Анкетна комисија да утврди дали на Кежаровски му се прекршени основните права и слободи

22.01.2015

Анкетна комисија да утврди дали на Кежаровски му се прекршени основните права и слободи

Интервју на Павле Трајанов за inbox7

Демократскиот сојуз поднесе иницијатива до Собранието за формирање анкетна комисија за испитување на случајот со новинарот Кежаровски или случајот „Ликвидација“ како што е познат во јавноста. За што точно станува збор?

Трајанов: По опсежните анализи за случајот „Ликвидација“ или поконкретно за случајот кој се води против новинарот Томислав Кежаровски ние како партија и јас како пратеник поднесовме иницијатива за измени на Законот за заштита на сведоци. Имаше претходно начелен договор тој закон да помине. Во суштина тој закон предлагаше степенување на одговорноста. Сметав дека не е иста одговорноста за новинар ако дознае и ако објави информации и го обелодени идентитетот на заштитениот сведок за разлика од оние кои што по службена должност имаат информации. Нивната одговорност мора да биде поголема. Ова особено ако новинарот процени дека тоа е од јавен интерес и дотолку ако се сомнева дека во суштина се работи на лажен сведок. Но, законот не помина. Случајот со Кежаровски деновиве потворно стана актуелен и ова е класичен пример за кој што Парламентот може да расправа. Иницирав формирање анкетна комисија која ќе ги собере сите релевантни податоци, докази за случајот и врз основа на едно целосно согледување ќе утврди дали се кршат основните човекови права и слободи. Затоа сметам дека оваа иницијатива треба да биде поддржана од сите пратеници. Со ова ние ниту случајно не ја заменуваме улогата на судот ниту пак се мешаме во неговата работа. Сакаме судот да биде независен но исто така не прифаќаме дека одлуките на судот не се коментираат. Не се согласуваме заштитениот сведок да се користи во сите случаи. Тоа е инструмент кога власта сака некого да прати во затвор. Сметаме дека оваа посебна истражна мерка треба да се користи во исклучителни случаи како заштита од тероризам, заштита на државните интереси или за тешки случаи на организиран криминал. До сега во над 110 судски случаи е користен инструментот заштитен сведок и мислам дека со тоа во голема мера се кршат основните слободи и права на граѓаните.

Токму тоа го тврдите и за случајот со Кежаровски. На што точно мислите? Кои права му се прекршени нему?

Трајанов: Томислав Кежаровски, според она што го анализиравме и според она што беше пишувано а и според изјавите на сведоците особено на заштитениот сведок „Бреза“, сметаме дека овој сведок ниту можел да биде заштитен сведок затоа што ниту видел ниту слушнал што точно се случило. Тој во тоа време бил на отслужување на затворска казна, а полицијата му пристапила и полека го подготвувала, го мотивирала или го присилила со разни ветувања дека треба да биде сведок околу расчистувањето на убиството (во селото Ореше н.з.). Тоа не е страшно да се користи, но тоа мора да биде релевантен сведок. Покасно тој обелодени дека бил принуден да соработува. МВР веќе знаеше дека против двајца припадници на полицијата се води постапка затоа што подготвувале сведок кој што не е подобен за таа работа. Ова значи дека Кежаровски не може да биде обвинуван дека објавил информации за идентитетот на заштитен сведок. Станува збор за доказ кој што е стекнат со кршење на законите. Тој доказ не е релевантен, не е подобен. Тој е фактички монтиран сведок. Штом е така не може судската одлука да почива врз основа на само тој доказ. Мислам дека тука има кршење на законот. Затоа ние мора да до крај да го расчистиме овој случај за да не ни се повторуваат вакви случаи во иднина.

Дали ова значи дека сметате дека доказите што се собрани против новинарот Кежаровски се собрани на незаконски начин?

Трајанов: Можеби во првиот момент кога била поднесена кривичната пријава, можеби тогаш била друга ситуација. Но, покасно заштитениот сведок јавно обелодени дека бил подготвуван да се вклучи во процесот со лажно сведочење. Во недостиг да се води процес против двајца осомничени во случајот „Ликвидација“ (поранешниот обвинител Ивица Ефремов и судијата Иле Танев н.з.) тие сметале дека преку сведочење на заштитениот сведок ќе го расчистат тоа нарачано убиство. Но, во постапката обвинетите беа ослободени (во случајот „Ореше“ н.з.) и неговото сведочење не е валидно. И не може сега само врз основа на фактот дека Кежаровски објавил или барем дека објавил, и тоа не е сигурно, податоци за идентитетот на заштитениот сведок да се гради судски процес.

Што очекувате од таа комисија? Што сакате да постигнете со расчистувањето на случајот „Ликвидација“?

Трајанов: Прво го отвораме прашањето на користење на заштитен сведок во многу судски процеси. Второ, се работи за јавно искажан став на новинар и заради тоа не може да му се суди и да сноси одговорност. И доколку низ целата активност на Парламентот се потврди дека се крешни основните човекови права и слободи, мислам дека тоа е доволно целиот систем да се преиспита. За мене исто така клучно е прашањето дали Судскиот совет го следи овој случај затоа што тој е должен да ја оценува, проценува и преиспитува работата на судиите. Ова е класичен пример во кој што Судскиот совет по службена должност, мора да го разгледа случајот и да ја преиспита работата на сите судии што учествувале во овој судски процес. Исто така и Советот на јавни обвинители треба да ја процени и разгледа работата на Јавното обвинителство. Кој се’ учествувал и кој и понатаму стои зад едно такво неодржливо обвинување против Томислав Кежаровски. Не може судскиот систем да се повикува дека тие се самостојни. Мора да пости зависност. Не може да бидат самостојни или изолирани дури и од новинарите. Нивната работа мора постојано да биде предмет на анализа, на дискусии, коментари од страна на јавноста која може да врши силен притисок тие да судат согласно Уставот и законите и да бидат отпорни на можни политички влијанија или влијанија на бизнис центри и други силни центри кои што влијаат на носењето на судските одлуки.

Ако е така г-дине Трајанов, тогаш како Вие ја оценувате работата на судиите и јавните обвинители?

Трајанов: Нашите согледувања се совпаѓаат со оценките на бројни експерти кои прават анализи и коментари за состојбите во судството а тоа е дека тоа не е отпорно на политички влијанија  и дека тие всушност работат под притисок на други центри на моќ и влијание. Не се самостојни. Затоа сега е во тек измена на Уставот според кој во Судскиот совет доминантни ќе бидат судиите. Од 15 членови на советот, десет ќе бидат избрани од редовите на судиите. Ако тие и понатаму не можат да обезбедат самостојност тогаш веројатно целата стратегија за реформи во судството е промашена. Кај обвинителите проблемот е тоа што тие прифаќаат се’ што доаѓа од МВР. Веднаш бараат спроведување на истрага или сега тие самите ја спроведуваат и што е најбитно секогаш бараат да се определи мерката притвор која сега е инструмент за казна. Ако обвинителот води постапка или истрага тој мора да ги обезбеди сите докази. Притворот долго трае а судот е под силно влијание на обвинителството. Јавните обвинители сносат голема одговорност затоа што прифаќаат кривични пријави од МВР без при тоа да бидат поткрепени со докази и веднаш бараат определување на притвор. Ова мора да се реши на друг начин затоа што вака во голема мера се загрозуваат основните човекови права и слободи. И што се случува? Судот одредува притвор кој трае месец, два, шест месеци или цела година. Па така судот во понатамошната постапка мора да го покрие притворот со казна за подоцна обвинетите да не може да бараат оштета. И тоа така се врти во круг.

Актуелни се протестите, веројатно како начин на искажување на револтот или неможност на друг начин луѓето да си ја обезбедат правдата. Како Вие го оценувате ваквиот начин на обезбедување на основните човекови права и слободи?

Трајанов: Се плашам дека полека стануваме конфликтно општество. Во услови кога не функционираат демократските институции една од исто така демократските можности или придобивки е незадоволството да искаже преку протест. Но не секогаш протестите се мирни. Има и нереди, се користи сосема друга реторика, некогаш и екстремна. Но тоа е дел од плуралниот живот и ние мора да се навикнеме на тоа. Во Македонија е специфично тоа што сигурно има проблеми со кои се соочуваат граѓаните но нема кој да ги артикулира нивните барања, да ги каже јавно. Тоа е така затоа што опозицијата е долго време надвор од Парламентот и не настапува јавно. Па така започна еден процес на групирање на граѓаните кои самостојно настапуваат преку протести, трибини и разни други демократски форми преку кои го презентираат својот страв.

Ова не прв случај Собранието да формира анкетна комисија која расправа за некој судски случај. Таков беше случајот „Сопот“. Тогаш обвинетите, после заклучокот на Собранието беа ослободени од вината. Колку ваквите комисии не се , можеби притисок врз судството?

Трајанов: Штом има сомнеж за некој случај дека не се запазени процедурите, дека не се обезбедени цврсти докази тоа е сигнал дека во судскиот систем нешто се случува, дека тој не одлучува согласно Уставот и законите. Ако има таков сомнеж или треба Судскиот совет како дел од тој судски систем да ја преиспита работата на судиите а друга инстанца е и Народниот правобранител кој би требало да расправа тогаш кога ќе процени дека има крешње на човековите права. Тогаш може и Парламентот да разговара, да собира докази, да води полемика. Тоа не треба да биде притисок врз судот да ја менува одлуката но може да се преиспита како е водена постапката, има ли докази, дали одлуката е донесена под притисок. Доаѓа време кога власта ќе се смени и работите ќе се отворат. Ако вие сите случаи ги затворите и за нив не се разговара, тоа ќе стане пракса. Ќе се донесуваат одлуки без цврсти докази. Инаку „Сопот“ е сосема друг случај. По расправата во Собранието процесот се обнови. И таму имаше заштитен сведок кој потврди дека бил присилен на соработка. Но не можете да правите паралела. Во случајот со Кежаровски станува збор за јавно објавена информација. Секогаш треба да има можност по цена и да ризикува дека ќе погреши. Секако дека треба да постои и закана од одговорност од три месеци до три години затвор но не и 4,5 години и повеќе. Апсурдно е да сметаме дека на тој начин Парламентот се меша во работата на судската власт. Тој нека си функционира но мора да биде под лупата на јавноста. Зашто ако се отвори овој случај ќе се утврди работата на МВР, на судот, на обвинителството, на сите инволвирани. Тоа може да биде основа надлежните институции и официјално да спроведат постпака за утврдување на одговорноста. Затоа сметам дека Парламентот треба да расправа за овој случај. Иницијативата за формирање анкетна комисија е стигната со сите 123 пратеници но проблем е сега тоа што претседателот Трајко Вељаноски бара 20 пратеници кои ќе ја поддржат иницијативата за да оди како формална одлука. Но јас се сомневам дека парламентарното мнозинство ќе собере политичка храброст или пак ќе покажат демократски капацитет. Затоа апелирам до пратениците што се во Собранието да ја поддржат оваа ницијатива за да може да расправаме на седница за случајот со новинарот Томислав Кежаровски.

Ако добро Ве разбрав, не очекувате поддршка од Вашите колеги пратеници исто онака како што Ви ја откажаа поддршката за измените на Законот за заштита на сведоци?

Трајанов: Случајот е сега доста исполитизиран. Имеше силни протести од новинарите, има силни коментари од меѓународната заедница, од Европската Унија, од Советот на Европа, од меѓународните асоцијации на новинарите. Има бројни коментари внатре во државата. И не знам дали ќе собере храброст Парламентот, пратениците да донесат таква одлука. Јас ги повикувам тоа да го наравиме затоа што тоа е во интерес на Република Македонија.

Ќе има ли нови избори г-дине Трајанов?

Трајанов: Не. Мислам дека далеку сме од нови избори. Сепак ова парламентарно мнозинство доби мандат од граѓаните. Не очекувам да има избори најмалку до следните локлани избори кога е можно, ако има некој политички договор да има и нови парламентарни избори. Демократскиот сојуз не е клучна партија која го носи одлуките дали ќе има предвремени избори или нема да има.

Како ја оценувате целокуната општествено-политичка и безбедносна состојба во земјава?

Трајанов: Сакам да нагласам дека сите овие протести се резултат на тоа што ние немаме силна опозиција што ќе биде критичар на власта во Парламентот. Ако може да се менува Уставот во државата, да се донесуваат системски закони за кои што има полемики во јавноста а опозицијата очекува студентите, професорите, новинарите, тие да ја урнат власта, за опозицијата да дојде на власт, мислам дека тоа тешко ќе се случи. Ако опозицијата е во Парламентот, ако тие критички ја опсервираат работата на власта, ако ги читаат добро со изострен вид сите законски проекти, мислам дека сосема поинаку ќе се одвиваат процесите. Нема демократија во држава во која нема силна опозиција. Опозицијата има силен капацитет, 34 пратеници плус пратениците на ДПА. Тие можат многу да ги менуваат процесите во Македонија и затоа тие исто како и сите ние ќе си ја сносат својата одговорност.

Извор: inbox7



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners