Пет минути слава

  • Enter description...

18.03.2013

ПЕТ МИНУТИ СЛАВА

Од Братислав Димитров

Во старите добри времиња, секој имаше слава. Домашна, разбира се. Домаќините позајмуваа столови и маси од најблиските комшии и ги редеа во својата "приемна" соба, како за парада. Домаќинките гордо ги вадеа своите најубави чаршафи, испрани, штиркани и испеглани. Ритуално и внимателно ги покриваа масите, центрирајќи ги и по неколку часа по рабовите. Поамбициозните невести ставаа и миљенца или шустикли. Колку да изразат додатна почит кон гостите, но патем и да потсетат на својот славен чеиз. Следната фаза е редење јадења на масите според традиционалниот принцип, "да нема каде игла да падне". Народски кажано, на масите фалеше само уште “од поп уво!”

На радиото (за разлика од денес) не мораше  долго време да се бара народна музика. Нејзиното обилно присуство во секојдневниот социјалистички живот беше нормална појава и заради фактот дека тогаш народот беше на власт.  Додуша, преку своите претставници познати и под терминот "авангарда на работничката класа", ама нејсе. И додека насекаде ечат звуците на  "Сношти си дојдов од гурбет мајко", "Заплакало е Мариово", "Бог да убие дебрани", "Бог да бие кој прв почна", "Параходот ми пристигна", "Збогум мајко јас отидов...", цело семејство седи во својата најдобра облека, искапено, исчешлано, потопено во единствениот тогашен парфем “ливанто” (лаванда) и ги чека своите први гости...

А надвор, последната пурпурна свила на денот ги покрива уморните плеќи на околните сртови и ќерамиди, ноќта облечена во свечениот фустан на Скарлет Јохансон, пополека зачекорува во нашето маало, околу нејзиниот порочен врат блескаат небесните дијаманти, а нејзината топла воздишка како штотуку направен мармалад се лепи на растреперените брези, јасики и надежи, додека ние копиљаците изигруваме улично осветлување со нашите “лустер” ишинани тимби, потпрени на тараби со широко ококорени очи во бескрајното небесно индиго...     

И додека да кажеш "кекс", ете ти ги првите, вторите и сите други гости! Прво пристигнуваше нивниот славен парфем, а дури после тие! (Во тоа време, најчеста изрека беше: “Се прави важна, божем ливанто моча!” Разбирливо, ако се земе предвид фактот дека до појавата на “ливантото”, единствен парфем беше мирисот на испотена мишка!) За родендени и слави никој не се кани. Сите добро ги знаат свечените датуми и доаѓаат на време и во комплет. Мајки, татковци, деца, баби, дедовци, стрини, тетки, вујковци, кумови, кумашини, баџанаци, побратими, золви, снаи, јатрви, балдски, свекрви и сите околни комшии! (Една фина бројка која далеку го надминува членството на најголемиот дел од денешниве партии!) Каде се сега сите тие наши роднини пријатели и комшии!?

Домаќинот почитувајќи ја хиерахијата на гостите го поставува своето класично прашање: "Што ќе пиете?" Прашаниот гостин држејќи до својата скромност и домашна култура одговара со своето контра-прашање: "Што имате?" Домаќинот не дозволува да биде збунет и подготвено одговара: "Има се, пиво, вино или ракија?" Гостинот задоволно го избира својот пијалок од поштената понуда а домаќинот продолжува да прашува... (Ај ако смееш прашај ги денешниве "модерни" гости што ќе се напијат? Ќе требе да ангажираш преведувач и шанкер бидејќи барем половината од нивните нарачки не ги разбираш или си ги слушнал само на филм! Па после немало гости? Ќе нема!)

На тие слави скришно доаѓаа и полицајци, воени лица и политичари иако нивната атеистичка религија (комунизмот) таквите посети строго ги забрануваше. Нам нè импонираше дека седат "барабар" со нас "упркос" званичната идеологија, а тие јадеа, пиеја и се веселеа многу повеќе од останатите весељаци! Мерак ни  беше да ги гледаме тие наши роднини, пријатели и комшии, како мљацкаат и ждригаат како и ние обичните смртници! Иако беа власт, тие редовно беа со нас, барем што се однесува до седенките околу богатата трпеза! Многу години подоцна, дознавме дека многумина од нив и не доаѓале “скришно”, туку следеле кој од присутните е против денешницата!?

Зошто ги напишав сите овие носталгични зборови за старите добри времиња? За да потсетам на еден прекрасен обичај кој денес комплетно е забатален. На тие наши тогашни слави, родендени, крштевки, венчавки и обични седенки, луѓето пееја песни! На сиот глас и со голем жар. Тие луѓе сме ние, но тешко дека ќе се препознаеме. Денес не сме ни бледа сенка од оние славни песнопојци. Не сте забележале? Денес никој не пее! Море не само што не пее, уста не му се отвора! Така згасна уште една стара поговорка. "Кој пее зло не мисли", повеќе не важи. Штета. Тогашното наше пеење беше најдобриот чувар на нашето здравје. Вистинска терапија. Катарза, идивидуална и колективна.

Во меѓувреме се случија и други немили настани. Домашната слава ја заменивме за лична! Станавме многу "модерни" и со тивок презир (и срам) ги заборавивме славите. Само најупорните и тие што ја почитуваат традицијата на своите предци, сè уште не се откажуваат од своите семејни слави. Што прават останатите? Останатите трчаат по сопствената (најлична) слава. Стекнуваат "популарност" под мистериозни околности и само ним познати критериуми. Уште еднаш моето хронично нетрпение кон "модерните" времиња се покажува како оправдано. Живееме во време кога секој е подготвен да даде пет години од својот живот за само пет минути слава. И дава. Не прашува за цена."Што пие кафана?" И за разлика од нормалните држави, тука ако некому му дадеш 5 минути слава, тој ќе ги развлече на 50 години!

Судбината на славните луѓе е иронична. Цел живот се борат за да станат славни а после носат темни наочари, за да сокријат кои се. Така е во светот. Кај нас и овој феномен не поминува без "специфичности". Нашиве славни фаци носат темни наочари за да сокријат кои не се! Што да се прави? Некој живее во град, некој во село, а останатите во заблуда. Сè повеќе животот ни  заличува на тегла со слатко, ставена на највисокиот креденец а ние немаме скали, а ниту баба и дедо! Се почесто се чувствуваме како копиљаци на кои им ја скршиле омилената играчка. Директниот судир со реалноста го доживуваме како сообраќајна несреќа. На иднината на песимизмот, гледаме оптимистички!

Точка на гледање. Тоа е едно комотно место од каде што ние различно коментираме еден ист настан. Домаќински кажано, си коментираме така како што нам ни  одговара. Сите случувања во реалноста се само уште еден убав повод, за да направиме настан од самите себе! Со текот на времето, настанот се смалува а ние се зголемуваме! Дали некогаш сме се запрашале, што мислат настаните за нас!?

Затоа се враќам во минатото. Таа далечна година, кога ние излеговме од диктатурата на пролетеријатот, Мерлин Монро излезе од Тихиот океан. До ден денешен, никој не успеал од бикини да истисне повеќе од нејзе!

partners partners partners partners partners partners