Павле Трајанов: Ни треба визија за иднината на Македонија

15.01.2022

Павле Трајанов: Ни треба визија за иднината  на Македонија

На денешната расправа во Собранието за избор на Влада на РСМ, Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, во дискусијата, меѓу другото нагласи:

"За програмските приоритети веќе разговараме со мандаторот при што  пред нас е Програма со која се надевам се нуди стратегија или визија за перспективите и целите кон кои ќе се движиме како држава.

Разочарување и незадоволство се присутни на секој чекор, но и надежите дека  е можен  пресврт на подобро. Но треба да ги засукаме ракавите и да работиме.

Сакам да нагласам само неколку приоритети на кои треба да бидеме посветени и да испорачаме резултати.

Прво, доста е со говори, стратегии, платформи за реформи во правосудниот систем, да направиме кредибилен судски систем, законите да важат за сите. Да обезбедиме фер судење и правда, да се преиспитаат монтираните судски процеси. Ако нема правда, нема ниту мир. Ако нема правна сигурност, бега капиталот но и младите.

Второ, од понеделник натаму, силна и бескомпромисна борба против тешките облици на криминал и високата корупција.

Седум институции се вклучени во откривање и сузбивање на криминалот, но тие се партизирани, некоординирани, затоа  предлагам Закон за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, како и формирање на независна Агенција за борба против криминалот.

Трето, коренити реформи на изборните правила. Македонија да биде една изборна единица законски услови за рамноправен политички натпревар.

Четврто, имплементација на европските стандарди и реформи согласно поглавјата за членство во ЕУ, независно што и натаму трае блокадата од Бугарија.

Овде сакам да ги потенцирам црвените линии, никој не сме да го загрози нашиот национален идентитет, јазик историја, културни и други карактеристики и обележја на Македонскиот народ.

Петто, да се отвори расправа за системски промени, преку промени на Уставот за јакнење на одговорноста, отворање на расправа за Бадентер, затоа што се злоупотребува или селективно се применува и сл.

Имаме и конкретни идеи за младите, по завршување на високо образование, да можат  да работат година дена во приватен сектор или државни институции, на сметка на Буџетот.

За економските аспекти, енергетската криза, пандемијата и други значајни прашања ќе разговараме и во наредниот период.

Но мораме да ги департизираме виталните државни институции, да им дадеме шанса на способните и креативните, на младите.

На крај дајте да обезбедиме единство и сплотеност за стратешките интереси на Македонија, да ја чуваме Македонија, младите да останат овде во Македонија, да станеме информатичка силна држава."


partners partners partners partners partners partners