29.01.2011, ДНЕВНИК



29.01.2011, ДНЕВНИК

ПРИЛОГ НА Г-НОТ ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ

Четврток, 20 јануари

Господин Зоран Димитриевски, ме замоли да пишувам дневник, што веднаш ме потсети на 1991 година, кога бев назначен за потсекретар на Службата за јавна безбедност и од првиот ден одлучив да пишувам дневник како автентично сведочење на случувањата сврзани со процесот на осамостојувањето на Република Македонија. Ми се враќаат слики од одземањето на оружје од магацините на ЈНА, воената евиденција од Министерството за одбрана, повлекувањето на ЈНА од Македонија, преземањето контрола на границите со соседните држави, референдумот за самостојна Македонија... Сведоштва кои се надевам дека еден ден ќе бидат преточени во книга.Денес за Дојче Веле дадов кусо интервју околу иницијативите за промени на Уставот, да нема застарување за кривичните дела од областа на организираниот криминал, криминалната приватизација и сл.

Во суштина овие идеи многу јасно и прецизно се искажани во Проектот за декриминализација „ ДЕКРИ“, кој е вграден и во Програмата на коалицијата „За подобра Македонија“ - проект кој доби широка поддршка од граѓаните и истиот беше основа за започнување на „Војна против организираниот криминал“, криминал кој разорно дејствува врз економскиот развој и правниот поредок. Добро е, иако со задоцнување, што СДСМ ги предлага истите работи, но јас не верувам дека имаат сериозна намера и цврста определба да се вклучат во ревизија на приватизацијата, гонење на носителите на криминалната приватизација и организираниот криминал, зато што тоа се нивни луѓе и нивни финансиери.

Денес имав консултации со неколкумина експерти, околу легализација на бесправно изградените објекти, при што беа истакнати различни мислења - од тоа дека овој Закон го разградува правниот поредок и владеење на правото, па се’ до тоа дека ова е позитивна „социјална и праведна“ мерка.

Се работи за градби кои со децении се без правен статус, но нивната легализација не е преседан, и досега имало вакви „неправди“, како на пример, со неправилната и криминална приватизација на државниот капитал, како и продажбата на општествените станови со висок дисконт.

Правното решение за легализација на бесправно изградените објекти ќе овозможи и разрешување на комуналните проблеми, новиот статус, со што ќе бидат вклучени во правниот промет, можноста да се даваат под хипотека и.т.н.

Петок, 21 јануари

Силна медиумска најава за средба на лидерите на четирите (петте) релевантни политички партии, со очекувања дека позицијата и опозицијата ќе почнат да градат стратегија за разрешување на спорот со Грција, сврзан со нашето Уставно име - Република Македонија. Оваа средба само ме потсети на тоа дека пред два месеца Демократскиот сојуз предлагаше таква средба, но да продолжат консултациите и со бизнис заедницата, невладиниот сектор, медиумите, експертите и.т.н.

На познавачите на овој проблем им беше јасно дека не е можно да се изгради стратегија на една средба. За разрешување на овој децениски спор неопходно е директно вклучување на САД преку избалансиран пристап кон двете држави и етапно разрешување на спорот (во три фази).

Сабота, 22 јануари

Топ тема во светските медиуми е domino efect од случувањата во Тунис, со суптилно отварање на таа тема во Македонија. Кога сме веќе тука, сакам да нагласам дека Македонија е повеќепартиска држава со парламентарна демократија, земја кандидат за влез во ЕУ и со легално избрана власт, која ужива подршка од близу 30 проценти од граѓаните. Граѓаните не може никој да ги манупилира и да ги организира во сценарија за насилно уривање на власта, со несогледиви последици за иднината на државата. Проблеми има, но тие се решливи, се разбира, не веднаш и не сите, потребен е дијалог, едно по едно од битните прашања ќе бидат решавани.

Недела, 23 јануари

Денес имав средба со група тутунопроизводители за полесно и изворно да се запознаам со проблемите околу откупот на тутунот. Моја оценка е дека 10-те компании со лиценца за откуп на тутун, минатата година лошо поминале и сега сакаат да ги надоместат загубите, но и да имаат висока добивка. Од 192 денари по килограм тутун, да се намали на 140 е голем удар за тутуноберачите. Мојот личен став е дека премијата од 33 проценти по килограм тутун на пазарната вредност на тутунот е одлична (три евра откуп и едно евро премија). Без разлика што државата не може и не треба да се меша во формирањето на цената на тутунот, добро е да се искористат сите расположливи инструменти за да се постигне цената од најмалку 175 денари за килограм тутун, но исто така како стратешки производ да се утврди и најниската откупна цена.

Производството на тутун е тешка работа која ги ангажира семејствата (вклучувајќи ги и децата), производство од кое живее околу 15 отсто од населението во Македонија, со огромен девизен промет и сл.

Решение на овој изострен проблем треба да се најде, но сигурен сум и во тоа дека опозицијата не смее маката на тутунарите да ја користи за политички маркетинг. Свесен сум дека државата дава максимум за да ги намали негативните имликации врз тутунарите од монополското дејствување на компаниите.

Понеделник, 24 јануари

После утринското раздвижување покрај реката Вардар, присуствував на парламентарната расправа за потребата од пристапување кон измена на Уставот, со што ќе се создадат можности за предавање на наши граѓани - сторители на кривични дела во други држави. Текстот за амандманот не ги опфаќа сторителите на тешки кривични дела, поради што сугерирав амандманот да биде допрецизиран.

Инаку, сосема сум свесен дека ова на некој начин е кршење на човековите права и можност на посилните и влијателни држави да не притискаат да го спроведуваме во праксата, без реципроцитет. Мојот став е во меѓународните договори да биде тоа добро разработено и со силни аргументи и одлука на суд и врз основа на реципроцитет.

Вторник, 25 јануари

Хаотичен ден, разговори во седиштето на Демократскиот сојуз со мојот заменик Зоран Петров, со граѓани кои имаат потреба да се сретнат со мене, новинари и др. Веднаш потоа, средба со експертска група од Израел и Меѓународната оперативна група за соработка во образованието, сеќавањата и истражувањата за Холокаустот. Присутен беше и амбасадорот Давид Коен, кој во изминатите две години има огромен придонес за развивање и унапредување на односите помеѓу Македонија и Израел. Тоа што го видовме во музејот Yad Vashem, никогаш да не се заборави и никогаш да не се повтори. Само луд човек може шест милиони евреи да ги однесе во логорите на смртта.

Денес ја добив книгата Македонија и Македонците од Ендрју Росос и тоа што го прочитав го споредив со содржината на книгата Шифрата на Александар од Вил Адамс, при што сакам на сите што се вклучени во расправата за идентитетските прашања да им препорачам да ги прочитаат овие две книги. Можеби ќе добиеме појасна слика за спорот околу нашето уставно име наметнат од политичките водства на Грција.

Среда, 26 јануари

Повторно многу средби, состаноци, дискусии, парламентарни седници, интервјуа.

Пo случувањата во А1 телевизија, прв пат имам можност да дадам изјава за мошне чувствителни прашања сврзани со надворешната политика на Република Македонија, спорот со името, актуелните политички состојби. Беше одлична можност да потсетам на Стратегијата за фазно решавање на спорот за името со Грција, но и посебно да ја нагласам потребата, САД многу подиректно да се вклучат во пронаоѓање на компромис преку избалансиран пристап спрема двете држави (Македонија и Грција), користејќи и „тешка артилерија“. Тоа искрено очекувам да се случи во наредните 3-4 месеци.

Овој дневник сакам да го завршам со зборовите на Рувен Ривилин, претседателот на Кнесетот на Израел, кој пред пратениците на Кнесетот неодамна рече дека Република Македонија и државата Израел споделуваат заедничка карактеристика: „Двете држави се создадени од една националност, но со две етнички групи“. Јас би додал би било добро ако тоа е нашата заедничка предност, а не основа за контроверзи.

partners partners partners partners partners partners