Павле Трајанов: Инцидентите ги прават партиски членови

14.04.2020

Павле Трајанов: Инцидентите ги прават партиски членови

Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, смета дека не треба да се продолжи вонредната состојба, а за Велигден полицијата да покаже поголема толеранција, бидејќи генерално вакви какви што се сега мерките имаат спротивен резултат.

Тој не гледа сепак никакво недозволено однесување на полицијата за време на инцидентот во Ченто синоќа, кога беа приведени три лица поради непочитување на полицискиот час, бидејќи како што рече, нејзина задача е да ги извршува мерките донесени од Владата. И се додека е така, според него не треба да има флексибилност за никого, ако не ги почитува.

-Граѓаните треба подеднакво да ги почитуваат мерките, и генерално мислам дека го прават тоа. Но, има вакви инциденти и лошо е што тие се случуваат на партиска основа, односно членови од СДСМ протестираат против министер од ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии треба да дејствуваат смирувачки  и да инсистираат кај своите членови да ги почитуваат мерките, а полицијата има капацитет да ги спроведе, смета Трајанов.

Според него, друг аспект е сепак дали сите мерки што ги предлагаат здравствените власти се ефективни и во функција на неширење на заразата.

-Не е можно за два саати да се завршат сите работи, па се создаваат метежи перд сите аптеки, продавници, банки, што се идеални услови за ширење на болеста. Или, пак, армијата да прави ред пред банки или продавници. Тоа е катастрофа. Знаете ли колку заработуваат овие фирми сега? Нека си ангажираат редари, малку ли профит имаат?, вели Трајанов.

За него ваквото спроведување на мерките е лоша одлука и треба да се направи проценка одново дали тие се соодветни и какви ефекти имаат во практика. Околу тоа дали треба да се продолжи вонредната состојба на 17 април, тој децидно вели не.

-Вонредната состојба треба да престане, мерките да продолжат додека има потреба од нив и да се донесе уредба со која ќе се одложат изборите за три месеци, вели Трајанов.

Тој сугерира за празникот полицијата сепак да покаже толеранција и да им дозволи на родителите да ги шетаат децата за да  го јакнат имунитетот бидејќи седењето по станови има контраефект.

Мерките на Владата за Велигден, судејќи по инцидентот вчера, имаат потенцијал да предизвикаат инциденти, бидејќи освен што опаѓа трпението кај граѓаните, тие стануваат новата тема околу која ќе се води политичко препукување. Иако од опозицијата од почетокот бараа порадикални мерки за справување со епидемијата, сега шират расположение дека се крши Уставот и се злоупотребува армијата. Илија Димовски вчера напиша дека АРМ може да превземе чување на граница, стратешки објекти, државни згради, но да воведува ред пред маркети и банки е надвор од здравиот разум.

-Нема да коментирам повеќе, но Уставот можете да го заборавите и така пола повеќе не го сакаат, а другата половина не го почитуваат, напиша Димовски на Твитер. Тоа што не ја спомена полицијата е поради фактот што МВР го води нивни министер, па мора да внимаваат – и да критикуваат и да не си наштетат на својот министер.

 

Преземено од Независен.мк

partners partners partners partners partners partners