СКОПЈЕ, 14.03.2011

СКОПЈЕ, 14.03.2011

СИТЕ ДА ЈА ПОДЕЛИМЕ ОДГОВОРНОСТА ЗА ИМЕТО ИНТЕРВЈУ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ ЗА „УТРИНКИ ВЕСНИК“

Се подготвува ли Демократскиот сојуз за избори и имате ли план како ќе настапите - самостојно или повторно во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ?

Демократскиот Сојуз е подготвен за учество на претстојните предвремени парламентарни избори. Во тек е изработка на изборна програма, каде што приоритетно место е дадено на создавање услови за нови работни места за подобра иднина на сите граѓани, но пред се на младите генерации. Во изработката на програмата ќе бидат вклучени домашни и странски експерти, ќе ги консултираме бизнис заедниците, синдикатите и другите асоцијации. Демократскиот Сојуз ја започна постапката за евидентирање можни кандидати за пратеници, каде што предност ќе имаат млади и едуцирани кадри, кадри кои се докажани во своите професии и кои можат да ги застапуваат и решаваат проблемите со кои се соочуваат граѓаните. Демократскиот Сојуз е подготвен за самостоен настап, но мошне брзо ќе разговараме за тоа дали ќе учествуваме самостојно или заедно со други политички партии.

  • Накратко, кои се Вашите забелешки за функционирањето на коалицијата, со оглед на тоа што во последно време се' почесто излегувате со спротивни ставови?

    Демократскиот Сојуз е дел од коалицијата „За Подобра Македонија“ во која членуваат над 20 политички партии, каде што секоја партија самостојно ги гради сопствените ставови за актуелните политички состојби, но и за стратешките прашања. Демократскиот Сојуз се обидува да има поголемо влијание при носењето на одлуките кои се од витално значење за државата и граѓаните. Нашите ставови не секогаш се совпаѓаат со ставовите на коалиционите партнери, но битно е тоа што сите партии сме цврсто определени за влез во НАТО и почнување на преговорите за полноправно членство во Европската Унија, како и за доследно спроведување на реформите, пред се во правосудството, јавната администрација, образованието, здравството итн. Борбата против организираниот криминал и корупцијата е една од приоритетните определби на ДС, а таа борба мора да биде неселективна и да се почитува пресумцијата на невиноста.

  • Сметате ли дека избори се вистинското решение за кризата, ако се имаат предвид многуте горливи проблеми што ќе останат отворени и по формирањето на новата влада?

    Требаше прво да се изгради заедничка стратегија за решавање на спорот со Грција сврзана со името на нашата држава, потоа да се спроведе пописот на населението, да се донесат изборните правила, па потоа да се организираат фер и демократски избори во скандинавски стил. Но, поради бојкотот на парламентот од страна на СДСМ се усложнија политичките состојби во државата, се блокираа реформите, се наруши меѓународниот углед на државата, имаме застој во економскиот развој, како и парализа на функционирањето на демократските институции и нормално одвивање на животот на граѓаните. Затоа изборите треба да се одржат што е можно побрзо за да не ја држиме државата во заложништво на опозицијата. После изборите, прва, приоритетна и најважна обврска на новата Влада ќе биде решавање на спорот со Грција, како една битна претпоставка за деблокирање на евро-атлантските интеграции. За да се заврши оваа исклучително тешка задача неопходно е сите политички партии да преземат дел од одговорноста, за да престанат поделбите во државата.

  • Кој е Вашиот став за големиот наплив на кампањи против европските институции и нивните претставници?

    Анти-европските ставови како и нападите кон дипломатските претставници на САД, и покрај тоа што се ставови на поединци или групи, се загрижувачки и спротивни на нашите стратешки определби и цели. Ние го респектираме секој искажан став, но исто така имаме полно право да искажеме несогласување, затоа што сметаме дека во меѓународните релации многу тешко се создаваат пријатели, а лесно се губат. ДС не се сложува со ставовите на самопрогласените интелектуалци „дека постои меѓународен заговор против Македонија, дека сите се против нас и дека за тешките економски и други состојби се одговорни другите, а не ние“. Тие што се убедуваат да ја амнестираат власта за некои евидентни слабости во државата ни прават лоши услуги и ваквите ставови е повеќе од сигурно дека ќе имаат негативни последици за Македонија. Нашите стратешки партнери, пред се САД, ја признаа Република Македонија под уставното име, вложија многу во јакнењето на демократските институции, во реформите во одбраната, како и јакнење на самостојноста и независноста на Македонија.

  • Какви ефекти очекувате од измените во Законот за лустрација, со кој сега ќе биде опфатена без малку половина нација и период од околу 75 години?

    Големи се очекувањата од лустрацијата, но нема политичка волја таа да се изведе на начин на кој се изведе пред 20 години во повеќе посткомунистички држави. Кај нас лустрацијата повеќе се подразбира како инструмент за политичка пресметка со политичките противници, отколку како процес за „прочистување“ и расчистување со минатото. Широкиот опфат на лица за лустрација само го релативизира овој процес. Се плашам дека џелатите од еднопартискиот систем ќе се претстават како жртви и така се' ќе се измеша. Жалам што не се прифати во измените на законот да бидат предмет на лустрација и носителите на највисоки функции, кои користејќи информации од тајните служби и соработниците носеле одлуки со кои ги кршеле правата на граѓаните. Не очекувам во државата ништо позначајно да се промени и постигне, доколку паралелно со лустрацијата не се одвива и процес на рехабилитација на жртвите од едноумието.

partners partners partners partners partners partners