Белорусија љубов мојаа

  • Enter description...

05.07.2016

Белорусија љубов моја

Колумна на Емил Анастасов (ДЕМОС)

Јас не знам навистина што и досега баравме во тие глупави води на некаква си ЕУ и уште помалку НАТО.

Апелирам до владеачката партија и до Владата на Република Македонија (иако некои злобници велат дека тоа ти е едно те исто), веднаш да покренат процедура во Обединетите нации за да се промени толку омразениот акроним FYROM со нов, многу поубав, позвучен и поперспективен - FRPM – Future Russian Province of Macedonia (Идна Руска Провинција Македонија).

Да, да, тоа ќе биде вистински погодок! Јас не знам навистина што и досега баравме во тие глупави води на некаква си ЕУ и уште помалку НАТО!? Ете видовме дека ЕУ се растури (иако сега Британците дебело, кобајаги, се каат за брегзитот, па ќе го замрзнеле и изгледа дека воопшто нема да излезат од ЕУ), а НАТО, кој така безобразно демонстрира сила на границите на братската ни мајка Русија, што кај и да е ќе си го добие во најблиска иднина!

Ха, ха, ЕУ ни вовела некакви санкции, та годинава ќе сме загубеле некакви 130 милиони евра. Бре, бре, голема работа, та ние неделно толку трошиме на нашите прекрасни проекти како СК 2025 и компјутер за секое бебе, така што овие суми се како мува да не полазила! Сирота ЕУ, мислат дека со овој смешен потег ќе нѐ принуделе да бидеме послушни и кооперативни!? Ај, ај, колку се глупави и наивни! И уште некои злочковци и предавници на нацијата зборуваат дека ова било само почеток, дека сето тоа ќе испратело многу лош сигнал кон сите наши економски и секакви партнери... Да се чудиш, да им го гледаш паметот и да им ја кроиш капата... глупава!

И уште плус, глупоста продолжува, сега и Американците ќе нѐ казнувале, ќе престанеле да ни даваат визи, ќе ни правеле проблеми со сметките што ги имаме низ светот, ќе ни ја стопирале нивната помош и сѐ такви некои малоумности. Зарем  некој сака да оди во  таа Америка, па таму и онака сите се луди, лезбејки, педери и наркомани. А што се однесува до нашите пари, тие и онака се безбедни на поисточната страна на планетата, ха,ха,!

Помошта пак што Америка ни ја дала, велат и се фалат, се мерела со неколку стотици милиони долари неповратна помош и многу повеќе од тоа поволни кредити... Туф, туф, голема работа! Некоја пара можеби и дојде од преку Атлантикот, но кога таа не е со алал дадена, кога за тоа цело време те контролираат и ти попуваат дека не си бил демократичен и не си ги почитувал човековите права, налет нека е! Подобро да не ни даваат ништо!

Некои злобници и непатриотски елементи се исплашиле дека тие пари, како од ЕУ, така  и од Америте, не ќе сме ги добиле од братска Русија и слични пријателски земји. А јас им велам – Русија можеби ни една копејка нема да ни даде, но важно е дека сме во прегратка на големиот славјански брат, кој толку многу нѐ сака и се грижи за нас. И не само за нас, тој се грижи за сите балкански браќа и сите ќе не одведе во посветла иднина!

А таа иднина е добро позната – се вика Белорусија! Идеална земја, силна демократија, голема перспектива! Претседателот е 50-тина години на власт, сите избори ги добива со 95 проценти гласови, опозиција нема (а и не треба да ја има, нели!), невладин сектор,  оние платениците и антихристите, се забранети и не постојат, народот хибернира во мир и спокојство, а милата врхушка скромно троши милиони за да го одржи својот неземски и посветен живот истовремено подготвено бранејќи се од сите домашни и странски непријатели, што постојано и постојано се обидуваат да ја прекинат оваа неверојатна идила!

Па, драги мои, со господ напред, во нови победи и остварувања!

Единствено ме плашат некои зли јазици, платеници и непријатели кои сѐ почесто трубат дека - Господ нема!?!

Извор: Мкд.мк

partners partners partners partners partners partners