21.03.2010



21.03.2010

Свечена седница по повод 10 години Демократски сојуз

ОБРАЌАЊЕ НА ВЕСНА СТОИМЕНОВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДСМ


Почитувани дами и господа, драги пријатели

Ако веруваме во себе, нема незабележано да поминеме низ времето. Како поединци можеби сме немоќни, но една посветена група на млади луѓе која сака да учествува во создавањето на услови за достоинствен живот, може многу да придонесе во создавањето на подобра иднина за сите. Нашата громогласна тишина е преточена во нашата посветеност нешто да направиме, во еден жесток неспокој да оставиме трага зад себе. Дека некаде сме биле. Дека некогаш не имало.

Младоста не е среќна сама по себе, или поради простиот факт дека за неа постои иднина. Младоста е среќна само ако се реализира во средина која има иднина, во држава која што има перспектива. Одлуките за нашето утре се носат денес и во каква Македонија ќе живееме, зависи од нашиот придонес кој ќе го дадеме денес. Со нашата енергија и искуството на постарите Ние младите можеме да создадеме држава, која ќе биде синоним за демократија, плурализам и меѓуетничко општество.

Ние младите на Демократскиот сојуз се заложивме за држава отворена кон сите мислења, за слободно јавно мислење, за држава во која постои политичка слобода и еднаквост на граѓаните, држава која ги штити и унапредува основните човекови права.

Во таква Македонија Ние ја гледаме својата иднина.

Сите знаеме, дека предуслов за вистинска стабилна демократија е активната партиципација на граѓаните во политичките процеси, а особено активно учество на младите во креирањето и решавањето на актуелните и долгорочните животни прашања. Од самото формирање младинската организација на Демократскиот сојуз се залага за вредности кои создаваат генерации на свесни и одговорни млади луѓе, генерации кои веруваат во државата и институциите . Само тие се иднината на македонското општество. Како што Македонија ни е потребна Нам, така и ние сме и потребни на Македонија.

Ние младите на Демократскиот сојуз, веруваме во морални политичари, кои политичките принципи ги избираат за тие да се во согласност со моралноста, а не политички моралисти кои ја обликуваат моралноста за таа да биде во хармонија со нивните лични интереси.

Веруваме и дека во новиот милениум минатите идеали ќе станат реалност, затоа ние веруваме во нашиот лидер, г-нот Павле Трајанов.

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Демократскиот сојуз, партија на новиот милениум, нејзиниот подмладок нова генерација на креативци, нова генерација на морални политичари.

partners partners partners partners partners partners