Интервју на Трајанов за Фокус: Да се формира фонд за нови, независни и професионални медиуми

04.07.2014

Интервју на Павле Трајанов за неделникот Фокус: Да се формира фонд за нови, независни и професионални медиуми

На седницата на која се бираше Владата вашето излагање звучеше доста критички. Говоревте за три области – за правната држава и судството, за медиумите и за борбата против организираниот криминал. На што се должи вашиот поинаков настап од другите пратеници од владејачкото мнозинство кои главно говорат за успесите на Владата?

ТРАЈАНОВ: Во парламентот настапувам во име на граѓаните и Демократскиот сојуз. ДС е самостојна политичка партија со автентични политички ставови и како дел од власта е подготвена да преземе дел од одговорноста за вкупните состојби. ДС не бега ниту од обврските, ниту пак се колеба со своите идеи, предлози, проекти да влијае во носењето на клучните одлуки битни за иднината на Република Македонија.

Во парламентот мора објективно и принципиелно да се анализираат законите и другите проекти што доаѓаат од Владата, вклучително и Програмата за работа во наредниот четиригодишен мандат. Во услови на отсуство на опозицијата, неопходно е многу покритички, се разбира и конструктивно, да се настапува во највисокиот законодавен дом и не по секоја цена да се поддржуваат законските предлози. Парламентот е филтерот кој не треба да пропушта решенија кои можат да бидат штетни за граѓаните, бизнисот или државата во целина.

Се обидувам во парламентот да наметнам „критичка анализа“ на реалноста и да презентирам и предлагам идеи и решенија кои ќе значат подобрување на состојбите во државата. Наша стратешка цел е да обезбедиме перспектива за младите, тие да создаваат и творат овде во Македонија.

На седницата говоревте за потребата од објективни медиуми, но и за критика на потезите на власта. Сепак, владејачката партија не трпи критика и тужи новинари. Допираат ли вашите препораки до врвовите на ВМРО – ДПМНЕ?

ТРАЈАНОВ: Состојбата во и со медиумите ја оценуваме како загрижувачка. Тие се уште се под силно политичко и олигархиско влијание. Нивните сопственици имаат целосна контрола врз нивната уредувачка политика, (зло) употребувајќи ги за сопствени лукративни и политички цели, а не за објективно информирање на граѓаните за настаните кои што ги засегаат. Преку медиумите во Република Македонија не само што тешко се доаѓа до фактите и вистината, туку се’ повеќе во нив почнува да доминира партиската пропаганда со беспоштедно оцрнување на политичкиот противник. Со тоа целосно се изместува основната функција и примарната цел на медиумите.

Во ДС ги разбираме и поддржуваме иницијативите на асоцијациите на новинарите за целосна декриминализација на клеветата и навредата, но истовремено инсистира на почитување и заштита на вистината и човековото достоинство, на интегритетот и дигнитетот на човекот, без оглед на расна, политичка, етничка, родова, верска, социјална, или сексуална припадност. Без јавност, без слободни медиуми, нема демократија, нема развој.

Зборувавте за основање фонд за објективни медиуми. За што станува збор?

ТРАЈАНОВ: Новинарската професија е за луѓе со немирен дух, луѓе кои истражуваат, откриваат неправди, луѓе посветени на оваа тешка професија. Затоа не треба да очекуваат идеални услови и закони кои ќе обезбедат целосна „заштита“ без да се ризикува кога се објавува лоша вест за политичарите или олигарсите, за носителите на организиран криминал и сл. Само храбрите опстојуваат во оваа исклучително општествено одговорна и јавна дејност. 

Предлагам да се формира фонд преку кој ќе се финансираат нови и независни медиуми. Во овој фонд можат да се слеваат средства од буџетот, компании, странски финансиери, поединци и сл., но со него да управуваат новинари.

Имате ли поддршка од ВМРО – ДПМНЕ за предлогот?

ТРАЈАНОВ: Идејата ја презентирав на пленарната седница за избор на Владата. Доколку идејата за формирање фонд за поддршка на медиумите е прифатлива и за Асоцијацијата на новинарите, ќе разговарам и со коалиционите партнери и очекувам поддршка од нив.

Груевски не прифаќа техничка влада, а Заев инсистира на тоа, зашто опозицијата смета дека нема друга гаранција оти следните избори ќе бидат фер и демократски. Како може да се реши политичката криза?

ТРАЈАНОВ: Наместо опозицијата да се подготвува за следните избори, таа се обидува преку „техничка влада“ да дојде на власт, во услови кога доживеа изборен дебакл. Процесот на раслојување, фрагментацијата и неединството во врвот на СДСМ се основните причини за слабата поддршка од граѓаните. Непосредно пред изборите, опозициската коалиција предводена од СДСМ ја напуштија пет партии, потоа со години СДСМ нема обнова на кадарот, недостасува програма со конкретни идеи и предлози и сл. Во вакви услови да се бараат нови избори е самоубиствена позиција.

СДСМ треба да ги прифати изборните резултати, како одраз на волјата на граѓаните и да учествува во работата на парламентот, тоа е и граѓански и државен интерес, но најмногу од тоа ќе профитира СДСМ.

Засега нема сигнали за позитивен исход, но проценките се дека сепак ќе преовлада разумот и наесен ќе се комплетира парламентот. Македонија се соочува со сериозни предизвици и сите партии носат одговорност.

Опозицијата вели дека изборниот дебакл се должи на голема изборна измама. Сепак, СДСМ не бара избори веднаш, туку кога ќе ги има нив да ги подготви техничка Влада.

ТРАЈАНОВ: СДСМ ја согледа апсурдноста на барањето за техничка Влада и нови избори и добро е што ретерира. Се чини дека ЕУ е веќе инволвирана во разговори и моја сугестија е разговорите да се насочат кон системски решенија сврзани со предизборниот и изборниот процес.

ОБСЕ неколку години со ред изборите во Македонија не ги оценува како фер и демократски. Како да се создаде политичка волја кај власта да обезбеди атмосфера за фер политички натпревар?

ТРАЈАНОВ: Забелешките на ОБСЕ И ОДИХР треба во целост да се имплементираат, да се обезбеди пристап на опозицијата  до медиумите, но предлагам опозицијата предложи методологија како да се прочисти избирачкиот список.

Доколку опозицијата излезе со конкретни законски предлози за подобрување на избирачкиот процес, медиумската застапеност на сите партии, начинот на финансирање на партиите, одвојувањето на партиите од државата, средување на избирачкиот список и др., како и тоа Македонија да биде една изборна единица, тие предлози ќе добијат поддршка од Демократскиот сојуз, но за тоа треба посветеност, работа, знаење и стручност, а не само гола критика.

Пописот мора да се подготви и спроведе согласно општо прифатените стандарди, без политизирање и пребројување само по етничка припадност и истиот мора да ги одразува реалните состојби.

Што мислите за последниот предлог на Владата за повеќе уставни измени?

ТРАЈАНОВ: Генерално за да се пристапи кон промена на Уставот, неопходна е анализа на уставните решенија од аспект на нивната примена во праксата, на нивната нелогичност, неиздржаност, контрадикторност, кочење на демократскиот и економскиот развој и сл.

Таква анализа нема и затоа сметам дека многу често се менува Уставот без тоа да е одраз на реалните и искуствени потреби. Треба јавна , експертска, стручна и научна расправа, па после тоа да се разговара во уставната комисија. Најавата за промена на составот на Судскиот совет на Република  Македонија е потврда дека  реформите во Судскиот систем не ги дадоа очекуваните резултати, судовите и натаму се под силно влијание на политичките партии и бизнис елитите (олигарсите).

Отворањето на Уставот е одговорна работа, поготово без парламентарна дебата, како и во услови на можни условувања, бидејќи за промените се неопходни 82 гласа во Парламентот.

Една од измените на уставот се однесува на изборот на членови на Судскиот совет. Може ли тоа да гарантира поголема независност на судството во услови кога изборот на судиите е крајно партизиран?

ТРАЈАНОВ: Најавата за промена на составот на Судскиот совет на Република  Македонија е потврда дека  реформите во Судскиот систем не ги дадоа очекуваните резултати, судовите и натаму се под силно влијание на политичките партии и бизнис елитите (олигарсите).

Републичкиот судски совет стана инструмент за дисциплинирање на судиите. Сметам дека треба целосно редефинирање на улогата на Судскиот совет, неговата поставеност, надлежност и составот со јасни критериуми кој може да биде негов член, да се прецизира нивната одговорност и др. Сепак и предложените измени сè основа за темелна расправа за потребата од реформи во судството.

Преку промените мора да се обезбедат суштински механизми за судскиот систем биде вистински заштитник на човековите права, но и средство за ограничување на власта.

По пресудата од 4,5 години затвор за новинарот Кежаровски, предложивте и измени во законот за заштитени сведоци, но потоа го повлековте законот, се чини по притисок од ВМРО-ДПМНЕ. Што се случува со таа иницијатива?

ТРАЈАНОВ: Не го повлеков законот. ВМРО – ДПМНЕ побара дополнително време, поради што, наместо во скратена собраниска постапка, се одвиваше во редовна. Со промените предлагав ( и сега стојам зад тие предлози), казните аз новинарите доколку објават податоци за заштитен сведок да бидат помали. Праксата ќе покаже дека овој институт се злоупотребува и со него во голема мера се кршат човековите права и слободи. Очекувам нов закон за заштитени сведоци, во кој ќе утврдат високи казни и за оние што овој „ефикасен инструмент“ против организираниот криминал ќе го злоупотребат. За Кежаровски повеќе од јасно е дека бил во право кога објавил податоци за сведок со прикриен идентитет кој лажно сведочен во процесот „Ликвидација“.

Се предлагаат неколку „економски измени“ во Уставот, како што е лимитирањето на задолжувањето на државата до 60 отсто од БДП. Значи ли тоа оти задолжувањето ќе продолжи со засилено темпо?

ТРАЈАНОВ: Македонија е средно задолжена земја и треба да се држиме до тоа ниво на задолженост (најмногу до 40%) затоа што немаме производство и „нова вредност“, кое може да го сервисира зголемениот долг. Можеби Германија може да издржи и до 60% на задолженост, но таа има силен економски потенцијал и суфицит во трговската размена. Примените на Уставот во оваа насока треба да бидат проследени и со дефинирање на конкретна одговорност на носителите на власт, доколку  се случи зголемување на задолжувањето без можност тој долг да се враќа и се случи банкрот.

Во предлогот на измените се говори и за финансиска „оф шор“ зона. Има ли проценки што тоа ќе и донесе на Македонија и дали е во согласност со кандидатурата на Македонија во ЕУ?

ТРАЈАНОВ: „Оф шор“ зоните не се карактеристики на стабилни држави каде што владее правдата и правната држава. Во основа таквите „зони“ се користат за перење на пари и заштита на тие што се стекнале со огромен капитал на нечесен начин. Но сигурно од тие зони има позитивни финансиски ефекти. Не верувам дека тоа ќе се случи и дека тоа е интенцијата на уставните промени.

Во Собранието лани не помина иницијативата за уставна дефиниција на бракот како институција на еден маж и една жена. Што е сега променето за да мине овој предлог и дали навистина има потреба од таква дефиниција во случај кога според важечките закони не е можен поинаков брак?

ТРАЈАНОВ: Основата определба за брак меѓу маж и жена никој не ја оспорува, таа заедница е дефинирана  и во Законот за брак, но дали има потреба да се внесе во Уставот е прашање, посебно од аспект на стравување (образложение за промените) дека законот може да се промени. По таа логика и Уставот може да се промени. Минатата година повладаа аргументите дека не треба во оваа насока да се менува Уставот, но сега доколку ДУИ го промени ставот, промените ќе се изгласаат.

На Македонија и треба стратегија за зголемување на наталитетот преку отворање на нови работни места и подобрување на квалитетот на животот.

Во јавноста се создаде впечаток дека власта води селективна борба против организираниот криминал, дека таа борба служи за отстрел на политичките противници. Вие во политиката влеговте како борец против организираниот криминал и корупцијата. Како ја оценувате борбата на власта против овие зла?

ТРАЈАНОВ: Во 2005 година ДС подготви Проект за борба против организираниот криминал „Декри“ кој доби широка поддршка. Од 2006 наваму се отвори „војна против криминалот“, но далеку сме од тоа дека криминалот е сосечен во корен, па дури и тоа не е можно. Криминалот разорно дејствува и го загрозува демократскиот и економскиот развој на секоја држава. На Македонија и недостасува заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал и корупцијата, кој ќе биде имун на политичките и другите центри на влијанија.

Борбата против криминалот очекувам да се зајакне, посебно од страна на Јавниот обвинител, кој има доминантна улога во откривањето на тешките облици на криминал. Начинот на предлагање и изборот на Јавниот обвинител не се гаранција дека над него не се можни обиди за политички влијанија.

Опозицијата во јавноста извади повеќе афери за корупција во врвовите на власта – последната е за случајот „Македонска банка“ и премиерот Груевски, но актуелни беа и аферите „Актор“, „Висарис“, непријавен имот - станови на пратеници, а јавниот обвинител или ги отфрла или не реагира. Ќе чекаат ли граѓаните промена на власта за да се истражат сите овие афери?

ТРАЈАНОВ: Станува збор за политичка борба и политички пресметки, често пати се „отвораат“ афери кои не се поткрепени со реални факти и докази. Денес за секого може да се извлечат податоци од интернет (за неговиот имот), да организира прес конференција и да постави прашањето од каде му се парите... и ете ви „скандал“. Јас сум да се почитува пресумпцијата на невиност, но имунолошкиот систем на државата мора  да функционира и законите да важат подеднакво за сите. 

„Случаите“ кои опозицијата ги презентираше во јавноста, Јавниот обвинител треба многу темелно да ги провери и да ја информира јавноста. Прашање е кој се последиците, доколку сепак се работи за конструкции, ќе одговара ли некој ако неаргументирано дискредитира, клевети, напаѓа.

Во Проектот за декриминализација предлагаме да нема застареност за кривични дела сврзани со злоупотреба на власта, криминалната приватизација и тешки дела на институционален и друг вид на организиран криминал, како конфискација на имотот стекнат на нелегален начин.

Но, за вас и за многумина други нема скандал од интернет, туку очигледно има таму кадешто има чад! Нели го делите впечатокот дека и Антикорупциската комисија не си ја врши работата?

ТРАЈАНОВ: Државната комисија за спречување на корупцијата не може да ја супституира работата на институциите надлежни за откривање и гонење на криминалот. Можностите и се, пред се, превентивни. Инаку секаде кадешто има издржани информации и податоци и сомневање за криминал мора добро да се проверат и да се расчистат.

Го споменавте проектот „Декри“ а тој никогаш не дојде на дневен ред. Зошто не го понудите како законски проект во Собранието?

ТРАЈАНОВ: Во 2006 година, Владата на РМ го задолжи Министерството за правда да подготни Закон за борба против организираниот криминал. Беше формирана работна група и таа почна со работа, но подоцна работата беше блокирана. Законскиот проект беше подготвен и со одредени дополнувања може да влезе во собраниска процедура. Но за тоа сè уште нема поддршка од мнозинството во Парламентот.

Лани бевте гласен во врска со акцијата „Шпион“, прва таква акција во Македонија за шпионажа против државата. Особено вашите забелешки беа за тајноста на судењето и за улогата на некои ваши поранешни колеги од МВР во аферата. Може ли текот на судењето да гарантира правна разврска?

ТРАЈАНОВ: Јавноста е лишена од информации  поврзани со судскиот процес за овој т.н. мега шпионски скандал. Многу тешко се докажува шпионажата, тоа тешко им оди и на САД, Русија, Англија и други држави. Мене ми личи на тоа дека неколку од овие луѓе „шпионирале“ за непозната странска служба... или сами се прогласиле за шпиони. За секој случај треба да ја почекаме судската разврска, посебно ќе биде важно образложението и доказите врз основа на кои ќе почива одлуката. Во принцип ако е вистина и се  докаже дека наши разузнавачи работеле за странски интереси, за тоа треба да поднесат одговорност.

Како пратеник покренавте иницијатива за т.н. фазно решавање на спорот за името со Грција. Лани, при посетата на Нимиц на Скопје баравте парламентот да добие информации за текот на преговорите, но не наидовте на поддршка кај ВМРО - ДПМНЕ. До кога власта ќе ја чува таа тајна за да биде единствен бранител на идентитетот?

ТРАЈАНОВ: Блокадата од страна на Грција на нашите Евро-атлански интеграции трае доста долго и со огромни последици врз нашиот севкупен развој. Стратегијата за фазно решавање на овој спор, беше добра основа за деблокада на процесите и можност за посериозни разговори. Стратегијата доби поширока меѓународна поддршка, но не доби официјален третман.

Метју Нимиц медијаторството го водеше многу тивко и затоа од него побаравме да го информира Собранието и јавност за неговите идеи и отпорите со кои се соочува. Тој тоа и го направи.

До компромис може да се дојде само со јасна стратегија, директни разговори и посилно медијаторство од страна на ЕУ и САД, но кога се работи за нашиот национален идентитет, јазик и други обележја, компромис не може и нема да има.

Но нели тоа што нема државен консензус за спорот за името, дополнително ја ослабува нашата позиција?

ТРАЈАНОВ: Досега Парламентот не е информиран за стратегија која би требало да биде основа за разговорите со Република Грција. Но црвените линии се прифатени и од власта и од опозицијата. За евентуален компромис мора да се произнесат граѓаните. Досега никогаш немало внатрешен консензус за ова прашање и повеќе од сигурно е дека треба да се подготви таква Стратегија и да биде подржана од сите партии.

Албанија доби статус кандидат за членство во ЕУ, Србија ги почнува преговорите за полноправно членство. Македонија со Косово и БИХ остануваат последните проблематични балкански држави кои заостануваат на патот на евро-атлантските интеграции. Очекувате ли придвижувања наесен за прашањето за името и за нашето зачленување во НАТО?

ТРАЈАНОВ: Решението – компромисот не зависи само од Македонија, туку пред се од Грција. Овој спор е отворен и наметнат за да се решава, но не и да се реши. Треба сите ние да преземеме дел од одговорност ако сакаме деблокада на евро-интеграциските процеси и покана за членство но НАТО. Страшно сум немирен од помислата дека и натаму ќе чекаме пред портите на ЕУ и НАТО. Наш врвен, стратешки и национален интересен е влез во ЕУ и НАТО, алтернативите се погубни.

Треба да се подготвиме за смели чекори и гледање напред, треба да имаме иницијатива и дипломатска офанзива, да не чекаме решенијата да паднат од небо.

ИЗВОР: ФОКУС

partners partners partners partners partners partners