Зоран Димитровски, Нова Македонија: Трајанов ревносно ги бранеше правдата и вистината

30.12.2013

Зоран Димитровски, Нова Македонија: Трајанов ревносно ги бранеше правдата и вистината

2013 - година на вистинските патриоти

Власта ја дисквалификува борбата за правда, за вистина и за слобода, прикачувајќи ѝ ја етикетата на партиско-политичка авантура за враќање на тронот на Бранко Црвенковски, а нејзините борци главно ги жигосува како соросоиди и странски платеници. Но некои личности, некои случаи и некои настани што ја обележаа годинава што изминува едноставно ги соголија пропагандните лаги, ја прикажаа вистинската партиско-политичка природа на авторитарните потези и ја принудија Владата барем за малку да подзапре и да прикочи
 
Годинава што изминува ја обележа борбата за правда, за вистина и за слобода - физичка слобода и слобода на изразувањето, која не остана без резултати, но за да триумфира ќе мора да продолжи и во 2014 година. Сите свои потези поврзани со борбата против организираниот криминал и кривичноправните постапки, апсењата и притворите, полициските акции против граѓанските протести, контроверзните закони во медиумската област итн. власта ги оправдува со намерата за воспоставување ред, поредок и еднаквост на граѓаните пред законот. Опозицијата, дел од медиумите и странскиот мониторинг, пак, ѝ забележуваат селективна правда, силување и злоупотреба на законите, политички пресметки со неистомислениците, замолчување на слободните медиуми.

Најголемата морална декаденција на политичките прваци се состои во тоа што тие се обидуваат да се оградат од одговорноста - дури и кога признаваат дека институциите го прекршуваат законот или дека тоа му штети на угледот на државата, криејќи се зад наводно независното судство, а намерата за монополизирање на вистината ја прикажуваат како борба против странската или опозициската политичка пропаганда. Власта ја дисквалификува борбата за правда, за вистина и за слобода, прикачувајќи ѝ ја етикетата на партиско-политичка авантура за враќање на тронот на Бранко Црвенковски, а нејзините борци главно ги жигосува како соросоиди и странски платеници. Но некои личности, некои случаи и некои настани што ја обележаа годинава што изминува едноставно ги соголија пропагандните лаги, ја прикажаа вистинската партиско-политичка природа на владините потези и ја принудија власта барем за малку да подзапре и да прикочи.

Не случајно во годинашниот избор на личност на годината „Нова Македонија“ рангира еден пратеник и еден владика што имаа свој придонес токму во борбата за правда, за вистина и за слобода. Владиката Пимен меѓу првите годинава силно застана во одбрана на вистината и правдата, на христијанската љубов и верата, откако по изборот на Жерновски за градоначалник на Центар, неговиот колега од Синодот на МПЦ, г. Агатангел, заедно со т.н. бранители на новата црква „Св. Константин и Елена“, фрлаше клетви против оние што божем имале намера да ја срушат. Господин Пимен повика на разум кога провладините бранители на црквата фрлаа јајца врз бараката на општина Центар, кршеа државен имот, кој полицијата, се разбира од партиско-политички причини, не го одбрани. За разлика од паркобраните во општината Центар, кои неколку месеци подоцна беа насила отстранети од својот импровизиран камп крај старата железничка станица, за да почне да се гради храмот на слободата на изразувањето - зградата на Советот за радиодифузија.

Владиката на Фејсбук порача дека не е христијански да се уништува имот, а со јајцата може да се нахранат гладните. Центрите на моќ блиски до владиниот монопол на вистината во МПЦ по овие настани почнаа инквизиторска процедура да го забранат Фејсбук за владиците и за свештениците, што пак го претвори г. Пимен во икона на слободата на изразувањето, имајќи предвид дека станува збор за најконзервативната институција во државата блиска до власта. Но на крајот надвладеа разумот и се покажа дека борбата на владиката Пимен не била залудна. Фејсбук може да се користи - ама со упатство, одлучи Синодот и го спаси образот на МПЦ. Сепак, ќе беше премногу владиката да биде отстрелан како „бранковист“ и „соросоид“.

Пратеникот Павле Трајанов, чија партија е дел од владината коалиција, годинава ревносно ја бранеше правдата во случаите на спектакуларните акции на апсења и долги притвори. Како поранешен министер за внатрешни работи тој постојано се спротивставува на акциите во кои МВР ја прекршува пресумцијата на невиност. Трајанов цврсто застана и во одбрана на вистината, кога станува збор за преговорите за името. Тој јавно бара државен консензус на сите партии за името и информации за текот на преговорите, што во Македонија се смета за политичка ерес. Партискиот и државен врв е ексклузивен сопственик на вистината за текот на преговорите и се смета за единствен бранител на името, зашто тоа е столбот врз кој се темели неговата поддршка од народот, а Трајанов се обидува да го демонополизира тој процес.

Случајот на апсењето и шестмесечниот притвор на нашиот новинар Томислав Кежаровски беше повод пратеникот да се обиде барем да го поправи резилот, со нов закон и поблаги казни, оти Македонија е единствената држава од Европа во која новинар е осуден на четири и пол години затвор за оддавање идентитет на заштитен сведок. По протестите на новинарите и притисокот од ЕУ, Кежаровски беше пуштен во домашен притвор. Трајанов, но и многумина други, генерално го креваа гласот и против долгите притвори, кои се претвораат во казна, па на тој начин и борбата за физичка слобода ја обележа 2013 година. На Трајанов, се разбира, никој не може да му забележи дека е платеник на Сорос или војник на Црвенковски, поради што власта не може да ги легитимира своите пропагандистички тези.

Сообраќајната трагедија во која загина новинарот Никола Младенов, пак, со дилетантската истрага и индолентниот однос на судот и полицијата кон настанот, кој сѐ уште крие мистерии, годинава ја погребаа вистината. За жал, до денешен ден не знаеме што се случило таа кобна ноќ. Каде бил Младенов и зошто истрагата не го пронајде неговиот телефон? „Нова Македонија“ направи скромен придонес со својата истрага на местото на настанот (во која лично учествуваше и новинарот Кежаровски), каде што ги пронајдовме фамозните белешки од патарините, но власта брзо ја закопа вистината, негирајќи дека такви белешки воопшто постојат! Наша, новинарска вина, но вина и на вработените во МВР, во ДБК, во судот, во обвинителството е што никој не се обидува да бара одговор на отворените прашања или, ако ги знае, да ѝ ги шепне на јавноста. Да се случеше таков настан во која било земја во Европа, а таму одиме, нели, ќе имаше и „свиркачи“ од редовите на власта и новинарски истражувања и сензационални откритија и публицистички книги и документарни ТВ-програми, а веројатно и оставки на високи државни функционери. За жал, медиумските работници - газдите и новинарите во Македонија сѐ уште не може да соберат доволно храброст јавно да ја реконструираат трагедијата на Младенов, барајќи одговори на мистериите што ја опкружуваат. Но надежта е дека и за тоа еден ден ќе се најде некој Пимен или Павле, ако тоа не може да биде некој од нас.

Борбата за правда и вистина и за слобода на изразување годинава се водеше и за минатогодишното исфрлање на новинарите од галеријата на собраниската сала. Да потсетиме оти новинарите беа исфрлени „од безбедносни причини“, односно за да не сведочат, да не ја снимаат полициската акција на исфрлање на пратениците. Иако премиерот изрази жалење за исфрлањето на новинарите, власта не собра сили ниту еден свој човек да повика на политичка одговорност. Поради фактот што претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, беше главен актер-жртва на исфрлањето на новинарите од галеријата, токму неговиот лик беше проскрибиран и прононсиран од владините медиумски труби како „странски платеник“ што работи за туѓи интереси и сака да ја прикаже нашата власт како диктаторска, недемократска, власт што божем замолчува медиуми, а таа всушност ги мултиплицира! Сите тие етикети за „платеништво“ беа само поради фактот што агенцијата на САД за странска помош, УСАИД, финансиски го помагала Здружението на новинарите!? Селмани беше на отстрел и како Албанец, кој „очигледно брани антимакедонски интереси“. Тој, згора на сѐ, беше меѓу новинарите и медиумските работници што застанаа против законот за медиуми, онаков каков што го предложи Владата, што годинава стана центар на борбата за слобода на изразувањето. Сите новинарски протести и забелешки на решенијата во предлог-законот, на кои им се придружија и Независниот новинарски синдикат и Македонскиот институт за медиуми и други невладини организации, на крајот ја принудија Владата да почне да преиспитува дел од своите ригидни решенија.Селмани е обвинет за колаборационизам со власта од дел од своите колеги. Тие се во право кога велат дека тој требало да ги информира навреме за своите потези, оти не се координирал со нив иако битката ја воделе заедно и дека не требало да излезе на прес-конференција со министерот, давајќи му легитимитет на законот, кој сѐ уште ѝ се заканува на слободата. Но опасноста е дека токму таквите напади за колаборационизам ѝ даваат на власта простор да стрела во слободата на медиумите. А фактот што таа прифати предлози од „странски платеници“ и „соросоиди“ според кои избриша или вметна одредени членови во законот, е доволен доказ оти веќе е накршен еден лост од нејзината пропаганда. Се разбира, Владата не се откажува од својата намера да воспостави контрола на медиумите - со самата намера за донесување на законот, со наредбодавната административна реторика во него, со бирократските дефиниции и поредочниот дух на словото на законот, со казните и глобите, но еден дел од законските канџи за медиумите, онака како што Владата сакаше да ги изостри, сега се скастрени, а сите имаат придонес за тоа.

Причината што власта оваа година барем малку ретерира или се обидува да се поправи во повеќе случаи на авторитарни и арбитрерни постапки што го прикажуваат нејзиниот недемократски капацитет и грд лик се токму автентичните граѓански движења, гласот на силните личности со морален кредибилитет, на оние што навистина ја бранат вистината, кои се залагаат за неселективна правда и во тоа име бараат и слобода на медиумите и слобода на изразувањето и физичка слобода на притворениците. Тоа е првиот чекор. Следува јавноста да се избори да се симнат етикетите од политичките противници на власта - дека се државни предавници и оти можат да ги продадат Македонија и нејзиното име ако дојдат на власт. Од 1990 година воведовме повеќепартиски систем и секој белки може да биде вмровец, социјалдемократ, либерал, социјалист итн. Секој има право да биде патриот и да си ја сака својата држава. Или не може?

Автор: Зоран Димитровски

Извор: Нова Македонија



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners