Грција попушта -името ќе се решава фазно, како што ДС предложи уште во 2009

16.04.2013

Грција попушта - името се peшава фазно, онака како што предложи Демократски сојуз уште во 2009

Превземено од Локално.мк:

Името е на маса! Новата замена за ФИРОМ е името Горна Република Македонија кое ќе се користи најмалку следните 7 до 8 години, колку што ќе траат преговорите за членство во ЕУ, а тоа според искуството, на пример на Турција, веројатно е најмалку уште наредни 20 години како и ФИРОМ. Ние ќе се викаме Македонија, тие ќе не викаат Горна Македонија, секој по свое, што е  сепак чекор напред затоа што ако ништо друго е расчистување  со „Бивша Југославија“.

Како што прецизираше  порталот НОВАТВ повикувајќи се на дипломатски извори инволвирани во преговорите, предлогот на медијаторот Метју Нимиц предвидува името Горна Македонија да се користи додека траат преговорите за членство, а откако ќе завршат, дури тогаш  граѓаните на Македонија на референдум ќе треба да се изјаснуваат дали прифаќаат промена на име во пакет  со  прашањето дали се за членство во ЕУ. Притоа позитивниот одговор на ова прашање ќе значи дека името Горна Република Македонија ќе стане уставно име штом земјата стане членка на ЕУ, а тоа е многу далеку и дискутабилно, со многу политички егзибиции во регионот дека Македонија ќе стане бргу ( најмалку 10 год) или некогаш членка на ЕУ.

Што се однесува до прашањето за идентитот, тоа ќе се регулира во рамките на ЕУ, каде што Македонија како земја членка во иднина ќе го развива својот идентитет. Секоја земја членка официјалниот јазик во рамките на институциите на ЕУ го внесува во оригиналниот назив на официјалното писмо кое таа го користи, односно во согласност со оваа пракса, официјалниот јазик на Горна Република Македонија како членка на ЕУ треба да биде македонски. Употребата на македонски во кирилична верзија за грчката страна не претставува проблем бидејќи  тоа и беше нивни предлог своевремено, а и таквата употреба се реферира на словенското потекло на јазикот. Тоа на некој начин со ерга омнес комбинацијата е отстапката за Грција и според дипломатски извори изгледа дека под притисок на Вашингтон тие попуштаат и се пред прифаќање на овој предлог.

Всушност ваквиот начин на надминување на проблемот е речиси идентичен со понуденото фазно решавање на проблемот кое пред неколку години го предложи пратеникот Павле Трајанов. Неговата партија, Демократскиот сојуз, е колаиционен партнер на Груевски, и оваа платформа  за фазно решавање, беше на неговата маса, а беше доставена и до амбасадата на САД, до Европскиот парламент, до Грција и преговарачот Нимиц, но тогаш не наиде на особена  промоција и поддршка, во јавноста. Предлогот на Трајанов во декември 2009 го понуди токму тоа за што денеска се преговара:

„Прифаќање на компромисно решение за името преку замена на референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“, односно прифаќање на решение за име за меѓународна употреба. Во оваа фаза се смета дека е апсолвирано прашањето сврзано со националниот идентитет и јазикот. По прифаќањето име за меѓународна употреба и неговата верификација во Владите од страна на Република Македонија и Република Грција, Република Македонија да биде примена во НАТО и да започнат преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

Инаку последниот  предлог на медијаторот Метју Нимиц е изработен со поддршка на администрацијата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, а во консултации со преговарачките страни, како и со влијателните меѓународни фактори како САД и други држави. За основите на овој предлог во септември минатата година  биле консултирани премиерот Груевски како и лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Одговорите од Баросо и Рен на предлогот на Трајанов може да се прочитаат тука: ПИСМА.

Во продолжение Проектот на ДС:

Спорот со Република Грција, поврзан со името на Република Македонија, го забавува и кочи процесот на интеграција на нашата држава во ЕУ и НАТО, којшто има и непроценливи негативни импликации за севкупниот развој на Република Македонија,   за добрососедските односи, како и за стабилноста на Балканот во целина.

Досегашните преговори помеѓу Република Македонија и Република Грција не резултираа со  конкретни резултати и сé уште нема предлози и идеи кои можат да бидат основа за компромис и затворање на овој повеќегодишен спор.

Во пресрет на исклучително важните одлуки кои треба наскоро да бидат донесени од страна на Советот на ЕУ, како и отворената покана за полноправно членство во НАТО, сметаме дека треба да се направат сериозни напори и да се преземе дел од одговорноста за решавање на ова важно прашање, преку давање иницијативи и предлози, сé со цел да интензивираат разговорите со Република Грција и да се деблокира Република Македонија во процесот на евро и нато интеграциите.

Во оваа насока, сметаме дека не е можно „веднаш“ и „дефинитивно“ да се разреши овој 100-годишен спор, поради што предлагаме  негово решавање во три фази и тоа:

I  ФАЗА

Прифаќање на компромисно решение за името преку замена на референцата „Поранешна Југословенска Република Македонија“, односно прифаќање на решение за име за меѓународна употреба.

Во оваа фаза се смета дека е апсолвирано прашањето сврзано со националниот идентитет и јазикот.

По прифаќањето име за меѓународна употреба и неговата верификација во Владите од страна  на Република Македонија и Република Грција, Република Македонија да биде примена во НАТО и да започнат преговорите за полноправно членство во Европската Унија.

По прифаќањето компромисно решение за името за меѓународна употреба, Советот на НАТО доставува покана за членство на Република Македонија во НАТО и во текот на една година, договорот за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, се ратификува од страна на сите членки на Алијансата.
Истовремено, Република Македонија ги започнува пристапните преговори за влез во Европската унија при што треба да се инсистира отворањето и затворањето на поглавјата да се одвива во скратени рокови, односно Република Македонија да биде ставена на своевидна “брза лента“ за да се постигне преговорите да завршат во најкус можен рок.

Тоа значи дека во државата треба да се изгради општ консензус за потребните реформи, усогласување на законската регулатива и сл. Во оваа фаза, Република Грција треба да се обврзе да ја поддржи Република Македонија без било какви условувања, ограничувања или активности кои ќе го опструираат целиот процес.

II  ФАЗА

Формирање заедничка Комисија за решавање на сите отворени прашања помеѓу Република Македонија и Република Грција, преку потпишување договори, а посебно за: а) опсегот на користење на името за меѓународна употреба; б) користење на зборот „Македонија“, односно демонополизација на географскиот поим Македонија; в) неменливост на границата и др.Во текот на втората фаза, преговорите за прием во ЕУ да течат без  блокади, односно со поддршка од страна на Република Грција.

Со одлуки на владите на Република Македонија и на Република Грција, се формираат мешовити комисии кои ќе започнат разговори за сите отворени прашања, при што ќе се подготват договори за разрешување на отворените прашања. Препорачливо е комисиите да бидат составени од експерти, кои ќе бидат растоварени од дневно–политички влијанија (рејтинг на партијата на која припаѓаат и сл.) 
Во оваа фаза битно е да се разговара за прашања кои ги оптоваруваат односите меѓу двете земји. 

Треба да се постигне договор за неменливост на границата, кој потоа ќе биде потврден од Советот за безбедност на ООН и истиот ќе се депонира во ООН.
Едно од клучните прашања кое треба во овие рамки да се иницира да се разреши е опсегот на користење на името за меѓународна употреба, со инсистирање тоа име да се користи само во рамките на ООН и нејзините организации, без било какви инсистирања или препораки посебно кон државите кои имаат воспоставено дипломатски односи со Република Македонија под нејзиното уставно име, како и меѓународни организации, економски, културни, спортски и други, кои не се дел од ООН.

Демонополизацијата на зборот “Македонија“ треба да биде предмет на посебен договор, при што двете држави го задржуваат правото да го користат овој термин без ограничување. Истото би се однесувало и за изведените именски и придавски форми од зборот “Македонија“. Тоа значи дека и натаму Република Македонија си ги задржува своите институции под сегашните називи (МАНУ, МРТВ и др.)

Во оваа фаза посебно е битно Владата на Република Македонија да подготви прашања и теми кои ќе бидат предмет на разговорите, со целосно издржана анализа и аргументација. 

 III ФАЗА

На предлог на посредникот Метју Нимиц, донесување Резолуција од страна на Советот за безбедност на ООН за решавање на спорот, со анекси во кои ќе бидат опфатени постигнатите договори помеѓу Република Македонија и Република Грција.По донесувањето на Резолуцијата и исполнувањето на критериумите, Република Македонија да биде примена како полноправна членка во ЕУ.

Целокупниот процес да се одвива под покровителство на посредникот назначен од страна на ООН, господинот Метју Нимиц, како и во соработка со ЕУ, САД и НАТО.

Во подготовката на Резолуцијата треба да се вклучат домашни, но и експерти со светско реноме, се’ со цел наводите во Резолуцијата да бидат јасни и недвосмислени, без можности за подоцнежни различни толкувања.

Од исклучителна важност во оваа фаза ќе биде навременото информирање на сите постојани членки на Советот за безбедност на ООН, при што од посебно значење е во графата за Република Македонија, националноста и јазикот да се дефинираат како македонски. Ова прашање мора да се расчисти, за да се елиминираат сите можности за подоцнежни поинакви решенија.

За да се постигнат крајните резултати, овој процес треба да биде поддржан од ЕУ, САД и од НАТО, односно од сите држави-членки на овие организации.

Трите фази претставуваат целина на еден процес, кој треба да заврши со носење Резолуција на Советот за безбедност и со верификација (потврда) на анексите, односно на договорите кои ќе бидат постигнати меѓу Република Македонија и Република Грција и истите ќе бидат составен дел на Резолуцијата.   

 

Скопје, декември, 2009 година

Претседател  Павле Трајанов

partners partners partners partners partners partners