрлан во друга рубрика во која слободно можеше да пишува за цените на раноградинарските производи и оризовата арпа! 

Последната голема и вистинска полемика беше заради Севда и се случи на корзо  ”Пред трујачот”, помеѓу Цанко Курбла и Ганза Смрт. Тоа беше најдолгата тепачка после онаа на Јохансон и Патерсон. Двајца млади хирурзи дипломираа на нив со десетка, а еден психолог докторира на темата “како личниот изглед ја одредува професијата”. Цанко Курбла имаше идеална фаца за радио, каде што веднаш му понудија работа, наводно, Чарлс Бронсон ја одбил понудата. А Ганза Смрт го ангажираа од ликовната академија да позира на часот по апстрактно сликарство! 

partners partners partners partners partners partners