Интервју



Интервју

Имаме обврски, но не и меници

Најбитен е дадениот збор дека сте прифатиле обврска да бидете во коалицијата и да останете таму, вели Павле Трајанов

Г-не Трајанов, опозицијата ве прозва дека во вашето интервју за телевизија Алфа сте ги потврдиле шпекулациите дека пратениците, сепак, потпишале меници и бланко оставки.

Да, тврдам дека имаат обврски, но не знам дека имаат материјални обврски. Тоа беа коментари на новинарот, наводи што можам да ги демантирам, ако се работи за себе, но не можам да негирам и за другите пратеници. Јас зборувам за принципи, релации, коалиции, за обврски. Не можам да потврдам дека постојат договори, меници или бланко-оставки. Немам факти за тоа да го потврдам и крајно некоректно е тоа да се пренагласува во расправата, а за тоа опозицијата да не може да понуди ниту еден релевантен факт или документ. Тоа покажува дека расправата е конципирана само за дневно-политички поени и за политичка дисквалификација и диксредитација на политичките противници, а не да се зајакне самостојноста, независноста на пратениците.

Ако не се материјални, тогаш какви обврски имаат пратениците?

Зборувам за обврски за ненапуштање на коалицијата. Најбитен е дадениот збор дека сте прифатиле обврска да бидете во коалицијата и да останете таму, да не се случи после изборите трансфер. Во интервјуто за кое сега ме прозиваат зборувам за можноста или неможноста пратениците да се продаваат. Замислете, некои од помалите партии, а ние сме десетина пратеници од другите партии, ние да одлучиме да ја смениме страната и да не коалицираме веќе со ВМРО-ДПМНЕ, туку со опозицијата. На тој начин правиме ново парламентарно мнозинство. Јас сум против таква продажба на пратениците и трансфер на пратеници. Тука нема механизам да го задржите пратеникот, освен моралната обврска и дадениот збор кој не би требало да се крши. Инаку, немаме пишан договор за нешто да би можело да не' врзе внатре во самата коалиција.

Но, изјавивте дека постои предизборен коалициски договор?

Посебна обврска за пратенците нема. Има обврска за партиите. Значи, во името на партијата јас сум ги презел сите обврски што се дефинирани во тој договор. Партијата или претставник на партијата е гарант дека сите тие работи ќе бидат реализирани, независно што се работи устен договор. Пред изборите требаше да се потпише нашиот коалиционен договор, но се развлечка таа работа. Таму има договорено работи со колку места ќе партиципира Демократскиот сојуз во власта и колку кандидати ќе има во управни и надзорни одбори, регулаторни комисии... Договорот остана во нацрт документ и тој не се потпиша.

Може ли да ги појасните вашите наводи во интервјуто во кое зборувате за трошоците во кампањата што ги поврзувате со обврските на кандидатите?

Јас ги коментирам наводите на новинарот. Јас зборував дека во согласност со Уставот е неотповиклива пратеничката функција. Не можете ниту со закон, ниту со договор, ниту со што било да ја оптоварите пратеничката позиција и да го користите тој да ги слуша наредбите на некој од партиите. Доколку има такви решенија, тие се надвор од уставот и дека правно не се издржани. Затоа сметав дека предлогот на опозицијата не беше во функција да се зајакне независноста на пратеникот, туку да се користи за дискваликифација на политичкиот противник. И ова „возење“ на опозицијата на некакво интервју само се користи за манипулација на јавноста. Тешко на таа опозиција ако тврди нешто, а не може да посочи никаков аргумент за тоа. Тие тврдат дека има пишани меници, а не понудија ниту еден доказ. Кажете кога имало разногласие во пратеничката група на опозицијата. И сега тие ќе зборуваат за некаква самостојност на пратениците?

Како гледате на најавите за широк опозициски фронт? Ве загрижува ли тоа помалку?

Коалицијата „За подобра Македонија“ е конципирана од дваесетина и повеќе партии и ужива најголема доверба. Има доминантна поддршка од граѓаните. Ќе видиме како ќе се развива опозицискиот блок. На Македонија и' е потребна силна опозиција, која засега е анархична и неорганизирана и не е студиозна во настапите. Не се подготвува да ги следи сите процеси што се случуваат во државата. Јас не гледам дека тие ја анализираат работата на Владата и дека може да и' парира. Уште помалку можам да видам дека опозицијата настапува со одредени проекти или предлага алтернатива на некоја од постапките што актуелната власт ги спроведува.

Жаклина Хаџи-Зафирова

partners partners partners partners partners partners