Трајанов бара седница за политичката состојба во државата

10.03.2015

Трајанов бара седница за политичката состојба во државата

Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократски сојуз, до претседателот на Собранието на Република Македонија, господинот Трајко Вељаноски, поднесе барање за одржување на пленарна седница на Собранието, на која ќе се расправа за актуелната политичка состојба во државата.

Во барањето Трајанов нагласува:

Господине претседател,

Во последниот месец се презентирани бројни информации, аудио и видео снимки, како и други материјали за кршење на основните човекови права, за кршење на Уставот и законите, како и за употреба (злоупотреба) на системите за прислушување и сл.Сето тоа во голема мера придонесе политичките и вкупните состојби во Република Македонија да навлезат во длабока политичка криза, која има негативен одраз врз функционирањето на Владата, министерствата, како и создавање недоверба во другите државни институции и органи, Јавното обвинителство, Судот и сл.

Преку јавната презентација на аудио снимките, на некои од министрите и функционерите, сериозно им е нарушен кредибилитетот и интегритетот, поради изнесените информации за нивна „вклученост“ во кршење на изборните правила, влијание врз правосудните институции, медиумите, бизнисмените и др.

Посебно загрижува фактот што во последно време се објавуваат видео снимки од преземени Посебни истражни мерки (ПИМ), а отсуството на реакција на надлежните државни органи создава основана претпоставка дека тие ги објавуваат, додека на прес - конференции се објавуваат приватни разговори со кои во голема мерка е нарушена приватноста на граѓаните.

Собранието на Република Македонија има законска обврска да расправа за преземените ПИМ. Сметам дека во оваа насока, согласно член 271 од Законот за кривична постапка, Јавниот обвинител треба до Собранието да достави Извештај за ПИМ преземени во претходната година, при што, во Извештајот треба да бидат содржани следниве елементи:

- бројот на постапки во кои се наредени ПИМ, за кои кривични дела и дали постапката е поврзана со гонење организиран криминал,

- колкав е бројот на набљудувани објекти и лица и кои се резултатите од ПИМ,

- како и во колку случаи е користен Заштитен сведок, колку судски одлуки се засновани на сведочење на Заштитен сведок и во колку случаи врз информациите добиени од ПИМ (прислушување), се засновале судски одлуки.

Во услови кога Комисиите за надзор над работата на УБК и Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над спроведувањето на посебните истражни мерки, не функционираат поради отсуство на пратениците од СДСМ и од другите опозициски партии, Собранието не може да ја остварува цивилната контрола врз МВР-УБК, Агенцијата за разузнавање и Министерството за одбрана, предлагам да се направат дополнителни напори овие комисии да се оформат и истите да направат контрола над безбедносните институции. 

Сведоци сме на своевидна политичка војна помеѓу партиите, во која се користат сите можни „оружја“. Притоа, посебно загрижува состојбата со медиумите, во која, некои од нив, исклучиво се насочени кон психолошко-пропагандни активности во функција на манипулација врз граѓаните. Вистината тешко стигнува до јавноста, а како резултат на тоа, владее тотална конфузија, несигурност и недоверба во државните институции, посебно во работата на правосудните органи.

Актуелната политичка криза има негативно влијание и врз евроатлантските интегративни процеси, при што Република Македонија е изложена на сериозни меѓународни критики во делот на владеењето на правото, почитувањето на основните човекови права, независноста на судството и медиумите, стабилноста, економскиот развој и демократијата во целина.

Од тие причини сметам дека во најкус можен рок треба да се закаже седница на Собранието, на која ќе се отвори расправа за политичките состојби во Македонија и за таа цел неопходно е да се обезбедат информации, извештаи и други документи од надлежните комисии и институции ( ЈО, МВР, Владата на РМ и др.), како и материјали презентирани во јавноста преку медиумите, youtube и сл.

Воедно, предлагам да направите сè што е во Ваша моќ, во работата на Собранието да бидат вклучени и пратениците од СДСМ, како и од другите опозициски партии.

Длабоко сум уверен дека само со политички дијалог и со отворена, содржајна и транспарентна расправа, Собранието може и мора активно да влијае во смирувањето на постојните политичките тензии, во обезбедувањето  услови за функционирање на институциите и во нормалното одвивање на животот на граѓаните.                                                                                                               

partners partners partners partners partners partners