10.05.2013
Пацери и мајстори
од Братислав Димитров
Шаховски кажано, пацерот (аматерот) прво го мрднува потегот, а дури после размислува! Мајсторот прво размислува и после го мрднува потегот. Или, откако ќе увиди дека нема шанси за победа, не продолжува да игра туку љубезно му ја честита победата на противникот. Пацерот (почетникот) е упорен и продолжува да игра “до гол крал”, малтретирајќи го противникот и околните кибицери. Откако сите ќе ги направи “жива вода” и ќе ја загуби шаховската партија, пацерот наместо да честита, длабоко го замразува противникот и му соопштува дека на среќа добил загубена партија!? (Логично: “Народот е во право и кога греши!”) Причини за поразот на пацерот има многу, но тој ги издвојува најсуштинските: Столчето му се клати, го јаде забот горе лево тројка, публиката шушка со кесички од бонбони а противникот носи кошула со дреч бои! Башка, “му поклонил” фигура а овој (замисли!) ја лапнал “како поп сарма!”
Причините за својот пораз мајсторот не ги бара никаде, освен во себе. Седнува и учи варијанти сѐ додека не ги научи. Откако теоретски сериозно ќе се подготви, продолжува да игра со рамноправни или посилни играчи од себе. Пацерот откако ќе загуби од посилниот противник, насекаде бара поголеми пацери од себе, за да го смири своето рането его без кое не може ни носот да си го избрише! Жртвите ги наоѓа пред зграда, по паркови и пензионерски домови. Вооружен со осветнички планови и садизам достоен дури и за маркизот Де Сад, пацерот им скратил барем по една пензија на своите противници пензионери и го зголемил профитот на локалните погребални претпријатија! Еве ја животната филозофија на еден врвен пацер: “Јас секогаш барам послаби противници од себе кои многу се нервираат кога ќе загубат. Тоа ми е послатко и од тулумба!”
За жал, освен во шахот, пацерите се помнугубројни од мајсторите и во сите други области. Најгусто се населени во политиката. Во Англија потешко е да станеш таксист отколку во многу држави академик! Во Македонија полесно е да станеш министер, директор или државен службеник отколку во Англија обичен полицаец! Покрај многуте услови, славниот “боби” мора да ја задоволи и графата за одредена висина и доколку е малку понизок од предвидениот стандард, може да добие полициска униформа, ама само за маскенбал! Да се вратиме кај “нашиве”. Пацерот зборува многу и гласно. Мајсторот тивко и малку. Пацерот се кара со сите. Мајсторот само со себе. Пацерот мисли дека знае сѐ. Мајсторот постојано учи. Пацерот не се жени затоа што не може да најде никој што ќе го сака повеќе отколку што тој се сака себе си! Мајсторот е домаќин човек, во буквална но и духовна смисла. Пацерот може да изброи до 20, само ако ги соблече чорапите. Мајсторот не брои прсти, тој брои ѕвезди...
Навистина не сум среќен кога ги напуштам моите маалски љубовни приказни и пишувам за актуелни настани. Но изгледа дека мора да се пишува, затоа што пацерите немаат милост! Тие се духовен плевел кој постојано го задушува нашиот духовен простор. Својата стара парола “пролетери од сите земји обединете се”, ја реформираа и сега гласи “пацери од сите страни здружете се!” Неодамна еден врвен пацер (на кого “политичката кариерата не му паднала од небо”) ја даде својата антологиска изјава и замина во легендите. На прашањето дали е кодош или не, завалијата без око да му трепне и мува да го лази, проглаголи елоквентно: “Законот е карикатура, а и државата е карикатура!” Па да, кога тој беше на власт, нашата држава ја прогласија за мис на светот а законите за први придружнички, насекаде течеше мед и млеко, а гладуваа само тие што беа на диета! Ех... кога тој беше на власт... Абе олабавете малку, да му се сневиди! Па белки на светов и веков има и други работи освен власт и привилегии!? Каде пишува дека без вас сѐ е карикатура, а со вас, сува лепота? Не вреди. Ќе мора и ова да се преживее. Во меѓувреме, крајно време е некој да ги информира дека ги загубиле изборите. На сите ќе ни лекне!
За жал, пацерите се многубројни и во обичниот народ, познат и под терминот “проста маса”. Иако не мрднале ни со малиот прст за да направат барем нешто добро за сопствената држава, тие сакаат сѐ да добијат веднаш и сега, по можност на тацна! Постојано критикуваат и бараат спектакуларни резултати. Иако до вчера градеа систем во кој омилена парола им беше, “не може никој толку малку да ме плати, колку што јас можам малку да работам”, денес сакаат некој да ги запише во Европа, но само заради платата! Иако се однесува на друга област, текстот што следи се однесува токму на овој вид пацери.
Еве што напишал легендарниот Арон Нимцович (роден 1886 година во Рига) во својата шаховска книга Мојот систем и Блокада: "Психолошки е драгоцено да се развие во себе способноста за радување на малите предности. Почетникот (пацерот) се радува само тогаш кога може да му објави на својот противник "мат", или кога ќе успее да ја фати непријателската "дама". Спротивно на тоа, мајсторот исклучително е задоволен кога ќе успее да забележи макар и навестување на слабости во непријатеската пешачка позиција некаде во аголот на левата половина на таблата! Оптимизмот претставува неопходна логична основа за позиционата игра. Тој оптимизам ни дава сила во секоја невоља (колку и да е голема) да откриеме многу скромна, но сепак светла страна..."
Кога ќе размислам малку подобро, "подобро" во вакви тешки случаи значи дека не одлепувам поглед од една точка на таванот, сфаќам дека одамна не сум излегол на балкон! На балкон сум. С а м. Под услов да не се сметаат неколкуте оси, муви и комарци на мојата кришка лубеница и пар гугутки на околните керамиди. Секој што барем малку се разбира во вакви драмски моменти, одобрува прелет на чучулига преку ангелскиот божилак, за лирските потреби на овој текст. И додека палавото сонце ги тркала своите златни обравчиња по околните сртови а темното срце на ноќта ги удира првите тактови по небесното мастило, јас патувам далеку...Добро е. Жив сум. Се чувствувам како десет другарчиња на излет!