Павле Трајанов: ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ ОД КРУНСКИ СВЕДОЦИ

16.01.2013

Павле Трајанов: ДА СЕ ЗАШТИТИМЕ ОД КРУНСКИ СВЕДОЦИ

На Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците (одржана на 15.01.2014 година), Павле Трајанов, пратеник и претседател на ДС, ги образложи предлог измените на Законот за заштита на сведоци. Во дискусијата Трајанов нагласи:

Почитувани пратеници,

Кривичната постапка што се води во врска со убиството во село „ Ореше“, Велешко, посебно користењето на заштитен сведок за негово расчистување, во јавноста се отвори дебата во која се вклучија новинарите, експертите, невладиниот сектор, политичките партии и меѓународни асоцијации и сл. Расправата доби на својата жестокост по пресудата со која новинарот Томислав Кежаровски беше осуден на казна затвор од 4 години и 6 месеци.

Во рамките на Демократскиот сојуз сметавме дека треба да се проучи Законот за заштита на сведоци, по што заклучивме дека истиот треба да претрпи сериозни промени.

Законот за заштита на сведоци е донесен 2005 година, со намера во детектирањето, спречувањето, откривањето и докажувањето на тешки кривични дела, да се користат сведоци со прикриен идентитет.

Со Законот се предвидува три категории на лица кои можат да се јават во својство на заштитени сведоци:

1. “Сведок“, лице кое поседува информации за извршувањето на кривичното дело и неговиот сторител;

2. “Соработник на правдата“ лице против кое е покранато обвинение, осудено или е член на криминална банда;

3. “ Жртва“ која се јавува во својство на сведок.

Сите овие лица можат да се користат како сведоци со заштитен идентитет, но можат да бидат загрозени доколку сведочат јавно, со правиот идентитет. Во вакви случаи голема е веројатноста дека ќе претрпат одредени последици тие или нивни блиски, поради што Законот предвидува нивна заштита.

За да се појават овие лица како сведоци, одлука носи јавниот обвинител, но иницијативата - предлогот, по правило е од Министерството за внатрешни работи или тајните служби.

Потоа, лицето треба да се сложи, да биде вклучено во програмата за заштита на сведоци, за што одлучува Советот за заштита на сведоци.

За заштита на сведоците се грижи посебен Оддел во рамките на МВР, при што пред сé, се штити од можни напади, се обезбедува негова тајност, по потреба се менува идентитетот, се менува живеалиштето и др., како што е и обезбедување на средства за егзистениција и сл.

Тоа се само неколку елементи сврзани со заштитените сведоци.

Законот стапи на сила на 1 јануари 2006 година и отогаш наваму тој се применува, при што е користен во повеќе случаи, но јавноста е информирана за три: Случајот со Љубе Бошковски, убиството на 5-мина млади кај Смилковско езеро и убиството во с. Ореше, Велешко.

Во овие и во други случаи се користени сведоци со прикриен идентитет, при што објавувањето на правиот идентитет на сведокот, повлекува кривична одговорност.

Во Законот се предвидени високи казни, кои се движат од најмалку 4 години затвор, па се до 15 години затвор или доживотен затвор, но не се предвидени казнени одредби за заштита од лажни сведоци со прикриен идентитет.

Од исклучителна важност е тоа што не е степенувана одговорноста за тие што правиот идентитет го дознаваат преку извршување на службена должност ( припадник на полиција, јавен обвинител, судија, адвокат и др.), за разлика од другите кои идентитетот го дознаваат на друг начин.

Затоа предлагам казните за “службените лица“ да останат исти, а за другите лица да бидат помали.

Во измените кои се предлагаат се предвидува измена на членот 42 од Законот за заштита на сведоци при што се врши дистинкција на казните за службените лица: судија, јавен обвинител, припадник на полицијата и други лица кои по службена должност доаѓаат до информации за заштитениот сведок и за другите лица за кои се предлага намалување на затворските казни и тоа од три месеци до три години за објавување на вистинскиот идентитет на заштитен сведок; доколку настанат тешки телесни повреди на лицата од член 2 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 се предвидува казна затвор од најмалку четири години; и во случај на смртни последици  се предвидува казна затвор од најмалку осум години. 

Компаративното искуство е идентично со измените кои ги предлагам, како на пример во Словенија и Хрватска.

Сакам да ја иницирам и потребата од целосна преработка на Законот за заштита на сведоци, како и реформа на казненото право.

Во оваа прилика сакам да укажам на опасностите од можно користење на лажни сведоци со  прикриен идентитетот, со што во голема мера можат да бидат загрозени основните човекови права и слободи, бидејќи исказот на сведокот е клучен за донесување на осудителни пресуди со високи казни, па и доживотен затвор.

Воедно предупредувам, ако се компромитира овој “институт“, оваа посебна истражна мерка, можно е некој друг парламентарен состав, да го смени Законот и да создаде законски услови за отварање на досиеата на заштитените сведоци, како што се отворија досиеата за соработниците на тајните служби.

Со измените во Законот и натаму останува можноста да се користат заштитените сведоци и сите информации во врска со нив се класифицирани.

Инаку, во некои случаи објавувањето на вистинскиот идентитет на заштитен сведок, може да биде од голема важност во заштитата на правата на граѓаните. Тоа може да биде и еден од начините за заштита од лажни сведоци, кој во суштина претходно се подготвуваат, поттикнуваат на извршување на кривични дела и сл., а се заштитени.

Скопје, 15.01.2014 година

partners partners partners partners partners partners