Демократски сојуз




Проект за декриминализација (ДЕКРИ)

Опасности од организираниот криминал

Неподелени се оценките дека Република Македонија се криминализира, дека отсуствува политичка волја за ефикасна борба против криминалот, дека не функционира имунолошкиот систем на државата, а последица на сето тоа е целосната ерозија на институциите на државата.  

Затоа е неопходен политички и граѓански консензус за “ВОЈНА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈАТА”.

Деструктивните дејства на организираниот криминал може да се согледаат насекаде - преку колапсот на стопанството, преку партизацијата на јавната администрација, преку сиромаштијата, преку огромната невработеност и преку огромните социјални разлики. 

Со огромната распространетост на институционалниот криминал и корупцијата, ниту една реформа не може да се постави на системски основи, а уште помалку да се спроведува.

Во изминатите 15 години владејачките гарнитури не изградија јасен политички став и не презедоа ништо за да се изгради систем за спречување и искоренување на институционалниот организиран криминал и корупција. Напротив, Владата и власта во целина се генератори на криминализацијата на државата. 

Организираниот криминал и корупцијата, во основа можат да се поделат на три вида:

Прв и најопасен е институционалниот организиран криминал, при што уставните, пред с#, законските решенија, го “легализираат” криминалот со кој се урива економската основа на државата.

Тоа се изведува преку неправедната и криминална приватизација, преку продажба на фирми на наводни странски стратешки партнери, преку продажба на градежно земјиште, преку спогодби во четири очи, но и преку тендери за изведување градежни работи, набавка на опрема, системи за врски, возила и друго.

Со криминалната приватизација нанесена е штета од над пет милијарди евра на Македонија. 

Со дискреционите министерски права за набавка на оружје, опрема, специјални возила, униформи или системи за врски за потребите на армијата и полицијата, во последните осум години украдени се повеќе од 80 милиони евра.

Постои спрега меѓу криминалното бизнис - лоби и политичкиот естаблишмент, при што сопствениците на фирмите (а зад нив воопшто не заостануваат ни политичарите) на класичен криминален начин станаа богаташи на штета на граѓаните и на вкупниот економски развој на државата.

Овој криминал во државата етаблира триесетина олигарси, кои преку влијанието во обликувањето на законски проекти и врз донесувањето важни политички одлуки исклучиво во интерес на компаниите кои десетина години имаат монополистичка положба, имаат целосна контрола врз капиталот, врз банкарскиот систем, врз економијата и врз државниот врв. 

Со овој вид организиран криминал, нанесени се и сe уште се нанесуваат огромни штети на државата, а преку нив се парализира системот во целина. Посебно е опасно што се блокира стопанскиот развој и се создаваат огромни социјални разлики. 

Вториот облик на организиран криминал и корупција е нарко-бизнисот, недозволената трговија со оружје, нафта, трговија со жени, шверц на акцизни стоки, особено на цигари и друго. Карактеристично за овој вид криминал е што во него задолжително се вклучени и лица од власта - цариници, припадници на полицијата, носители на високи и влијателни јавни функции и други.

Овој облик на организиран криминал е тесно поврзан и со тероризмот на Балканот, со големиот број киднапирања, со ликвидација на видни политичари, бизнисмени, како и со пенетрирање во високи политички кругови заради остварување политичко влијание врз геостратешките поместувања на Балканот.

Во неговите рамки, мошне често е присутен и меѓународниот, странски елемент.

Македонија долго време беше само транзитна територија на дрогата, но последните години станува и консумент. Сите информации потврдуваат дека огромни количини на хашиш, хероин, а во последно време и кокаин, пристигнуваат во Македонија, голем дел се транспортира на Косово, каде што се препакува и се носи кон земјите членки на ЕУ. И покрај тоа, громни количества остануваат во Македонија, при што имаме континуирано зголемување на бројот на уживателите на опојни дроги.

“Бизнисот” со нафта и нафтени деривати од 1993 година во основа бил под контрола на власта, при што само неколку фирми имале ексклузивно “право” да се занимаваат со овој бизнис, а една од нив стана многу влијателна во високите политички кругови. Проценките се дека фирми и поединци, преку шверцот со нафта инкасирале над една милијарда евра.

“Бизнисот” со цигари започнува од 1992-93 година и се смета за еден од најпрофитабилните и најбезбедните бизниси. Во него се инволвирани министри, Царината и Полицијата. Проценка е дека со овој бизнис, во изминатите десетина години, во приватни џебови се инкасирани околу три милијарди евра. 

“Трговијата” со оружје е исто така мошне застапена и освен нелегалниот приход, големите количества оружје ја загрозуваат и безбедноста на државата и граѓаните. 

Трговијата со жени е присутна посебно во западниот дел на Македонија и, посебно последните пет до осум години, поприма загрижувачки размери. 

Третиот вид криминал е широко распространетата корупција, во чиј рамки, граѓаните за да остварат некое право, мораат да платат. Овде, пред се, се мисли на обезбедување дозволи за градба, на судска разрешница за некој предмет, на здравствена услуга, на контигенти за увоз на стока, на даночно олеснување итн.

Со овој вид криминал се потврдува високиот степен на криминализацијата и ниското ниво на основните вредности во државата. 


Декриминализација (ДЕКРИ)    

Во правото, под поимот “декриминализација“ се подразбира укинување на казнените одредби кои санкционираат некое дело, како што е декриминализација на вербалниот деликт, декриминализација на кривичното дело “навреда” и “клевета“ и слично, а експертите по право, поимот “декриминализација“ го толкуваат како “депенализација“, односно како ослободување од кривично гонење и казна.

Во политичкиот речник, под поимот “декриминализација“ се подразбира елиминирање на институционалниот криминал и на неформалните центри на моќ, посебно во случаи кога системот произведува криминално поведение на институциите и на поединци преку злоупотреба на положбата и институциите.

Потребата за институционализирање на општествената акција за декриминализација, е наметната од актуелните состојби во Република Македонија, кои се карактеристични по владеењето на криминалната спрега меѓу политиката и транзициската олигархија, што во криминологијата се нарекува организиран криминал.

Суштинската намера на Проектот за декриминализација (во натамошниот текст ДЕКРИ) се реафирмирање на основните општествени вредности, кои во изминатите 15 години на криминална транзиција беа целосно инверзирани. Без целосна и бескомпромисна примена на ДЕКРИ во сите сфери на системот, Македонија едноставно не ќе може да тргне напред. Без ДЕКРИ ниедна реформа нема да може да успее, бидејќи во основата на овој проект стојат токму реформите. 

Проектот не е замислен како волшебна формула која преку ноќ ќе ги реши сите проблеми на државата, туку како повеќезначен процес, кој во континуитет ќе напаѓа стриктно утврдени таргети и ќе дава конкретни и видливи резултати. Оттаму, основната намера е ДЕКРИ да ги воспостави основите на општата офанзива против институционалниот криминал, да биде движечката сила која од Македонија треба да направи пристојно место за живеење, односно правна држава.

Основната замисла е со овој проект во Македонија да се воспостави правниот поредок, да се обезбеди почитување на основните цивилизациски вредности, Уставот и законите, бидејќи само во такви услови се создаваат еднакви шанси за сите. 

За да успее ДЕКРИ неопходно е да биде поддржан од граѓаните, од партиите, од невладините организации, од експертите, од медиумите и од меѓународниот фактор, а неговата практична реализација не е можна без соодветни законски интервенции, односно промени во постојната регулатива, вклучително и промена на Уставот на Република Македонија, во кој, организираниот криминал треба да се третира како злосторство против народот кое не застарува. 

Основни цели на ДЕКРИ се:

а) Да се утврди непринципиелноста на законските решенија, кои во периодот на транзицијата генерираа услови за протекционистички однос и третман кон поединци и фирми од страна на државните институции и истите да ги редефинира и промени според правилата и принципите кои гарантираат и обезбедуваат рамноправен статус на граѓаните пред законите и еднакви шанси за сите.

б) Да се создадат уставни и законски рамки за укинување на временските лимити за дејствувањето на ДЕКРИ, односно да нема временско ограничување за гонење на сторителите кои во последните 15 години учествуваа во ограбувањето на Македонија.        

в) Да се утврди одговорноста на државните функционери, на носителите на јавни и државни функции и на раководителите на фирми со општествен (државен) капитал во период од последните 15 години.   

г) Да се процени штетата настаната од претходно создадените услови (во пари, имот и капитал) кон државата, односно кон граѓаните. 

д) Да се врати одземеното од Државата и граѓаните (само во случаи доколку имало злоупотреба на уставните и законските норми) и да се надомести штетата од тие што учествувале во грабежот. 

ѓ) Да се санкционираат функционерите и другите учесници, кои со злоупотреба на функциите ја оштетиле државата и граѓаните. 

е) Да се предупредат (принцип на генерална превенција) идните носители на јавни функции дека системот ќе има нулта толеранција за секој што ќе се вклучи во криминални активности.           

ж) Да се предложи квалитетна социјална, економска и развојна програма за трошење на парите, имотот и капиталот вратени во државната каса и парите што ќе се заштедат како разултат на одвраќање од вклучувањето во криминални активности на носителите на јавни функции.     

з) Да се изготват посебни проекти за информирање и едуцирање на граѓаните за улогата и значењето на ДЕКРИ, со цел охрабрување на досегашните и на идните странски инвеститори, институции, граѓанските асоцијации и невладините организации, дека во Македонија ќе функционираат принципите на владеење на правото.  

Правила и принципи  

Проектот за декриминализација дефинира строги правила и принципи за водење борба против организираниот криминал и корупцијата.

- На јасен начин ја утврдува одговорноста на носителите на јавни функции, доколку ја злоупотребат положбата (функцијата) за стекнување имот на криминален начин, предвидувајќи постапка за откривање на имотот стекнат преку организиран криминал, негова конфискација и забрана на политичко дејствување.

- Обезбедува целосна координација на институциите задолжени за откривање и спречување на организираниот криминал, проветрување на овие институции од партиските кадри, кои по правило се со слаб кредибилитет  и ниско ниво на професионалност.

- Овозможува целосна самостојност и заштита на овластувањата на кадрите кои работат на откривање и спречување на организираниот криминал, како и на оние кои работат во институциите битни за јакнење на моралните вредности и остварување на основните права на граѓаните, посебно на вработените во одбраната, во институциите за безбедност, во здравството, во образованието, во правосудството и други.

- Обезбедува целосна правна сигурност на странскиот капитал. 

Форми и методи 

Со Проектот за декриминализација се објавува ВОЈНА ПРОТИВ КРИМИНАЛОТ и за прв пат на јасен и концизен начин се детектираат состојбите и се нуди Заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал и корупцијата.

Примарна цел на Проектот е да се поттикнат експертите, невладиниот сектор, медиумите, но пред с#, граѓаните, да се вклучат во борбата против организираниот криминал и корупцијата, со цел да се изгради систем кој гарантира дека инстуционалниот криминал ќе биде пресечен во корен.

Во рамките на Проектот, приоритетно место има донесувањето ЗАКОН ЗА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА, во кој на јасен и концизен начин ќе се дефинираат правилата на игра за сите, но пред се за носителите на јавни функции. 

Со проектот се обезбедува јасна процедура за проценка на имотот на секој носител на јавна функција и задолжително изрекување на мерката - КОНФИСКАЦИЈА на с# она што е стекнато со злоупотреба на функцијата, како резултат на спрегата меѓу “бизнисмените” и политичарите. 

Секоја фирма што преку протекционистички врски со власта дошла до нелегален профит, претставува предмет на анализа и санкционирање, за да се обезбедат еднакви шанси за сите и да се поттикне легалното и чесно работење.

Исто така, една од намерите на Проектот е на едноставен начин да може да се направи ревизија на случаите на приватизација и јавните набавки, договорите склучувани во “четири очи” и друго.

Искуствата покажуваат дека најголемата опструкција на економскиот развој на државата доаѓа токму од фирмите кои се приватизирале на криминален начин, а тоа се фирми кои се уште уживаат протекционистички однос од страна на власта.

Проектот, меѓу другото, предвидува одземање на имотот од политичките партии, кои го наследиле од претходниот систем.Со овој проект се обезбедува висок степен на координација и соработка на контролните системи, но претходно, тие мора да се прочистат од неспособните партиски кадри и да им се обезбеди целосна самостојност во работата, добри плати и с# што е неопходно за ефикасна работа.

За успешна имплементација на проектот ќе се формира АГЕНЦИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА, која ќе има широки овластувања за иницирање на постапка против носители на јавни функции за кои ќе се добијат информации дека се вклучени во криминал.

Дискрециските права на премиерот и на министите се редуцираат, се обезбедува јавност во работата при располагањето со финансиски средства, продажбата на капитални објекти, давање концесии, јавни набавки итн. 

Структурно и законски се елиминираат сите сиви зони кои овозможуваат криминално поведение на носителите на власт, односно конечно и еднаш засекогаш се кине синџирот на институционалното продуцирање криминал.

Казните за криминалот сврзан со злоупотреба на положбата, односно власта, максимално се заоструваат и задолжително се изрекува мерката конфискација на имот и забрана за политичко дејствување (лустрација).

Се легализира примената на технички средства во борбата против носителите на организираниот криминал, што може многу да ја зголеми ефикасноста на институциите задолжени за откривање и спречување на истиот.

Корупцијата на пониско ниво не може да се искорени доколку лекарот прима плата од 20 илјади денари, а наставникот, полицаецот, или цариникот по 15 илјади денари, или помалку. Во овој контекст, се применуваат други стандарди. Се инсистира на чесност, принципиелност, висок степен на професионалност, но и на повисоки плати.

Проектот за декриминализација е и европски проект. Главните забелешки на Европската комисија се насочени токму во оваа област и доколку постои искрена намера да се обезбеди побрзо чекорење кон ЕУ и имплементација на европските стандарди, мора да се спроведе бескомпромисна пресметка со носителите на организираниот криминал и корупцијата инсталирани во власта.

Проектот треба да отвори вистинска, а не само вербална војна против организираниот криминал и корупцијата, односно да ги реафирмира автентичните општествени вредности и да обезбеди генерална превенција од разорното дејство на организираниот криминал. Да се обезбеди заштита од криминалот што го прави власта и да се отворат перспективите за економски развој, за реформи, како и за владеење на правото и поквалитетен живот за сите.

Една од основните задачи на проектот е профункционирање на имунолошкиот систем на државата и воспоставување генерална превенција и тоа преку максимализирање на ризикот за вклучување на државни функцинери во криминал.

Ефикасна борба против организираниот криминал значи силно “со чекан” да го удриме “октоподот по главата”. Во спротивно, доколку повремено му ги сечеме само краците, тој и натаму ќе се шири. Граѓаните не можат да произведат толку, колку што власта може да растури и ограби, доколку нема реална опасност за одговорност. Со овој проект на удар се само сторители на тешки кривични дела со кои е оштетена Република Македонија, при што низ легална процедура мора да се врати сето она што на криминален начин е одземено од државата и од граѓаните.

Со овој проект дефинитивно му се објавува отворена и фронтална војна на институционалниот (државниот)  криминал и корупцијата, со единствена цел - да се пресече во корен ова зло, кое разорно дејствува врз основите на кои е поставен системот.  

Приоритети за успешно спроведување на декриминализацијата

 а) Отворање расправа во Владата и Парламентот за    ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА и дефинирање јасни и конкретни политички ставови во врска со борбата против организираниот криминал и корупцијата.

б) Проучување на законите и подзаконските акти со кои им е дозволено на носителите на јавни функции (министри, заменици министри, државни сектретари, директори на дирекции, директори на агенции, директори на јавни претпријатија, други одговорни работници и слично), да располагаат со дискрециони права во одлучувањето за прашања кои се во врска со располагањето финансиски и материјални средства, по што ќе се направи промена на истите, за да се спречи нивна злоупотреба. Накусо, целосно преиспитување на дискреционите права. 

в) Преиспитување и преоценување на законските овластувања на контролните државни институции (институции задолжени за откривање и спречување на кривични дела), нивно усогласување, обезбедување нивна меѓусебна соработка, координација, модернизација, техничко опремување и др. 

г) Кадровско екипирање на припадниците на контролните државни институции, нивна обука за справување со тешките облици на организиран криминал и корупција, обезбедување материјални и други услови за работа и обезбедување нивна целосна самостојност во работата и висок степен на професионалност. 

д) Отворање посебни оддели за борба против организираниот криминал и корупцијата во рамките на Антикорупциската комисија, Дирекцијата за спречување на перење на пари, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, МВР, обвинителството и судот. 

ѓ)  Донесување ЗАКОН ЗА ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА. 

е) Измени и дополнување на Кривичниот законик и Законот за кривична постапка, како и измени во другите закони, со цел да се заострат казните, но и да се олесни постапката неопходна за успешно и ефектно процесуирање на постапките против сторителите на организиран криминал и корупција. 

ж) Законско регулирање на примената на оперативно-технички средства, донесување Програма за заштита на сведоци и др. 

з) Обезбедување целосна транспарентност и поддршка од јавноста за с# што ќе се преземе за реализирање на Проектот за декриминализација, со што ќе се постигне крајната цел - Генерална превенција од организираниот криминал и корупцијата.  

 * *  *

Врз основа направената анализа, а со цел да се изгради заокружен и ефикасен систем за борба против организираниот криминал, се предлага: 

1. Донесување Закон за борба против организираниот криминал и корупцијата, во кој ќе бидат дефинирани јасни правила за сите, посебно на носителите на високи функции, утврдување на  обврските и одговорноста на носителите на јавни функции, како и на лицата кои се во спрега со државните функционери и другите носители на државни и јавни функции.

Да се предвиди мерката – конфискација, односно одземање на имотот од функционери кои го стекнале на криминален начин.

Да се предвиди заштитна мерка - забрана на политичко дејствување (лустрација) за секој што ја злоупотребил положбата за стекнување со материјални средства на криминален начин.

2. Да се формира Агенција за борба против организираниот криминал и корупцијата, со јасни овластувања меѓу кои да може да ги координира и насочува активноста на сите институции задолжени за борба против организираниот криминал, да има широки овластувања за детекција на скриениот имот на функционерите, да има право да го замрзне имотот стекнат со криминални активности и да може да поведува постапка за утврдување на одговорноста на лицата вклучени во организираниот криминал и одземање на криминално стекнатиот имот (конфискација). 

Агенцијата е целосно самостојна и независна од Владата и Парламентот.

Директорот на агенцијата се избира преку јавен конкурс од редот на професионалците, а изборот го врши управен одбор (борд) составен од дваесетмина истакнати и угледни универзитетски професори, претставници од невладини организации, медиумите, судската власт, Владата, Парламентот итн.

3. Да се иницира формирање Балкански центар за борба против организираниот криминал и тероризмот, со седиште во Скопје.

4. На сите носители на јавни функции (од 1990 година наваму), но и на бизнисмените кои биле во спрега со политичките елити, да им се изврши проценка на вредноста на имотот и, доколку истиот имот е драстично поголем од нивните приходи, вишокот да се одземе (конфискува).

5. Да се изврши преоценка на приватизацијата, односно ревизија на приватизацијата на сите поголеми компании, на продажбата на градежно земјиште и земја воопшто и, каде што ќе се утврди криминал, приватизацијата да се поништи, а од сите што украле ќе се одземе или надомести штетата.

6. Да се изврши проценка на имотот на политичките партии, начинот на кој е стекнат, како и изворите на финансирање за изградба на објектите. Се што е нелегално да се одземе. Партиите што наследиле имот од стариот систем, мора да се откажат од истиот.

7. Предмет на проценка да бидат и сите тендери за набавка или продажба на фирми, градежно земјиште и слично, доколку вредноста надминува 100 илјади евра.

8. Сите државни функционери и носители на јавни функции, кои ги злоупотребиле своите позиции, противправно се стекнале со имот, пари и капитал, ќе треба да го вратат украденото и да одговараат за стореното.              

Скопје, март 2007 година       

 

Прилог кон проектот (1)

Појавни облици на организиран криминал  

Република Македонија се соочува со огромна криминализација, која разорно дејствува врз институциите, го кочи економскиот развој, го суспендира владеењето на правото. Крајните резултати се целосен колапс на државата. Криминализацијата на државата започна со промената на сопственоста и повеќепартискиот систем, односно, т.н. транзициски период. 

Најголем криминал е направен преку неправедната и криминална приватизација на општествениот капитал, при што се етаблираат дваесетина олигарси, кои имаат целосна контрола над банкарскиот систем, над економијата, движењето на парите и истите се вклучени во носењето на сите важни одлуки, со кои самите се штитат, а остварија и доминантно влијание во партиите, медиумите и невладиниот сектор.

Првите транзициски богаташи се јавија преку приватизацијата, кршење на ембаргото, шверцот со цигари, даночната евазија, неплаќање на царини, кои по кусо време, преку финансирање на политичките партии, остварија клучно влијание во сите државни институции, вклучително и врз контролните системи. 

Носителите на јавни функции, обезбедувајќи привилегирани услови за работа на фирмите блиски до нив, обезбедија огромен капитал, првенствено во кеш, со што го отежнуваат следењето на трагата на парите.

Тендерите за продажба на фирми или земја, потоа за набавка на опрема, возила, системи за врски и друго, изведување градежни и други работи,  стана најдобар систем за заштита на носителите на јавни функции, бидејќи секогаш во нивно име “одлучува”, некаква комисија. 

Фирмите кои конкурираат да добијат тендер, прво плаќаат да бидат избрани, а после плаќаат за да им биде платено за извршената работа (од 5% до 20%), На овој начин власта ги креира даночните пирамиди. 

Банкарите се вклучија во криминалната призатизација и ништењето на фирмите, но и во купување на фирми. Високи камати, потоа, давање поволен кредит на свои за да откупат акции од некоја успешна фирма, и каматата ја враќаат преку дивидендата, но останува и за нив. За поволен банкарски кредит често пати се бара во кеш од 5% до 10%. 

Во последните неколку години пропаднаа неколку банки, кои предходно Владата со позајмици се обидуваше да ги “спаси”, но се покажа дека од овие банки огромни финансиски износи влечеле носители на јавни функции, а кредитот никогаш не го вратиле.

Некои од директорите и другите раководни лица во царината, станаа најбогати и најмоќни граѓани, преку системски шверц на акцизни стоки (цигари, алкохол, нафтени деривати и други), како и преку пропуштање на неоцаринета стока. Проценка е дека од 1991 година досега, со овој бизнис се “заработени” над 4 милијарди евра.

Огромен криминал има и во министерствата, вклучени во давањето дозволи за градба, набавка на лекови, давање дозволи за транзит на стока преку Македонија и.т.н.

Монополските фирми, “Телеком”, “Електростопанство”, фирмите што се занимаваат со промет на нафта, се компании со огромен профит, но средства се одлеваат на нелегален начин во странство и приватни џебови. 

Министерствата за одбрана и внатрешни работи, при набавка на оружје, опрема, униформи и друго, “отуѓуваат” најмалку 30 % од средствата за таа намена. Овде се е во знакот на конспиративности, а од тие пари се градат партиски  згради и се полнат личните конта во странските банки. 

Посебно треба да се нагласи и организираниот криминал со дрога, оружје, трговија со жени и др. во кој по правило се вклучени и лица од власта.  Скопје, март 2007 година

 

Прилог кон проектот (2)

И Н И Ц И Ј А Т И В А

ЗА ФОРМИРАЊЕ БАЛКАНСКА КОАЛИЦИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ И ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ 

Во последните десетина години, балканските држави се соочуваат со предизвици сврзани со промената на политичкиот систем и промената на сопственоста. Сите балкански држави се определија за повеќепартиски систем, развој на демократијата, владеење на правото, пазарна економија и ефикасна борба против тероризмот и организираниот криминал. 

Паралелно со позитивните процеси, балканските држави се соочија и со војна, економска рецесија, тероризам и организиран криминал, во кои покрај криминалните структури се повеќе се вклучуваат и носители на високи државни функции. Тероризмот и криминалот разорно дејствуваат врз сите државни институции и го кочат демократскиот и економскиот развој на државите. 

Во последните години се случија голем број на терористички акти во повеќето балкански држави. Во Македодија во 1995 година имаше обид за атентат над претседателот Киро Глигоров, а во годините кои следеа и голем број други терористички акти, насочени првенствено кон силите за безбедност, но и терористички акти над голем број на јавни објекти. 

Во Бугарија исто така, извршени се голем број на терористички акти над носители на јавни функции, но и познати бизнисмени. Меѓу нив и атентатот над поранешниот премиер на Бугарија, Андреј Луканов, како  и убиството на познатиот бизнисмен Илија Павлов и др. 

Во Србија и Црна Гора исто така имаше голем број на терористички акти, меѓу кои и атентат врз Зоран Ѓинѓиќ, премиер на Србија. 

Со вакви акти е соочена и Албанија, како и другите балкански држави. 

Организираниот криминал е присутен во сите балкански држави, особено недозволената трговија со дрога, оружје, цигари, бело робје, киднапирања, како и криминал во кој се вклучуваат и високи функционери во сите држави, првенствено преку злоупотреби на царината, наместени тендери, приватизации и продажба на капитални објекти, злоупотреба на грантови, инвестиции и др. 

Имајќи ја во вид раширеноста на тероризмот и организираниот криминал и слабите резултати во борбата против овој вид на криминал, како и отсуството на соработка на овој план помеѓу балканските држави, покренуваме иницијатива за формирање 

БАЛКАНСКА КОАЛИЦИЈА ЗА БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ И ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ

Заради поефикасен и координиран настап за борба против тероризмот и организираниот криминал, неопходно е балканските држави да изградат заедничка стратегија и дефинираат инструменти за спротивставување на тероризмот и организираниот криминал. 

Сметаме дека балканските држави: Македонија, Србија и Црна Гора, Бугарија, Романија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Грција, треба да склучат договор за борба против тероризмот и организираниот криминал, во кој ќе се предвиди и формирање     

БАЛКАНСКИ ЦЕНТАР ЗА БОРБА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ И ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ

Со договорот треба да се предвиди можноста за собирање и размена на информации во врска со подготовка на терористички акции, за групите и поединците кои подготвуваат терористички акти, заеднички мерки и активности, како и собирање на информации за носителите на организираниот криминал. 

Седиштето на овој Центар предлагаме да биде во Скопје. 

Само со јасно изразена определба на сите балкански држави, стратегија и прецизни обврски на секоја од државите и настап на организиран начин и непосредна и координирана соработка помеѓу балканските држави, можно е поефикасно да се спротивставиме на тероризмот и организираниот криминал. 

Во оваа Коалиција, од исклучителна важност е да се вклучи Грција, како членка на ЕУ, но исто така, неопходна е и политичка, финансиска и стручна помош од ЕУ, НАТО, САД и Русија. Оваа коалиција очекуваме да биде поддржана и од ООН и од УНМИК во Косово. 

Балканските држави имаат потреба и шанса да се здружат во борбата против тероризмот и организираниот криминал. Убедени сме дека тоа е во интерес на сите граѓани од балканските држави. 

Очекуваме, по оваа иницијатива да расправа Владата и Парламентот на Република Македонија и по дипломатски пат да се достави до другите балкански држави, ЕУ, НАТО, САД и Русија.     

Скопје, март 2007 година                                                                              



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners