Трајанов: Вонредната состојба да престане
14.04.2020

Трајанов: Вонредната состојба да престане

Правници предупредуваат дека шефот на државата нема уставно право да донесе одлука за продолжување на вонредната состојба.

Задутре, на 16-ти април, истекува 30-дневната вонредна состојба на територијата на целата држава, која беше прогласена со одлука на шефот на државата, Стево Пендаровски, на 18-ти март годинава, заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот Ковид-19.

До денес се уште не се престанати причините поради кои беше донесена таа одлука, а правници предупредуваат дека Уставот не му дава право на претседателот „да ја продолжи“ вонредната состојба.

„Полека запаѓаме во длабока уставна криза која може да доведе до несогледливи последици“, вели адвокатот Александар Тортевски.

„Уставот децидно определува дека вонредната состојба може да трае најмногу 30 дена. Нема одредба дека може да се продолжува. Да сакал уставотворецот да каже дека може да се продолжува, ќе напишел дека може. Претседателот може само во исклучителни околности да ја прогласи, но мислам дека нема право да ја продолжува. Особено што ќе нема кој да ја прекине, ако престанат причините. Колку- толку ова може да се санира само со свикување на Собранието. Ни првите 30 дена практично не се потврдени, а треба да се носи одлука за нови", укажува Тортевски.

Тој потсетува дека претседателот на државата мора одлуката за прогласување на вонредна состојба да му ја поднесе на одобрување на Собранието веднаш штом тоа ќе биде во состојба да се состане.

„Ова е особено важно, затоа што одлука за престанок на вонредната состојба може да донесе само Собранието. Ваквата норма има длабока логика затоа што престанокот на причините за воведување на вонредна состојба, веднаш значат дека и Собранието може да се состане. Вака како што мислат, може да се случи да одиме на избори во вонредна состојба. А тезата на Џафери дека Собранието не може да заседава е опасна, затоа што нивниот мандат трае до избор на нов состав. Исто така, Владата нема мандат да носи одлуки кои што временски ќе важат надвор од периодот од 30 дена. Така би можеле денес да донесат одлука дека целата 2020 година ќе ја поминеме во карантин“, реагира Тортевски.

 

Наместо продолжување на старата, можна е нова одлука

Од Кабинетот на претседателот Пендаровски потврдуваат дека „формално правно, продолжување на вонредната состојба не е можно, бидејќи нема уставен основ".

„Но, претседателот може да донесе нова одлука за повторно утврдување на постоење на вонредна состојба, на дел или на целата територија на државата, за најмногу 30 денови врз основа на претходен предлог од Владата. Бидејќи правната ситуација во однос на Собранието не е променета (одлуката за распуштање на Собранието е во сила), Владата својот нов предлог ќе го упати до претседателот, а тој, доколку оцени дека е потребно, за што има дискрециско право, ќе донесе одлука за прогласување на вонредна состојба и во наредниот период, до најмногу 30 дена“, велат од Кабинетот на претседателот.

На претседателската одлука од 18-ти март со која беше прогласена вонредна состојба, и претходеше барање од Владата упатено до Собранието, кое според Уставот е прво надлежно за прогласување на вонредна состојба. Но, претседателот на Собранието, Талат Џафери, го препрати барањето до шефот на државата, тврдејќи дека тој не може да го свика распуштеното Собрание. Одлуката за тоа прашање Џафери му ја препушти на шефот на државата во согласност со членот 125 од Уставот: „Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане".

Пендаровски во вонредното обраќање на 18-ти март изјави дека пред истекот на 30-те денови од вонредната состојба очекува Владата да му поднесе детален извештај за ефектите од преземените мерки, и образложен предлог за потребата од евентуално продолжување на вонредната состојба за дополнителни 30 денови. Во меѓувреме, на 31-ви март претседателот ја закажа четвртата седница на Советот за национална безбедност, посветена на вонредната состојба поради кризата со коронавирусот. Тогаш тој најави дека ќе се одржи уште една седница на Советот пред истекот на вонредната состојаба, што значи дека таа мора да се одржи најдоцна до 16-ти април.

 

Трајанов: Вонредната состојба да престане

Но, во јавноста има и други прашања - дали и натаму има потреба од вонредна состојба. Според лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов-нема!

„По истекот на 30 дена од воведување на вонредна состојба, истата треба да престане, а мерките за спречување на ширење на епидемијата и заштита на здравјето на граѓаните да продолжат, согласно со проценките и потребите. 

Пред да престане вонредната состојба, треба да се донесе уредба со законска сила со која парламентарните избори ќе се одложат за најмалку три месеци по престанување на истата. Уредбата со која се замрзнаа изборните активности и истите треба продолжат веднаш по укинување на вонредната состојба е неспроведлива и недемократска. Тешко е да се организираат фер и демократски избори без претходно време и услови за искажување на различни ставови за сите аспекти на вонредната состојба и ефектите од истата, како се менаџираше кризата, и како дејствуваше здравствениот и целокупниот систем во услови на криза, полициски час...", објаснува Трајанов.

Тој смета дека треба да се отвори расправа во јавноста, пред евентуално да се донесе нова одлука за вонредната состојба.

„Треба да се направи анализа за сите аспекти од вонредната состојба, и во градењето на таквата одлука да се вклучат сите субјекти во државата. Беше сосема логично и во согласност со Уставот да продолжи со работа Парламентот, тој да одлучи за се што е неопходно за државата, и да ја оцени одлуката за вонредната состојба, како и другите одлуки што се носат. Парламентот е во постојано заседание и мандатот на пратениците трае се до верификација на мандатот на новоизбраните пратеници", потенцира лидерот на ДС.

Според него, некои од мерките не ги даваат очекуваните резултати и негативно се одразуваат на бизнисот, создаваат метеж пред банките, аптеките, продавниците за храна, односно стануваат идеални услови за ширење на Ковид-19.

„Некои од мерките и не се поткрепени со образложение. На пример, за два часа граѓаните над 67 години треба да купат и лекови, заштитни средства, храна, да ги платат сметките... Тоа е невозможно, и овие мерки не се во функција на заштита на нивното здравје. Уште помалку е прифатливо пред банките армијата да воспоставува ред, а не волонтери или редари од фирмите кои имаат огромни профити“, смета Трајанов.

 

Преземено: Deutsche Welle, dw.com/mk

partners partners partners partners partners partners