ИНТЕРВЈУ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ ЗА ИНБОКС 7: ВРАЌАЊЕ НА ДЕСЕТ ПРАТЕНИЦИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ ЗНАЧИ ЦЕЛОСНО РАЗБИВАЊЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА

21.08.2014

Интервју на Павле ТРАЈАНОВ за инбокс 7: ВРАЌАЊЕ НА ДЕСЕТ ПРАТЕНИЦИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ ЗНАЧИ ЦЕЛОСНО РАЗБИВАЊЕ НА ОПОЗИЦИЈАТА

 

СДСМ е политичка партија која е во процес на раслојување, вели во интервју за Инбокс7, лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов. „ Јас ги повикувам сите да се вратат во парламентот затоа што ако само 10-12 пратеници се вратат, независно од партискиот став на СДСМ, тоа ќе значи целосно разбивање на опозицијата што е на штета на нашите демократски интереси како држава“, смета тој 

Трајанов е иницијатор на измените и дополнувањата на Кривичниот закон: „Предлагам тој што учествува во странска паравоена или воена формации да се казни со затвор од три месеци до три години“, вели некогашниот прв човек на МВР и додава дека „повратниците од странските фронтови можат да се организираат и да започнат со напади против нашите стратешки интереси. Тоа е реална можност и објективна закана во РМ“На самитот на НАТО во септември не може да се очекуваат промени, Македонија нема јасна стратегија.

 Инбокс7: Српската влада веќе потврди дека во кривичниот закон ќе влезат измени, кои што предвидуваат казни од две до 12 години за учесниците во воени паравоени формации на странските фронтови. Таму се појави проблемот со четничката група која учествува на страната на проруските сили во војната во Украина. Дали и во Македонија постои основа за вакви промени во Кривичниот закон?

 Трајанов: Повеќе од две години за ова прашање се разговара во Република Македонија се прават анализи и проценки. На почетокот на месец февруари пред да се пристапи кон промени на Кривичниот закон во кој стои дека кривично дело е тој што организира, врбува и упатува на наши државјани да учествуваат во паравоени и воени формации во кризните подрачја, меѓутоа тогаш не беше прифатена иницијативата ова прашање целосно да се регулира и да биде кривично дело или казниво да биде учеството на наши државјани во странски паравоени или воени формации. Подоцна јас иницирав преку амандманска промена да се направи тоа, да се забрани учеството на наши државјани во странските паравоени или воени формации. Но, тогаш имаше образложение дека тоа не е во интерес на РМ и дека е спротивно на интересите на НАТО и т.н. За да се покаже дека тие образложенија не држеле. Сега се покажа дека сите земји – членки на НАТО вклучувајќи ги и САД инсистираат ова прашање да се регулира за превентивно да се дејствува да не заминуваат наши државјани во странски паравоени или воени формации. Во меѓувреме бидејќи првпат кај нас беше тоа актуелизирано па и соседните држави Косово, Албанија, Босна и Херцеговина тоа го регулира и веќе законската процедура започна и во Србија. Јас подготвив закон за измени и дополнувања на Кривичниот законот, во кој што предлагам тој што учествува во странска паравоена или воена формации да се казни со затвор од три месеци до три години. Овој законски проект го доставив пред еден месец на внатрешно партиско усогласување и очекувам позитивен одговор и веднаш после одморите да започне процедурата за негово донесување.

 Во меѓувреме колку што имам информации има една работна група којашто работи на измени на кривичниот законик и очекувам и таа да подготви текст. Независно од тоа дали ќе се оди со конкретен предлог од Владата за измени на Кривичниот закон или ќе биде тоа предлогот што јас го подготвив важно е ова прашање да се регулира да се разреши бидејќи тоа ќе има силна превенција ќе и одвраќа нашите државјани да учествуваат во странски паравоени или воени формации.

 Инбокс7: На Косово беа уапсени над 90 луѓе кои оделе како џихадисти во Сирија. Каква е состојбата во Македонија се шпекулира дека меѓу нив е и еден македонски државјанин? Имате ли сознанија за бројот на учесниците на странските боишта?

 Трајанов: Досега седуммина наши државјани загинаа во Сирија на страна на опозицијата. Проценките се дека неколку десетици, можеби над сто се вклучени во овие паравоени формации дека тие се обучуваат за извршување на борбени активности, на терористички активности, дека можат да користат средства за масовно уништување, можат да користат експлозивни средства – направи, како и други видови на оружје. Тие имаат една посебна обука, прво им го „перат мозокот“ дека за некакви виши цели можат да убиваат сè па вклучително и жени и деца и т.н. Свирепи убиства, свирепи ликвидации извршуваат. Независно од тоа тие се сериозна закана за безбедноста на секоја држава лоцирана на Балканот и тие се закана за нашите стратешки, национални и територијални интереси. Поради тоа ние треба да бидеме крајно претпазливи и сигурно дека службите за безбедност и разузнавање имаат информации и пореална проценка колку наши и кои наши државјани се вклучени во тие операции и доколку тие претставуваат навистина закана за безбедноста на нашата држава веројатно ќе има и соодветна реакција.

 Но, за мене е клучно да има медиумски кампањи, да има кампањи на невладиниот сектор, на верските заедници, да има кампањи на државните институции и на политичките партии, дека тоа е опасност и за тие што патуваат и тоа е загуба подоцна и за фамилиите, ако некој настрада и дека тоа не е во интерес на мирот и стабилноста во Македонија и на Балканот. Мислам дека таква кампања треба да има и паралелно со тоа да се донесат овие законски измени кои што во голема мера ќе ги одвраќаат нашите државјани да патуваат во тие кризни подрачја и да учествуваат во паравоените формации.

 Реална закана постои и има наши државјани кои се вклучени. Тие сега во сè поголем број ќе се враќаат од кризните подрачја од Сирија од Ирак… После интервенцијата на САД против одредени паравоени формации во Ирак, тие ќе почнат да се враќаат на безбедно. А безбедно е таму од каде што потекнуваат и каде што имаат свои врски, комуникации и контакти. Веќе дел од нив се вратени во Косово веројатно и во Македонија и тие може сите заедно да се организираат и да започнат со напади против нашите стратешки интереси. Тоа е реална можност и објективна закана во РМ. Затоа последниве две години ова прашање постојано го иницирам и конкретно барам да се разреши. Мислам дека веќе постои политички консензус околу ова прашање и дека ќе биде разрешено.

 Инбокс7: Постојат ли директни релации со исламскиот радикализам и дали има кај нас тренинг центри? Рековте дека се работи за специјално обучени војници.

 Трајанов: Тука се испреплетени повеќе интереси. Прво авантуризмот, второ настраните интереси и трето верскиот фанатизам. Фундаментализмот не екстремниот е доста сега раширен тој е во силна офанзива, со силни ветувања дека тие што ќе учествуваат после ќе добија дел од колачот, дел од богатствата. Така ги врбуваат на верска основа, дека тоа е света војна – џихад, дека мора да се спротивстават на империјалистичките сили и сè она што е врзано за САД, Англија, Германија, дека тоа е сериозна закана за нивните интереси. Ги мотивираат по верска основа, но сметам дека тука има и политичко влијание глобално, бидејќи тие што раководат со овие процеси располагаат со огромна финансиска моќ. На еден или на друг начин ги мотивираат, врбуваат луѓе, посебно младите се подложни на влијание. Имаме ние од конфликтот што беше граѓанската војна во Тунизија, Египет, Либија, сега Сирија, ако сакате и конфликтите што беа на подрачјето на поранешна Југославија, сите тие учесници се потенцијална опасност за интересите на балканските држави, како и на нашата држава.

 Но, се врши нова регрутација, така што мораме да бидеме крајно претпазливи и сите треба да бидеме одговорни и да се преземат пред сè превентивни мерки. Ако ни се случи некој настан сличен на Смилковско езеро може да ескивира и последиците може да бидат страшни за вкупните состојби во РМ. И тогаш сигурно дека ќе се бара одговорност, бидејќи не можеме да дозволиме државните институции да тврдат дека се е мирно стабилно, а од друга страна сите влијателни центри кои што ги истражуваат безбедносните појави и прашања, политичките состојби во светот сите укажуваат дека има наши државјани кои учествуваат во воени конфликти и дека тие се сериозна закана за безбедноста на сите.

 Инбокс7: Собранието во моментов прави пауза, летни одмори се, но претходно беа отворени доста чувствителни прашања, како уставните измени. Вие реагиравте дека не е паметно тоа да се прави посебно во делот за финансиските зони и за даночните раеви. Која е опасноста, дали сметате дека Македонија на тој начин ќе стане перална на пари?

 Трајанов: Јас отворив дилеми околу неколку измени на Уставот. Прво, околу задолжувањето до 60% од бруто домашниот производ. Мислев дека не треба да одиме на една толку висока граница, затоа тоа што друго е Германија да должи која има силен економски потенцијал или да ги сервисира долговите, а ние немаме таков потенцијал. Меѓутоа се отвори таа расправа. Во предлогот на нацрт- амандманите постои отстапка дека може да се пробие таа граница ако е во интерес на државата. Значи постои флексибилност. Околу тоа имав забелешки немаме опозиција и јас сметам дека треба да се отвораат дилеми. Јас не тврдам дека тие прашања што ги отворам сум во право но, барам аргументација. Главниот проблем околу отворањето на финансиските зони беше тоа тој дел беше забележан само со една реченица- дека ќе отвораат финансиските зони нема друго образложение, како ќе конципираат, кои прописи таму ќе важатЗатоа, сепак, тоа значи дека треба да се отстапи дел од суверенитетот на територијата на РМ и таму треба да важат други правила, други норми, зашто ние комплетно формираме една екстериторија каде што не важат нашите закони, ниту пак нашите органи за безбедност тие кои што треба да спречат криминал. Јас укажав на искуството во некои држави, на негативните последици. По што имаше реакција дека е потребно да се подготви образложение за тоа која е идејата и целта на Владата. Расправата ќе продолжи од триесетти август или први септември и тогаш ќе ги видиме аргументите кои се „за“, а кои „против“.

 Инбокс7: Парламентот остана без опозиција, барањето за техничка влада владеачката ВМРО-ДПМНЕ го одби, но кои од барањата може да бидат дел од компромисот за да профункционира парламентот.

 Трајанов: Опозицијата или СДСМ е политичка партија која е во процес на раслојување – фрагментација. Пред изборите пет политички партии ја напуштија коалицијата, значи немаат коалициони капацитети да ги држат своите коалициони партнери, немаат идеи, немаат програма, немаат проекти со кои што ќе бараат поддршка од граѓаните. Мислам дека сосема стратешки е на штета на интересите на РМ но и на опозицијата со тоа што таа не е вклучена во парламентот. Ако се вклучат во парламентот паралелно ќе имаат и други свои активности- вонпарламентарни, односно тоа што го предвидуваат паралелен парламент, влада во сенка, протести и сл. Јас мислам дека е потребно да понудат поддршка за подготовка на избирачки список тоа нека по предложат ќе добијат поддршка. Понатаму нека предложат законски решенија кои што ќе гарантираат подобрување на изборниот процес. Државата и партијата да бидат раздвоени. Значи има работи за кои што се разговара но, кои што сè уште СДСМ очекува некој друг да го направи. Тие треба да излезат со конкретни законски решенија за нив да се расправа во парламентот и ако се во интерес на подобрување на изборниот процес, да биде тој подемократски, да се регенерира моќта и влијанијата на партиите што сме на власт, јас тоа го прифаќам. Но, да се бара техничка влада и тоа во услови кога ги изгубија изборите мислам дека тоа е крајно неодговорно и неприфатливо. Тие сега одат на друга варијанта дека тоа би било добро да биде пред изборите- техничка влада. Такви уставни решенија ние немаме, но како и да е треба да се вклучат во парламентот, да дојдат со конкретни законски решенија и предлози и за нив може да разговараме. Јас лично сум за тоа да имаме силна опозиција која што ќе биде закана за власта, која со многу поизотрен вид ќе ги чита законските предлози, ќе предлага амандмани, нови законски решенија и сето тоа ќе придонесе кон збогатување на демократскиот амбиент и тоа ќе биде во интерес на развојот на РМ. Тие мора да бараат поддршка со програми, со проекти, со идеи од граѓаните. Бидејќи не може власта да им создаде амбиент за тие да дојдат на власт, власта да биде опозиција. Мислам дека се тоа апсурдни барања. Нивните барања треба да бидат системски, прифатливи за сите и тоа е биде начин да се излезе од кризата. Јас ги повикувам сите да се врата во парламентот, затоа што по најавата дека 10-12 пратеници независно од партискиот став на СДСМ ќе се вратат во парламентот, тоа ќе значи целосно разбивање на опозицијата што е на штета на нашите демократски интереси како држава.

 Инбокс7: За крај, неодамна му испративте писмо на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, ги повикавте и граѓанските здруженија и невладините организации да се приклучат кон барањето за безусловно членство на Македонија во НАТО. Добивте ли одговор од Расмусен? 

Трајанов: Да добивме. Иницијативата потекна од претходна проценка дека е време Македонија да влезе во една силна надворешна политичка офанзива и да го сврти вниманието на земјите- членки на НАТО, дека Македонија ги исполнува сите критериуми, ги има направено сите реформи, партиципира во мировните операции на НАТО и дека треба да биде членка на алијансата. Бидејќи и стратешки интерес е на НАТО Македонија да биде дел од тоа семејство. Нашата иницијатива е примена, Расмусен ни достави одговор дека ја разгледал, но тоа не е доволно. Ние очекувавме поддршка од сите политички партии, невладиниот сектор, медиумите, институциите. Требаше една стратегија со која цела држава ќе беше вклучена во овој процес и мислам дека ефектите ќе беа поголеми. Остануваат само уште неколку дена, јас не ја видов таа стратегија која што наводно постои пред самитот во Кадиф. Нема никаква стратегија, нема ефекти и нема ништо во медиумите.

Инбокс7: Значи на самитот во септември не може ништо да очекуваме?

Трајанов: Да очекуваме чудо да се случи, но тоа е помалку веројатно.

https://www.youtube.com/watch?v=M9l_irMsNQI 

Избор: ИНБОКС 7

partners partners partners partners partners partners