ИНТЕГРАЛНО: Писмо Трајанов - Филе

23.09.2013

ИНТЕГРАЛНО: Писмо Павле Трајанов - Штефан Филе

Во петокот, 20.09.2013, Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, испрати писмо до Комесарот за проширување на ЕУ, Штефан Филе, за назначување на посредник во македонско – грчкиот спор.

Во целост го објавуваме писмото на Трајанов до Филе:

Господине Филе,

Ми претставува посебна чест што можат да Ви се обратам и да Ви упатам искрена благодарност за поддршката што ја давате на Република Македонија во евроинтеграциските процеси.

Сакам да Ве уверам дека Владата на Република Македонија, сите политички партии, бизнис заедниците, невладиниот сектор, медиумите и граѓаните се целосно посветени на реформите и исполнување на критериумите за евроинтеграција на нашата држава. 

Процесот на евроинтеграција на Република Македонија е во застој пред се поради наметнатиот спор од страна на Република Грција, а во врска со нашето уставно име, Република Македонија.

Во оваа прилика сакам да Ве потсетам дека повеќе од осумнаесет години се водат разговори под медијаторство на претставник на Генералниот секретар на Обединетите нации, но без конкретни резултати.

Од тие причини сметам дека треба да се разгледа можноста за назначување на претставник од страна на Европската унија, кој што непосредно, но и во тесна соработка со ООН и САД, ќе се вклучи во надминување на спорот.

Доколку темелно се проучи спорот, како и ставовите и аргументите на двете страни, можно е Европската унија да предложи идеи, преку кои ќе се деблокираат евроинтеграциските процеси и ќе започнат пристапните преговори за членство на Република Македонија во Европската унија.

Во прилог Ви ја доставувам иницијативата на Демократскиот сојуз за "Фазно решавање на спорот".

Срдечен поздрав,

претседател

Павле Трајанов

partners partners partners partners partners partners