Што по средбата на Ковачевски и Петков во Рим?

24.05.2022

 

Што по средбата на Ковачевски и Петков во Рим?

 

 

 

Претседателот на ДС, Павле Трајанов кој е коалиционен партнер во Владата, во следниве денови очекува засилен дипломатски притисок од САД врз двете страни. Според неговите информации од дипломатски извори кои ги соопшти во вчерашната Само вистина, американската „булдожер“ дипломатија се подготвува да ги седне на маса и македонската и бугарската Влада се додека не најдат заедничко прифатливо решение. Дали ќе има договор до јуни не се знае, но Трајанов е убеден дека ЕУ нема капацитет да решава сложени прашања, додека американската дипломатија нема да се откаже од притисокот за да се надмине спорот наметнат од Бугарија.

- Се додека не се вклучи американската дипломатија нема да се реши ваков сложен проблем. Очекувам следните неколку денови да започне „булдожер“ дипломатија. Тоа значи можна е балканска конференција меѓу Македонија и Бугарија, а организатори да бидат САД. Слично како што беше Дејтон, лидерите на двете земји да седнат на заедничка маса, се додека не се најде прифатливи решение. Имам одредени информации од дипломатски избори дека тоа се подготвува, изјави Трајанов.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во пресрет на јуни очекува заедничка дипломатска офанзива и од САД и од ЕУ. Но според него власта повеќе треба да внимава на квалитетно, отколку на избрзано решение.

- Ако зборуваме за брзината на јуни, најдобро би било тоа да биде координирана акција и од САД и од ЕУ. Но не е секогаш брзината гаранција за квалитетот. На крајот на краиштата ние во овој период и тоа гледам дека Ковачевски го спомнува неколку пати треба да внимаваме и на квалитетот на решенијата. Тоа не треба да не донесе во ситуација сега да го откочиме процесот за веќе на наредната кривина да се соочиме со проблеми. Ако се работи на некој документ тоа е добро, но мислам дека тука владата е во право, не треба да се врзуваме толку за датуми, колку за тоа да добиеме решение кое навистина ќе го унапреди процесот на интеграција, изјави Арсовски за Канал 5.

Премиерите Ковачевски и Петков по вчерашната средба во Рим соопштија дека иако нема договор меѓу двете страни, дијалогот ќе продолжи се до изнаоѓање на заеднички прифатливо решение. Ковачевски повтори дека не сака да се врзува со датуми, додека според Петков евентуалниот договор треба да мине низ три фази, а крајниот збор да го има Собранието.

Бугарскиот премиер уште во петокот побара од Радев да закаже консултативен состанок на Советот за национална безбедност, но пртеседателот вчера кажа дека прво ќе чека да ги слушне ставовите на Петков, пред да одлучи да ќе го прифати барањето.

 

Избор: https://kanal5.com.mk/shto-po-sredbata-na-kovachevski-i-petkov-vo-rim/a531328?fbclid=IwAR3Xx5Cnnh3JkGEddKFN5LwgF4Ah3A6ZDfX1b2KeAEYmFaTTUIqvEPu1XOw

partners partners partners partners partners partners