ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: ПРИОРИТЕТИ ЗА РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕ

19.07.2021

ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: ПРИОРИТЕТИ ЗА РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕ

На денешната прес-конференција (19 јули 2021) на ДС, Павле Трајанов ги презентираше приоритетите за развој на општините.

Трајанов нагласи: „Во пресрет на локалните избори, Демократскиот сојуз подготви предлог - приоритети за развој на општините. При тоа, ги повикува граѓаните, експертите, невладините организации и медиумите со свои забелешки, сугестии, идеи, но и конкретни проекти, да се вклучат во нивна разработка и проширување. 

Овие приоритети се основа за подготовка на изборните програми на Демократскиот сојуз за Град Скопје и за општините во Македонија. 

 

Врвни приоритети на Демократскиот сојуз:

- Заштита на стратешките државни и национални интереси, а пред сѐ, интересите на граѓаните на централно и локално ниво.

- Заштита на основните човекови права и слободи и залагање за поквалитетен и подобар живот на сите граѓани.

- Натамошна децентрализација на власта, пренесување надлежности на општините, нивно финансиско зајакнување и осамостојување, како главни предуслови за економски развој.

 

Во функција на нивна реализација, Демократскиот сојуз предлага:

1. Во рок од шест месеци да се донесат генерални и детални урбанистички планови на цела територија на државата, со кои ќе се предвидат повеќе локации за градба согласно потребите на граѓаните, но и согласно урбанистичките, еколошките и безбедносните стандарди. Социјално загрозените семејства да бидат ослободени од плаќање комунална такса.
 
2. Создавање услови за развој на приватни бизниси, привлекување домашни и странски инвестиции, поддршка на земјоделството, развој на обновливи извори на енергија и гасификација.
 
3. Обезбедување квалитетна здравствена заштита за сите, а особено за лицата кои живеат во руралните средини, чиста вода за пиење и решавање на комуналните и инфраструктурните потреби на граѓаните.
 
4. Робусна борба против урбаната и комуналната мафија која остварува огромни профити од  нелегално складирање опасен отпад, како и бескомпромисна борба против загадувачите на воздухот.
 
5. Чиста животна средина, здрав воздух и здрава храна, достапност на лекови за сите социјални категории граѓани, поголема грижа за повозрасните, за лицата со посебни потреби и социјалните случаи.
 
6. Конкретни решенија за намалување на сообраќајниот метеж во урбаните средини, преку изградба на паркинзи, катни гаражи, надвозници и клучки на крстосниците, воведување ред во работата на угостителските објекти и гласната музика, давање субвенции за автомобили на електричен погон, зголемување на зелените површини и конкретни планови за намалување на ризиците од елементарни непогоди и природни или вештачки несреќи или кризи.
 
7. Поефикасно справување со последиците од пандемијата и негативните импликации врз економијата, стандардот на граѓаните и финансиска поддршка на компаниите кои трпат последици од пандемијата.
 
8. Формирање урбана полиција која, меѓу другото, ќе спречува дивоградби, загадување, вандализација на парковите и игралиштата и сл.
 
9. Намалување на бројот на советници во поголемите општини. Рационализација на општинската администрација, намалување на бројот на административните работници во локалните јавни претпријатија, за сметка на финансиска поддршка на занаетчии и професионалци во овие претпријатија и комуналните служби.
 
10. Поголема вклученост на граѓаните во донесувањето одлуки на општинско ниво, преку организирање задолжителни референдуми за сите поважни прашања што го засегаат менувањето на урбаниот лик на градовите и општините, ја загрозуваат животната средина и еколошката рамнотежа и секојдневното живеење на граѓаните.
 
11. Демократскиот сојуз ќе обезбеди целосна транспарентност на приходите и расходите на општината, при што јавните набавки ќе ги контролира граѓанско тело составено од претставници на невладиниот сектор, медиумите и професионалци/експерти од различни области.
 
12. Демократскиот сојуз ќе соработува со европските демократски партии и партиите од центарот, при што врвен приоритет ќе биде полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

Човекот и неговите права и потреби се во центарот на сите активности на Демократскиот сојуз.“

 

Демократскиот сојуз останува отворен за соработка и со други политички партии, невладини организации и експерти.

За Демократскиот сојуз добредојдени се сите нови предлози, сугестии и конкретни проекти, кои во секое време можат да се достават на  demokratskisojuz@ymail.com.

partners partners partners partners partners partners