Павле Трајанов: Што сакаме - едно општество за сите или етнички гета?

12.02.2021

Павле Трајанов: Што сакаме - едно општество за сите или етнички гета?

Запишувањето на етничката припадност во личните карти е во спротивност со граѓанскиот концепт на државата и со приватноста на граѓаните.

Интеграција или сегрегација - кон што ќе води запишувањето на етничката припадност во личната карта, предложено од БЕСА, кое добило поддршка и од други партии? Ова не е прашање кое во моментов добива гласност. Додека во јавноста масовно се дебатира за вакцини, попис и партиски конгреси, од БЕСА - како што најавија, така и се случи: нивниот предлог денеска ќе биде на дневен ред во матичната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. ДВ побара мислење од повеќе партии, но не доби одговор што добиваат граѓаните со предложената измена.

Предлагачи на законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, по скратена постапка, се група пратеници од БЕСА. Тие предлагаат во личната карта да биде запишана и етничката припадност, преку допрецизирање на членот 5 став 2 од законот, со кој се утврдуваат податоците што треба да ги содржи образецот на личната карта. Досега тие податоци се: презиме и име на граѓанинот, државјанство, пол, датум на раѓање, матичен број, датум на издавање на личната карта, датум на важење на личната карта, место на раѓање на граѓанинот, живеалиште и адреса, надлежен орган кој ја издал личната карта, број на личната карта и потпис на имателот на личната карта.

„Заради усогласување на законот со Уставот на Република Северна Македонија, а пред се' од причина што сметаме дека припадниците на етничките заедници имаат право да ја искажат својата етничка припадност, предлагаме членот 5 став 2 од законот, односно образецот на лична карта да се дополни и со податоци за „етничката припадност“, велат предлагачите, објаснувајќи дека станува збор „за сите етнички заедници предвидени со Уставот на Република Северна Македонија".

Затворање во етнички гета

На ниту еден граѓанин досега не му било ускратено правото да ја искаже својата етничка припадност. Но, барањето за нејзиното декларирање во лична исправа отвора други аспекти, вели пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократскиот Сојуз и поранешен министер за внатрешни работи. Тој повикува пратениците да го преиспитаат ставот околу ваквите предложени измени.

„Без разлика што сите партии застапени во Парламентот досега немаа забелешки, а некои еуфорично ги прифаќаат измените, сугерирам уште еднаш да се преиспитаат овие промени кои треба да се вградат во документ за идентификација, во кој воопшто не се битни податоците за етничката припадност, освен ако не се ‘предвидува’ во иднина стекнување на предност и права поврзани со неа“, вели Трајанов.

Тој потенцира дека во предлог законот воопшто нема компаративни податоци за примена на такво решение, но и дека се отвора простор за други „надградби“ .

„Тоа навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина е нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа, поларизација и поразличен третман. Овој податок што ќе се внесува во личната карта ќе значи и можност за пребројување по етничка припадност и поделби по таа основа, затворање во етнички гета, поделби, расправии, нетрпеливост на етничка основа. Во иднина може да се бара и религиска определба да се впишува во личната карта, но и други каректеристики и обележја за секој поединец или колективитет“, предупредува Трајанов.

Отсуството на валидно образложение за предлогот нѐ враќа на „корените и мотивите“ на барањето на БЕСА за разграничување на државјанството со етничката припадност, кои доминираа пред усвојувањето на уставните измени кои произлегуваа од Преспанскиот договор. Ставот беше дека терминот „државјанство: македонско/ граѓанин на Република Северна Македонија“ може да алудира дека сите се етнички Македонци. Иако беше посочено дека тоа е апсурдно, со најблизок пример од соседството (на Албанците во Косово не им пишува ништо друго, освен косовско државјанство), од БЕСА останаа на истиот став.

Спротивно на граѓанскиот концепт

Битката за рејтинг преку натпревар за освојување нов етнички поен или трофеј, во овој случај може да биде спорна и контрапродуктивна, бидејќи запишувањето на етничката припадност во личните карти е во спротивност и со граѓанскиот концепт на државата и со приватноста на граѓаните.

Потребата од вклучувањето на етничката припадност во личните карти често се аргументираше и со нужноста од спречување на бројни манипулации со етничка припадност при вработувања во државната администрација, според принципот на соодветна и правична застапеност. Но, за превенција од таков тип злопутреби има голем број други можности, во кои воопшто не спаѓа „етнизирање“ на личната карта.

 На крајот, овој предлог закон се разминува и со националната стратегија „Едно општество за сите“, со која Владата најави дека ќе води политика со која земјата ќе се гради како граѓанска држава на сите што живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други помали заедници.

„Ќе градиме мултикултурно општество во насока на поголема интеркултурна комуникација и градење дух на почитување и културен плурализам (...) Наша главна заедничка цел ќе биде да изградиме толерантно општество. Затоа, ќе поддржиме програми коишто, заедно со мерките во образованието, социјалната политика и понатамошниот културен развој, треба да ги ослободат младите од етничките стеги и од меѓусебните предрасуди и да им овозможат комуникација во која, пред сè, заемно ќе се почитуваат (...) Нема да создаваме етноцентрична култура, затворена меѓу четирите ѕида на сопствената етничка припадност“, најавуваше Владата.

 

Извор: DW

partners partners partners partners partners partners