Да не се заборави Букурешт
  • Enter description...
10.12.2012

ДА НЕ СЕ ЗАБОРАВИ БУКУРЕШТ

Од Зоран Петров

Во колективната свест на Македонците, главниот град на Романија – Букурешт, буди мрачни асоцијации на силни трауми од минатото. Најголемата, секако е поделбата на Македонија по Балканските војни. На 10 август идната година навршува еден век од потпишувањето на Букурешкиот договор, а фактите го велат следново: Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, со површина од 34.356 km2 го добила Грција, Вардарскиот дел со површина од 25.342 km2 го добила Србија, Пиринскиот дел со 6.798 km2 и’ бил даден на Бугарија, а Албанија добила 1.115 km2 во западниот дел околу Охридското и Преспанското Езеро. Веднаш потоа започнало асимилирање на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите во Втората Балканска војна македонското име не се споменувало, иако војната главно се водела во Македонија, Според извештаите, Србија загубила 44.500 луѓе, Црна Гора 1.400, Грција 20.000, а Бугарија 93.000 луѓе. Вкупно 158.000 војници ги оставиле животите во Втората Балканска војна, а најопштите претпоставки се дека секој четврти од нив е Македонец, насилно мобилизиран во туѓите армии. Нему и во смртта му било одземено правото да биде Македонец.


 
Деведесет и пет години подоцна во истиот тој Букурешт се случува уште една голема неправда кон Македонија. Од втори до четврти април 2008 година, во романската метропола се одржува највисок собир на НАТО, кој е наречен „Самит на проширување“ на Алијансата. „Јадранската група“ (или групата „А-3“) составена од Македонија, Хрватска и Албанија речиси сигурно влегува во НАТО, претходно поминувајќи ги сите подготвителни фази на реформи и прилагодувања согласно стандардите на Алијансата. Ова посебно се однесува на Македонија, која за разлика од другите две земји, има најдолг стаж во „Партнерство за мир“, со најголем процент војници учествува во ИСАФ мисијата во Авганистан и зад себе има најголем број циклуси на МАП (годишни акциски планови за членство). Сепак, и покрај се’, Македонија не влезе во НАТО поради грчкото спротивставување, кое, пак, беше поддржано од членките на Алијансата. Оттогаш започнува една нова фаза во македонските европски и евроатлантски интеграции, која би ја окарактеризирале со четири букви – вето.
 
Мојот впечаток е дека „вториот Букурешт“, иако се случи пред само пет ипол години, е обвиен со многу повеќе нејасностии за разлика од „првиот“, кој е стар безмалку 100 години. Најголемата причина за тоа, според мене, е преголемата политизација на настанот, кој се користи во меѓупартиски пресметки. Во една таква ситуација, секоја од страните се користи само со делумен арсенал од настани, изјави и документи, додека големата слика, по правило се избегнува. Другото прашање кое често се поставува по фамозниот Самит на НАТО во Букурешт е – дали е крајно време Македонија да дефинира свои „црвени линии“ во т.н. „спор“ за името.      
 
Да се вратиме на неколку познати факти: точно е дека на Самитот на НАТО во Букурешт имавме огромна американска поддршка како никогаш досега. Факт е дека Грција се спротивстави на американската иницијатива, факт е дека македонската страна го поддржа предлогот на Нимиц за „Република Македонија (Скопје)“ и факт е дека Грција стави вето не на новиот предлог за името, туку на зачленување на Македонија под референцата.
 
Потрошив доста време да ги проучам настаните непосредно пред букурешкиот НАТО Самит, бидејќи во еден релативно краток период се збија серија настани поврзани со прашањето за името кои се преклопуваа еден со друг и внесоа голема забуна во целиот процес. Имено, во ист период се поклопија неколку извонредно значајни настани за нас – прво, преговорите за името во врска со предлогот на Нимиц, второ, притисокот на САД за изнаоѓање конечно решение за името, но и за влез на Македонија во НАТО (заедно со Хрватска и Албанија од А-3 Групата) и трето, Самитот на НАТО најавен како самит на проширување. Значи, почетокот на таа, за нас клучна 2008 година, беше прилично усвитен. Да одиме по ред. 

На 19 февруари 2008 година Нимиц во Атина излезе со нов Предлог во девет точки, кој содржеше пет имиња (Уставна Република Македонија, Демократска Република Македонија, Независна Република Македонија, Нова Република Македонија и Република Горна Македонија). Во точката седум од Предлогот стоеше следново: „Зборот ’Македонија’ самиот по себе не ќе треба да се признава како официјално име, типично или атипично, за Втората страна (согласно Времената спогодба, Втората страна е Македонија), или како официјално име на која било друга држава“. По повод овој апсолутно прогрчки предлог на Нимиц, ја регистрираме изјавата на тогашниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски, кој изјави дека „со последниот предлог, медијаторот излегол од својот мандат“. Според мене, ова е досега најостра критика дадена за работата на Нимиц, од страна на било кој висок македонски државен функционер. Треба да се знае дека во октомври 2007 година, Нимиц лансираше некаква „Рамка за преговори“, во која повторно се инсистираше ниедна од страните да не може да полага ексклузивно право на терминот „Македонија“. Стана мошне очигледно дека специјалниот претставник на Генералниот секретар на ОН, се наоѓа под големо грчко влијание, а тоа остро го критикуваа и неколку македонски дневни весници. Инаку, предлогот на Нимиц од 19 февруари 2008 година и од грчка страна беше оценет како „нецелосен“ и надвор од грчките интереси. Така, овој обид пропадна. 

Од него останаа две битни последици. Првата е што Грција за прв пат излезе со барањето за сложено име со географска одредница за севкупна меѓународна употреба (erga omnes), нешто кое неколку месеци подоцна во форма на Предлог ќе биде детализирано и правнички образложено повторно од самиот Нимиц. Втората е што Македонија тогаш за последен пат ја понуди својата „двојна формула“ – уставното име за целиот свет плус заемно прифатливо име со Грција за билатерална комуникација (inter partes). Овој македонски предлог, тогашната миснистерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани го оцени како анахрон и како одење против преговорите, со што на нашата страна јавно и децидно и’ беше дадено до знаење повеќе да не ја експлоатира двојната формула.
Како што наближуваше Самитот во Букурешт, македонската Влада започна со засилена кампања во светските дневни весници, во обид да ја објасни својата позиција, но и да превенира евентуално вето од Грција. Во една ваква тензична ситуација, во неколку западни медиуми беше објавена веста дека американската администрација директно ќе се вклучи во преговорите, па дури и дека ќе именува свој директен преговарач, при што беше споменато името на тогашната американска амбасадорка во НАТО – Викторија Нуланд. Оваа информација беше преземена и од грчки медиуми, но она што е битно – никогаш не беше официјално потврдена од американска страна. Никогаш нема да дознаеме дали се работи за обична шпекулација, или за класично тактизирање односно т.н. „пробен балон“ на Грција, за да се види реакцијата на САД.
Во секој случај, настаните што следеа во деновите непосредно пред и за време на одржувањето на букурешкиот Самит на НАТО, јасно покажаа дека американската администрација на крајот од својот мандат беше решена да го затвори прашањето за името. 

Во март 2008 година бележиме уште еден настан кој ја подгреа состојбата на неизвесност. По силниот интензитет на средби на амбасадорско и министерско ниво во Њујорк и Брисел, на 17 март во Виена посредникот Нимиц предложил три, исто така оквалификувани како прогрчки предлози, но неговиот официјален став по средбата со тогашните преговарачи (Димитров и Василакис) бил дека немало нови предлози и дека е оптимист за решавањето на „спорот“ до Самитот на НАТО. Тој ги повикал двете страни во наредните денови да ги интензивираат преговорите и ги поканил на следна средба во Њујорк (карактеристично е што дел од средбите се одржувале и во приватната адвокатска канцеларија на Нимиц).
Неговиот последен официјален предлог беше даде само пет дена пред НАТО-самитот во Букурешт, односно на 26 март 2008 година и гласеше „Република Македонија (Скопје)“, како име за меѓународна употреба. По повод предлогот, поранешниот македонски министер за надворешни работи, Антонио Милошоски изјави дека се работи за „конечен предлог по 17 годишно преговарање“. Грчката страна (Дора Бакојани) веднаш го одби како „далечен од целите на Грција“.

И конечно се случи Самитот на НАТО од втори  до четврти април 2008 година. Македонската делегација предводена од претседателот на државата, Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, министерот Милошоски плус речиси 50 члена, со виден оптимизам и ентузијазам замина за Букурешт. На тоа извонредно конвенираше изјавата на американскиот претседател Џорџ Буш, дека Јадранската група – Хрватска, Албанија и Македонија ги гледа како идни членки на Алијансата. И... она што се случи понатаму, мислам им е познато на сите.

На втори април, на неформалната вечера на шефови на држави и влади на земјите-членки на НАТО, од страна на тогашниот грчки премиер Костас Караманлис, кој претходно имал остра и жолчна дискусија со Буш, дошол предлогот „Република Скопје (Македонија)“, но бил одбиен од македонска страна како непристоен. Тоа официјално беше соопштено наредниот ден од страна на поранешниот Генералниот секретар на Аијансата, Јаап де Хоп Шефер, по што македонските новинари во знак на протест ја напуштија седницата. Исто тоа подоцна го стори и македонската официјална делегација.

Во Грција настана еуфорија, а премиерот Караманлис и министерката Бакојани со кренати раце ја прославија „победата“ за името. Всушност, направија нешто што не смееја да направат и дури допрва ќе се анализираат последиците од грчкото вето за Македонија. Му врзаа шлаканица на Буш и ги понижија САД. Останува да нагаѓаме дали она што се случи само една година потоа влегува во контекст на теоријата - „Империјата го враќа ударот“, кога од страна на неколку американски фондови беше минирана корумпираната грчка економија, а со тоа сериозно беше (и сеуште е) дестабилизирана евро-зоната. На парламентарните избори 2009 година, Неа демократија доживеа страшен дебакл, Караманлис беше сменет и против него се води истрага за корупција, а кирја Бакојани на прилично понижувачки начин беше набркана од партијата од страна на новиот лидер, Андонис Самарас.

За жал, ние од тоа немаме никакво фајде. Всушност, имаме. Знаеме до кои ирационални граници може да оди нашиот јужен сосед оспорувајќи го нашето име, идентитет, јазик и култура. Зборуваме за истиот оној сосед кој пред еден век грабна најголем дел од етничката територија на Македонија.   

partners partners partners partners partners partners