Демократски сојуз: Борбата со мафијата која раководи со бизнисот со отпад е тешка и неизвесна
02.02.2020

Демократски сојуз: Борбата со мафијата која раководи со бизнисот со отпад е тешка и неизвесна

Демократскиот сојуз организираше трибина на тема "МАФИЈАТА И ЗАГАДУВАЊЕТО", на која пред голем број граѓани зборуваа Павле Трајанов, претседател на ДС, Зоран Димитровски, генерален секретар на ДС и Невена Георгиевска член на граѓанската Иницијатива О2.

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, нагласи дека загадувањето во Македонија е непријател број еден на граѓаните и дека е загрозена националната безбедност. Со загадувањето на воздухот, почвата и водите се врши своевиден геноцид и оттаму потребата во борбата против мафијата која раководи со отпадот, да се вклучат и Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, МВР, Министерството за екологија, Царинската управа, како и другите институции.

Покрај домашниот отпад, во Македонија се увезува отпад како енергенс, отпад како суровина и нафтени деривати (мазут, масло итн.) кои не ги исполнуваат пропишаните стандарди.

Државните институции "не треба да ги контролираат само декларациите" туку товарот што се внесува во Македонија.


Оваа борба ќе биде тешка и долготрајна, бидејќи е борба против мафијата во Европа која од трговијата со отпад остварува огромни приходи.

Околу ставовите дека во Македонија е забранет увоз на опасен отпад, Трајанов потенцираше: "забренето е да се внесува дрога и оружје, но дрога има во изобилие, како и оружје кое нелегално се поседува".

Демократскиот сојуз заедно со невладиниот сектор и медиумите ќе работи на подигање на свеста на граѓаните, но и ќе инсистира на соодветна реакција и одговорност на носителите на високи позиции во инстуциите во борбата против загадувањето.

Невена Георгиевска од граѓанската Иницијативата О2 зборуваше за активностите на Зелениот фронт кој обединува неколку невладини организации во битката за здрава животна средина. Таа рече дека граѓанскиот сектор успеал да ја разбуди економската свест кај граѓаните и да влијае кај институциите за поголемо ангажирање за алармантните проблеми со загадувањето.

Георгиевска нагласи дека очекува законот за забрана на увоз на отпад за горење да се донесе во Собранието, но реце дека клучен проблем е институционалната негрижа, непостапувањето на надлежните органи и др. 

Генералниот секретар на ДС, Зоран Димитровски, истакна дека загадувањето на воздухот, водата и почвата е последица, а клучниот проблем е неуспехот на надлежните институции во борбата против организираниот криминал и затајувањето на правната држава. 

Неспособноста, немањето политичка волја, односно политичкото загадување и криминалната и корупциска контаминација на  институциите е причината што загадувањето со опасен отпад е толку сериозен проблем. 

На трибината граѓаните поставуваа прашања и искажаа огромна загриженост од загадувањето, барајќи ефикасна акција, а не замајување на јавноста со лажни податоци и политички флоскули.

partners partners partners partners partners partners