МЕНТАЛНИ ШМИНКЕРИ

  • Enter description...

25.02.2013

МЕНТАЛНИ ШМИНКЕРИ

од Братислав Димитров

За разлика од менталните терористи кои се песимисти, менталните шминкери се оптимисти. Тие мислат дека од обичен глупак може да се направи гение, од последен габор прва придружничка на мис, а од “давај-газ”, љубовџија поголем дури и од Ѓузепе, попознат по прекарот Казанова. Иронијата на случајот е што тие навистина успеваат во тоа! Не дај боже да запнат, и од Ал Пачино ќе направат да личи на Владимир Ендровски – Љац! А ако платите добро, така ќе ве стокмат, што Клерк Гебл ќе се откаже од естетските услуги на своите славни мустачиња а Мерлин Монро ќе падне во депресија, ќе се офарба во црно и ќе посака да биде “Бејби” со сите нејзини имиња и презимиња! 

Доколку некоја институција почнува да се растура како леблебија, со комплетен “дизајн” нејзиниот прв човек станува најуспешен раководител на Балканите, па и пошироко! Излегува завалијата пред камерите како Буч Касиди и Кид, топ не го бие, мува не го лази, рамно му е до Косово поле! Последниве дваесет години, во Македонија резултатите на менталните шминкери се најголеми и најбројни. Кога тие некому ќе му направат физички и ментален “стајлинг”, тој мора да вади нова лична карта! 

Дали знаете што е Пи-Ар? Срамота. А ваму знаете да правите зимница, колачиња со ванила и дроб сарма! Не ве мрзи да плетете џемпер со дезен од купишта баклави, а ве мрзи да прашате до каде стигнала каузата на феминизмот на нашите парламетарки. По цел ден дома си месите зелник и немате поим дека сте дискриминирани и колку пластични операции направила Шер со нејзините другачки, сè додека не ви јават независните медиуми! А вашите брачни другари знаат кој фудбалски тим од кој град е, чие колено е повредено и кој натпревар е наместен, а не знаат што е перформанс, постмодернизам или Владимирово!  

Добро, имам разбирање. И јас не знам кога почнал германскиот експресионизам, ама знам да залепам гума на точак! Не можам да се заколнам дека ги сакам менуетите на Лили, ама сакам да јадам тулумби кај Апче. Ако зборуваме искрено, повеќе сакам да научам да врзувам кравата, отколку да погодувам зошто оние две досадни џукели бесконечно чекаат извесен Годо? Ама овие работи се за по дома. Во јавност е друго. Таму ако си искрен, сите ќе мислат дека лажеш!Нејсе.

Пи-Ар е кратенка од “паблик рилејшенс” што значи “односи со јавноста”, под услов сè уште да важи македонскиот јазик. Денес без Пи-Ар никој не оди во парламент или на прес конференција, а камоли во самопослуга! Овие мангупски работи ги изведуваат професионални маркетинг агенции иако овој феномен е познат уште од старо време заради поговорките “лице пиче продава” и “озгора мазно-оздола празно!” Тогаш жените користеле белило и црвенило, и гувееле гледајќи во црната земја. Мажите ги “штуцале” мустаците, чешлале гајтан веѓи и ставале златен саат во џепчето на прслукот.

Следната фаза е ментална шминка според системот “радио Милева”. Неколку стројнички (денешни “копирајтери”) разгласуваат на сите страни дека жените се домаќинки и не се караат со свекрва, а мажите дека не се пијаници и дека наследиле големи пари од родителите! После извесно време ќе се испостави дека многу од тие домаќинки биле “радодајки”, а добар дел од мажите, од своите родители ги наследиле само веѓите и златниот саат кој е направен од бакар! 

Каква е ситуацијата денес?

Ги има на сите страни! Шминкери се луѓе со вишок на форма и недостаток на содржина. Тие секогаш сакаат да бидат во центарот на вниманието. Дури и  кога одат на погреб сакаат да бидат - покојникот! Бескрајно се заљубени во себе и веруваат во реинкарнација. Затоа тестаментот го пишуваат на свое име! Влегуваат во купатило да си ја средат фризурата на 2 фебруари, а кога ќе излезат на 21 март... Кога ви зборуваат за своето минато, толку многу значајно и  с п о р о  зборуваат, што и вие станувате дел од него! Толку се досадни, што за пет минути со нив можете да “утепате” цел ден! Со 2-3 плитки резони, гел се подразбира, со кондури кои чинат колку едногодишна социјалната помош за четиричлено семејство, со безброј врски во општеството и роднински со Барон Минхаузен, ги гледаме постојано и  насекаде, а не е далеку денот кога ќе се појават и зад она стакло на машината за перење! 

Ако вашиот старт во животот и уметноста е Ѓорче Петров или Драчево, нивниот старт (во мислите) е Лондон, Париз или Рим! Па сега ти види. Вие сакате уште некоја година на раат да проживеете во Бајрот (кварт во Битола), а тие ве фаќаат за уво и ве тегнат до Гармишпартенкирхен, Лихтенштајн или некое слично маало за да не ги брукате додека тие ги шмркаат сите оние макијата, капучина, еспреса и разни други кафиња што се вековна традиција во нивната патриотска фамилија! 

Секогаш се во тренд и добро информирани. Знаат кој парфем со кои чорапчиња најдобро кореспондира. Најновата видео игра сè уште не е измислена, а тие веќе го вклучуваат компјутерот! Ги гледате на сите културно-уметнички манифестации и се чудите како успеваат да го победат основниот закон на физиката и да бидат на повеќе места истовремено!? Да не се чудите. Кога тие ќе се појават на било кое јавно место, тогаш околу нив се организираат важни настани, приредби и мултимедијални перфоманси од посебен, море и општествен интерес!  

И додека вие влегувате во шпајз, тие влегуваат во историјата. И додека вие излегувате од пижами, тие излегуваат од академија на науки и уметности. И додека вие гледате во шалтерски службеник, тие гледаат во лицето на вечноста! И додека вие ја следите трагата на неплатените сметки, тие ја следат трагата на парите. И додека вие едвај купувате патики на своето дете, тие прават уште едно дете за да има со кого да си игра нивното расно куче, со педигре поголемо од сопственикот!

Сурово, а? Зависи. Слушам дека наскоро ќе имало избори!!!

partners partners partners partners partners partners