ПРОГРАМА ДСМ




ПРОГРАМА НА ДСМ

На маргините на привидниот политички плурализам како резултат на тешката политичка состојба во државата се создаде ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ, партија која понуди нов систем на вредности, систем на нормално живеење.Согласно статутот и програмата на Демократскиот Сојуз, ДЕМОКРАТСКИОТ  СОЈУЗ НА МЛАДИТЕ, (во понатамошниот текст ДСМ), како нејзин подмладок, залагајќи се за почитување на човекот, неговото достоинство, слободи и права, зголемување на општото ниво на образование и култура, развивање на праведно демократско општество, формирање на јавноста како четврта власт, за подобра сопствена иднина и иднина на државата, нуди програма за учество на младите во креирањето и решавањето на актуелните животни прашања.

Основни цели и задачи на Демократскиот сојуз на младите:


- поттикнување и развој на демократските   процеси; 

- грижа и заштита на младинскиот стандард;

- заштита и унапредување на човековите права и слободи;

- вклучување на младите во креирањето и  решавањето на актуелните животни прашања;

- влијание на законодавното регулирање на специфични прашања за младата популација;

- активна соработка со невладините  организации.

ДЕМОКРАТИЈА И ЧОВЕКОВИ ПРАВА


Демократија е еден од најупотребуваните термини во секојдневниот живот , кој за жал го губи своето значење . Наместо да почива на идеите за слобода и еднаквост, реалната слика е многу поинаква. Сведоци сме на прекршување  на основните човекови права , целосна партизација на државата, слепа партиска  ограниченост, поделба на граѓаните на блиски до власта и обични сиромашни смртници, притисоци врз медиумите и сл. Демократијата полека преминува во тоталитаризам. ДСМ се залага за основната карактеристика на демократијата – отвореност.Се залага за отворена држава кон сите мислења, спремна да прифати секоја новина, за слободно јавно мислење, да обезбеди политичка слобода и еднаквост на граѓаните, а со тоа да ги заштити основните човекови права. Според  ДСМ основен предуслов за вистинска стабилна демократија е активната партиципација на граѓаните во политичките процеси, а особено активно учество на младите во креирањето и решавањето на актуелните и долгорочните животни прашања. ДСМ ќе се залага за едукација на младите на полето на  демократијата, човековите права , слободи и политичка култура се со цел да се создаде амбиент за развој на демократијата, во кој главната улога ќе ја игра младината. Една од основните определби на Демократскиот сојуз на младите е кај младиот човек да ја врати довербата во државата и во институциите. Довербата може да се постигне преку воспоставување на власт која ќе понуди реални можности за сите млади луѓе подеднакво и која што ќе ги штити правата и слободите предвидени со Уставот. Младите луѓе не се средство за исполнување на нечии цели, туку напротив, врвна цел на секое практикување на власта треба да биде почитување на правата, како на младите, така и на сите луѓе во целина. ДСМ смета дека треба да се обезбедат правни и институционални механизми за оживување на правата загарантирани со Уставот. Секое кршење на правата треба да излезе на површина во јавноста, а потоа да биде санкционирано од надлежните органи. Но заштитата не треба да се сведе само на казнување, туку правата најдобро ќе се остваруваат ако во општеството се обезбедат вистински услови за нивно спроведување, за ниеден човек да не се почувствува обесправен. ДСМ истовремено ќе се залага за создавање на свесни и одговорни млади луѓе, само слободна и одговорна младина е иднината на македонското општество.

МЕЃУЕТНИЧКИ ОДНОСИ


Меѓуетничките односи се дневнополитички најексплоатираниот и најзлоупотребуваниот сегмент на нашето општествено живеење. Бидејќи во Македонија не постои долгорочен ефектуиран модел за решавање на меѓуетничките односи, ДСМ смета дека треба да се донесе точно определен концепт кој би бил прифатлив за сите националности во РМ. ДСМ смета дека меѓуетничките односи не се решаваат од денес за утре, правејќи отстапки за сметка на единството на државата и за задоволување само на интересите на партиите на националностите кои се на власт. При решавањето на меѓуетничките односи треба да се тргне од интеграција на младите од сите националности, со цел излегување од гетата во кои сме вовлечени против наша волја. ДСМ се залага за поврзување на младите од сите националности преку организирање разни културни, спортски и слични манифестации, отворени за сите млади. ДСМ не сака верски, национални или идеолошки фанатици, сака слободни растоварени и отворени млади, свесни и горди на својата индивидуалност и посебност.

МЛАДИТЕ И ЕКОНОМИЈАТА


На Македонија и е потребен економски пресврт. Оттаму, првиот, главниот и основниот приоритет на ДСМ е создавање услови за економски раст, а со тоа и социјален развој на нашата Татковина. За да се оствари тоа, неопходно е да се создаде конкретен амбиент. ДСМ ја подржува  слободната  конкуренција на пазарот, која се карактеризира со слободен влез на фирми во економијата на земјата, го подобрува квалитетот на пазарот а воедно ги смалува цените на производите  и го зголемува нивниот квалитет. Со зголемување на бројноста на фирмите се зголемува капацитетот на вработувањата на млади и перспективни поединци кои ќе имаат можност за стекнување и усовршување на своите знаења, а воедно и обезбедување на повисок стандард . ДСМ се залага за инвестирање на капиталот и суфицитот од буџетот  во развој на стопанството и земјоделството, за подобар  стандард на луѓето и за економски раст во целина, бидејќи економијата е движечка сила за напредок на општеството.Со сето ова се создаваат реални претпоставки и можности за нови вработувања на младите и излез од постоечката апатија и безперспективност.За да се оствари сето ова, елементарен предуслов е елиминација на партискиот интервенционизам во економијата.

ОБРАЗОВАНИЕ


Образованието е движечка сила во едно општество. ДСМ има визија и знаење како да изгради квалитетен и чесен македонски образовен систем. ДСМ ќе делува во таа насока преку следниве мерки: -  Во 21 век не смее да се дозволи да има неписмени граѓани во земјата на словенската писменост. Бидејќи со зголемувањето на бројот на образовани луѓе се истенчува критериумот за демократска процедура, практикување на демократијата, а пред се политичката култура во државата, како и јакнење на економската сигурност и правата и слободите на поединецот. -  ДСМ ќе се заложи во образовниот систем да се инсталираат компјутери и други технички помагала кои ќе овозможат побрз пристап до најновите информации и научни сознанија.-  Стипендирање на талентирани и креативни умови и залагање на државата во понатамошно вклучување  во проекти, планови, семинари и испитувања. Како критериум за стипендирање  на телентираните ученици и студенти, покрај просекот на оценките, да се земат и посебните способности особено во областа на науката, иноваторството, уметноста, литературата, спортот итн. Младите се богати со идеи. Тие идеи треба да се искористат тука во Македонија. Нема подобра инвестиција отколку инвестирањето во младешкиот талент. Со ова ќе се стави крај на умовите кои ја напуштаат нашата Татковина.- Вклучување на малцинствата во образовниот систем што претставува цивилизациска придобивка. Државата е таа која ќе им овозможи право на школување на својот мајчин јазик во основните и средните училишта, но и задолжително познавање на македонскиот јазик, со што ќе ја покажат својата желба и волја за интеграција во општеството.- Државата е единствен основач на институциите за основно образование. Додека за средните и универзитетскита институции ДСМ цени дека основачи можат да бидат и други правни и физички лица кои ќе придонесат за поквалитетна настава. -  Системот на високото образование може  и треба да се модифицира., со што ќе се добие потемелно и поефикасно студирање т.е. научно усовршување.


КУЛТУРА


Културата е обележје на еден народ. Таа е највисоко духовно остварување на едно општество, кое во себе ја носи хуманоста и ги обединува разноликостите на народите и цивилизациите. ДСМ ќе се заложи за: -  Зачувување на културните традиционални вредности наследени од минатото во склад со политиката на ЕУ за создавање  на мулти национални општества. -  Развивање на културата низ активни фази на културни движења во општеството. -  Воведување на стандарди во финансирањето во областа на културата и ослободување од плаќање на данок на спонзорите, финансиерите и др. со цел за помасовно ангажирање на младите автори. -  Заложба на ДСМ  е спречување на кичот и шундот кои како квази- култура во последно време се се’ помасовни, и претставуваат еквивалент на пропангандните машинерии од соседните држави и пошироко за разнебитување на националното сознание и припадност по култура. Етно културата  го губи својот сензибилитет како на пр. копаничарите и влегува во составот на други култури (пакистанска, индиска, ориентална). -  ДСМ инсистира час поскоро да се донесе закон за култура, заради заштита на авторските права, зачувување на националното богатство и коренито елиминирање на кичот. - Ревидирање на постојаната национална стратегија за култура поради измена на определени членови со што ќе се овозможи рамноправен однос помеѓу културни работници од различни области.


СПОРТ


Спортот е еликсир за создавање на здрава и убава нација. Во античко време за време на олимписките игри, биле запирани воените операции, со што се отворале можности симболите на војната, линиите на фронтот, да се заменат со симболи на спортските терени , рекордот е сублимација на страдањето, а магијата на играта е превозвишување на насилната смрт. Бидејќи спортот има митско потекло и неговата цел е космополитизам, ДСМ стои на становиштето дека медиумите постојано треба да ги претставуваат спортските игри за да ја вдахнат младината со усет за здрава конкуренција. -  Општеството треба да му овозможи услови на поединецот за испразнување низ спортска игра по сопствена желба, но затоа спортот како рекреација мора да се разграничи од професионалниот спорт. -  Професионалниот спорт се повеќе се допира со науката. Доколку сакаме македонскиот спорт да ги постигнува истите резултати како големите спортски нации, мора да создаде научна експертиза во оние спортови во кои што Македонија веќе има забележителен успех. -  Спортот е благородна игра. По дефиниција спортот е подобар амбасадор од секој политичар, спортиститот е амбасадор на добра волја. Успехот на секој македонски спортист е позначаен од било која билатерална средба меѓу политичарите.  -  ДСМ согледувајќи ги современите тежненија за спортот како значаен дел од светската глобализација, ќе се стреми да се воспостави независна институција - министерство за спорт во кое ќе работат исклучително професионалци кои што не би биле обременети од политичките вибрации.- ДСМ е за потполно деполитизиран спорт.- Поголемо финансирање во спортот.


ЈАВНО ИНФОРМИРАЊЕ


Системот и средствата за јавно информирање несомнено се пресудни  во креирањето на јавното мнение и воопшто во создавање на јавноста како четврта власт. Тие секојдневно пласираат многубројни инфирмации кои го формираат јавното мнение. Меѓутоа, сведоци сме на еднострано, непроверено и невистинито, известување на јавноста, прилагодување на информациите во зависност од страната на која и одговараат. Затоа ДСМ смета дека средствата за јавно информирање мора да бидат помалку пропагандни и диригирани, а повеќе преносни, објективни и независни, се со цел да придонесат во создавање на активно, слободно, творечко, а пред се објективно јавно мислење. ДСМ ќе се залага за демонополизација на државните медиуми, измена на постоечкиот Закон за радиодифузија, растоварување на средствата за јавно информирање од партиски и економски притисоци, се со цел да се создаде – слободна јавност.

МЛАДИТЕ И ОДБРАНАТА

ДСМ ја подржува иницијативата за зачленување на нашата држава во евроатланските структури како и сите активности кој мора да се преземат на тоа поле  вклучувајќи ги : - започнатата реконструкција на АРМ по целата вертикална подреденост поради  исполнување  на НАТО стандардите  (професионализација , модернизирање, доопремување и измени во формациската поставеност); - измена на некои ингеренции во поставеноста на целокупниот безбедносен систем ( формирање на гранична полиција ); - измени во правните рамки со цел за намалување на воениот рок но и преземање мерки за поголем одзив на регрутите за отслужување на воениот рок. Токму како прашање на кое ДСМ  смета дека треба да се посвети поголемо внимание е слабиот одзив на регрутите за отслужување на воениот рок. Причините за овој проблем ДСМ ги гледа во: - целосна апатија и незаинтересираност на младиот човек поради минималната грижа на државата за неговите основни потреби; - недоволно пропагандно делување на институциите со цел зголемување на “одбрамбениот дух” кај младото население. Како можни решенија кои според ДСМ мораат да се преземат се: - поголема грижа за младите; - поактивно присуство на АРМ во целото општество, преку разни културни манифестации, дефилеа и делување во образовниот систем се со цел зголемување на нивниот авторитет и популарност; - најважни дејности кои мораат да се преземат се оние кои ќе делуваат стимулативно ( одредени бенифиции), но и тие кои ќе ограничат одредени права на оние кои отслужувањето на воениот рок го сметаат за загубено време ( вработување во државни институции ). Постојат и други проблеми во одбраната за кои ДСМ е свесен, за кои ќе дава препораки и идеи во текот на своето делување, се со цел Р. Македонија да има респективен систем за национална безбедност кој ќе ја гарантира безбедноста и територијалниот интегритет на Република Македонија.



НАРКОМАНИЈА


Во целосното сивило кое го претставува животот на еден просечен млад човек во нашата држава, како додатна црна нијанса, се јавува злото наречено НАРКОМАНИЈА. Младиот човек во состојба на немоќ да се најде себеси во општеството како и да ги задоволува своите потреби, “решението” го гледа во користењето на наркотични средства, преку кои наоѓа начин за да избега во еден свој свет кој се разбира е нереален. Ако на ова го додадеме и фактот дека во карактерот на човекот е праисконската желба да живее среќно во простор каде што го опкружуваат љубовта, добрината и благосостојбата, а во реалноста е всушност нешто друго, тогаш станува јасно зошто во РМ има регистрирано многу зависници од наркотични средства.  ДСМ со жалење констатира дека освен овие “објективни” причини, голема заслуга за вака алармантната ситуација имаат досегашните нерешителни потези на луѓето и институциите одговорни за оваа проблематика, особено на полето на превентивното делување. Активностите кои ДСМ ќе ги презема во таа насока се:- Организирање трибини и семинари во соработка со стручни лица од оваа проблематика, со цел подобро информирање на младите за опасностите од конзумирање на опојни средства;-  Соработка со НВО кои се занимаваат со овој проблем и подршка на нивните програми и дејности;-  Соработка со други политички подмладоци;-  ДСМ ќе влијае врз зголемување на свеста за ова зло преку давање предлози и решенија до институциите кои се директно засегнати од овие проблеми.ДСМ свесен за сериозноста на овој проблем како од здравствен, економски, социолошки и безбедносен аспект, голем дел од преземените обврски при изготвувањето на годишниот план на делување ќе бидат директно насочени на борбата против најголемото зло, наркоманијата.

ЕКОЛОГИЈА


“Човештвото се однесува како да ја наследило земјата од предците, иако треба да се однесува како да ја позајмило од идните генерации” Животот на земјата е резултат на постоење на одредени поволни природни услови, кои со милениуми наназад овозможиле нормален живот на човекот. Но последните децении сведоци сме на неконтролиран технолошки развој со максимално исцрпување на природните ресурси, недоволно знаење и еколошка етика , што доведе до интезивно загадување на човековата средина, а со што се загрозува основното човеково право – правото на  здрав живот.ДСМ не е против технолошкиот и техничкиот развој но ќе се залага за користење на нови технологии кои би придонеле за минимално загадување. ДСМ користејќи ја политиката ќе се залага за еколошка едукација на населението и развивање на еко - свеста организирајќи трибини, тркалезни маси и сл. Ќе ги поддржува сите еколошки друштва во нивните активности, со цел решавање на локалните еколоши прашања и можност за вклучување во светските еколошки проекти, бидејќи сепак светот останува на младината.

partners partners partners partners partners partners