ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: НЕПРИЈАТЕЛСКИ ЧИН НА БУГАРИЈА

18.11.2020

ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ: НЕПРИЈАТЕЛСКИ ЧИН НА БУГАРИЈА



Демократскиот сојуз оценува дека ветото од соседна Бугарија за одобрување на Преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, е непријателски чин, кој ќе предизвика нарушување на односите помеѓу Македонија и Бугарија, ќе ги залади пријателските релации помеѓу граѓаните од двете држави, ќе ги загрози и забави европските перспективи на регионот, ќе ја наруши стабилноста на регионот, како и слободното движење на луѓето капиталот и идеите.

Бугарија го проблематизира Договорот за добрососедство и го прекрши член 2 од истиот, кој обврзува на меѓусебна соработка и разрешување на сите отворени прашања по пат на дијалог.

Во суштина, Бугарија со бруталниот настап и блокадата на Македонските европерспективи, се обидува да ги наруши основните обележја и елементи на секоја држава: постоење на народ, јазик, територија и суверено владеење.

Со негирање на автентичноста на Македонскиот народ и јазик, Бугарија се обидува со уцена да го избрише Македонскиот народ и јазик, а со тоа да го доведе во прашање и опстојувањето на Македонската држава и македонците кои живееат во Македонија, како и во Бугарија и другите соседни држави и пошироко во светот (Австралија, Германија итн.).

Бугарија постави непринципиелни барања со кои длабоко ги повреди чувствата на Македонците и директно ги погази цивилизациските и европски вредности за слобода на национално, верско и друг вид на самоопределување.

Да прифатиме дека Македонците имаат бугарски корења, а македонскиот јазик е бугарски дијалект, е класичен театар на апсурдот и такви тврдења во 21-от век се анахрони, неразумни и брутални.

Бугарија, членството во ЕУ и консензуалното одлучување го злоупотеби и за тоа неминовна е осудата од сите земји членки на ЕУ.

Со индигнација ги отфрламе сите провокации и со високо и гордо крената глава на сите им објавуваме дека ние сме Македонци и наш вековен јазик е Македонскиот јазик.

За овие идентитетски прашања нема со никој да преговараме.

Македонија досега направи доста отстапки, го промени знамето, Уставот, името од Република Македонија во Северна Македонија, донесе закони усогласени со европските директиви, 14 години е кандидат за членство во ЕУ, направи бројни реформи и сега кога 27 земји членки се за започнување на пристапните преговори со ЕУ, Бугарија става вето и испорачува екстремно националистички барања и се меша во внатрешните работи на Македонија.

Демократскиот сојуз смета дека Владата и сите други институции и граѓаните во целина, треба да продолжиме по европскиот пат, да се спроведат темелни реформи во судскиот систем, да се обезбеди владеење на правото, да започне робусна борба против криминалот, да создаваме услови за пазарна економија, доследно да ги имплементираме европските стандарди и да обезбедиме позабрзан и одржлив економски развој, како и на ефикасен начин да се справиме со пандемијата.

Ќе продолжиме со реформите, но мора на светот, посебно на земјите членки на ЕУ и на нивните граѓани, да им ги објасниме апсурдните, националистички ставови и барања на Бугарија.

Препорачуваме Владата да преземе дипломатска офанзива се' со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси на Македонија.

Сме за цивилизациски дијалог, за отворени граници со сите соседи, за меѓусебно разбирање и почитување, соработка на сите полиња и разрешување на отворените прашања без уцени и блокади.

Очекуваме Бугарија да ги преиспита своите ставови и да го деблокира европскиот пат на Македонија.  

partners partners partners partners partners partners