Една изборна единица - голем театар

06.11.2019

Една изборна единица - голем театар

Консензус меѓу партиите за една изборна единица засега нема. Лесно е една партија да ја поддржи инцијативата, кога знае дека другите нема да го сторат тоа. И така почнува големата претстава.

Едни искрено покренуваат иницијатива за напуштање на изборниот модел со шест изборни единици и воведување на моделот Македонија да биде една изборна единица, а други со лажна поддршка ја туркаат таа идеја. Ова е впечатокот по вчерашната дискусија на таа тема. За да се промени моделот од шест во една изборна единица, нужни се два услова: прво, консензус на политичките партии и второ, според меѓународните стандарди за избори и препораките на ОБСЕ/ ОДИХР тие промени треба да завршат една година пред изборите.

Консензус меѓу партиите засега нема. Лесно е една партија да ја поддржи инцијативата, кога знае дека другите нема да го сторат тоа. И така почнува големата претстава.Со една изборна единица партиите на Албанците губат и затоа се залагаат за три изборни единици. СДСМ јавно дава поддршка за една изборна единица, но потсетува дека така тие губат најмногу.  ВМРО-ДПМНЕ  вели - а зошто да нема мнозински изборен модел со 120 изборни единици, додавајќи дека до изборите нема време за промени. Бидејќи големите партии губат со една изборна единица, и покрај вербалната поддршка од некои, тие искрено не се заинтересирани да го изгубат „монополот“ врз гласовите кој досегашната распределба им го обезбедува. Со шест изборни едници, во распределбата на гласовите по Донтовиот модел најмногу се губат гласовите кај помалите партии. Од тие причини тие се најмногу заинтересирани за една изборна единица, во која правично ќе бидат факторизирани, а со тоа ќе се намали или елиминира досегашната практика дел од малите партии да бидат прикачени во коалицискиот омнибус на големите.

Но, прашањето е дали и колку иницијативата зад која застанаа 15 пратеници е искрена од сите што го ставиле потписот на неа. Бидејќи тие допрва ќе доставуваат предлог за измена на изборното законодавство, а подготвен предлог-закон за промена во една изборна единица без изборен праг веќе е доставен до парламентот од страна на Демократскиот Сојуз.

Зошто со пратенички потписи тој предлог не го ставиле во процедура? Ако се работело за суета околу „авторството“, можеле со ДС да го разгледаат, дополнат и поднесат како предлог на повеќе пратеници, во интерес на времето. Со оглед дека се бара промена од шест изборни единици во една, технички не е невозможно тој процес во парламентот да заврши во пристоен рок. Но, повторно се враќаме на првиот услов: без обезбеден консензус за промени во изборното законодавство целиот напор би бил залуден. Имајќи предвид дека  изборите се закажани за 12-ти април 2020 година,  дека има шест месеци до  изборниот датум , и дека има предлог кој допрва треба да биде поднесен во парламентот, целиот овој напор наликува на невозможна мисија за априлскиот изборен циклус. Ако пак треба да се крои за натамошните циклуси, ова не е вистинско време, бидејќи сите ќе го користат за  купување изборни поени. 

Инаку, аргументацијата на иницијаторите воопшто не е спорна. Точно е дека една изборна единца може да донесе поголема демократизација, плурализам и инклузивност, дека ќе го разниша монополот на две најголеми политички партии, и дека ќе обезбеди повеќе место за помалите. Ќе има еден пошаренолик парламент кој ќе води што подалеку од црно белите поделби на леви и десни и ништо помеѓу или нешто ситно, и тоа ставено во погон за превласт.

Ако се направи симулација на гласовите што ги добија политичките партии кои учествуваа на парламентарни избори на 11 декември 2016 година и ако тие да се прикажат како гласови што би биле добиени доколку Македонија е една изборна единица, покрај коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, ДУИ, ДПА, БЕСА и Алијанса за Албанците, во Собранието би влегле и четири пратеници од три помали партии.

Разочараноста на граѓаните од власта и опозицијата може овие бројки да ги зголеми многу повеќе. И во таа грмушка лежи зајакот. Ниедна од големите партии не сака дополнително да губи. Бараат формула како да добијат повеќе, а промената во една изборна единица не води кон нивната цел. Така што и оваа искрена иницијатива за промена зависи од „големите" и засега има сосема предвидлив епилог. Се` друго е театар.

Преземено: DW

partners partners partners partners partners partners