DSM

28.10.2012

Учество на ДСМ на тркалезна маса на тема: Концепт – модел на национално младинско организирање во Македонија

На ден 28.10.2012 година во хотел Истатов, Дојран се одржа тркалезна маса на тема: Концепт – модел на национално младинско организирање во Македонија, во организација на Република Млади и Европски младински форум, на кој што зема учество ДСМ преку својот Секретар Славчо Јовановски. 


На тркалезната маса беше презентиран концепт документ за Националното младинско претставничко тело, кое би овозможило учество на младинските организации (организации водени од млади кои работат со млади) и организациите за млади (организации кои работат за млади и овозможуваат учество на млади во своите структури) кои работат на национално, регионално и локално ниво. Овие организации низ демократски и транспарентен процес ќе го избираат своето раководство, утврдуваат целите, работата и ќе ги застапуваат младинските интереси.


Учесниците на настанот дискутираа за младинските политики во земјата, младинското учество и јакнење на капацитетите на младите. Низ отворени дискусии, работни групи и истражување, се дојде до идеи и препораки за младинско организирање соодветно за потребите на младите во нашата земја. 


ДСМ преку својот претставник, Славчо Јовановски, го поздрави формирањето на ваква структура и истакна дека Демократскиот Сојуз на Младите ги претставува интересите и потребите на младите луѓе и обезбедува вклучување и активно учество на младите во процесот на донесување на одлуки на секое ниво. Поради заедничката цел, ДСМ има можност, капацитет и желба да допринесе во формирањето и работата на Националното младинско претставничко тело.


Создадениот концепт на структура на национален младински совет компаратативно е близок со функционалните структури кои веќе постојат во земји со слични географски, политички и младински карактеристики како Македонија – на пример Хрватска, Словенија, Србија и Литванија.

partners partners partners partners partners partners