За и против етничката припадност во личните карти

17.02.2021

За и против етничката припадност во личните карти

Беса предлага етничката припадност да се вметне во документот за лична идентификација, најголем дел од парламентарните партии немаат против, но дали ова може да доведе до нови поделби?

Етничкиот белег во личните карти нема да биде поттик за поголема поделба по етничка основа, велат од Беса, партијата која иницира во личните карти да се внесе и етничката припадност на сите етнички заедници предвидени со Уставот.

СДСМ смета дека предлогот треба да се прифати оти сме мултиетничка држава. Поддршка доби и од коалициониот албански партнер ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ исто така не гледа проблем во личните документи граѓаните да се идентификуваат по етничка основа, но не прифаќаат во нив да стои „северна“, оти уште е рано за тоа. И партиите од опозицискиот албанскиот блок, Алијанса за Албанците и Алтернатива го прифаќаат предлогот за етнички лични карти. На предлогот пак се противи Левица, која поднесе илјадници амандмани.

Предлогот да се разграничи државјанството со етничката припадност и тоа да се впише и во личните карти беше услов Беса и СДСМ да направат коалиција за настап на парламентарните избори. Кастриот Реџепи од Беса вели дека за етничката графа во личната карта се договарало уште од уставните промени. Според него, законот нема да биде поттик за поголема поделба по етничка основа, туку може да биде само вредност плус.

„Ако сакаме граѓански концепт не треба во Уставот да бидат наброени имињата на етничките заедници, а ние ги имаме наведено, потоа ние веќе на некој начин етничката определба ја имаме во евиденција со самиот попис каде може да се искаже етничката припадност“, рече Реџепи во дебатна емисија на Телма.

Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, кој е сегашен пратеник и поранешен министер за внатрешни работи вели дека нема потреба во лична карта граѓаните да се делат по етничка основа.

„Во документ за идентификација пред надлежни државни органи, полиција, суд, банка итн, кој е причината да пишувате во лична карта дали сте Турчин, Ром, Србин, Македонец, Албанец? Мора да има некаква идеја со тоа да се остварува некакво право. Ако некој мисли дека денеска ќе се вгради етничка припадност, утре ќе се вгради верска, задутре нешто друго, значи крајно нерационално е од тоа сега да се прави политика, да се собираат политички поени“, вели Трајанов.

Тој додава дека ова може да доведе до нови поделби.

„Поларизацијата, затворањето во етнички гета е неодговорен потег. Ако ставиме таков белег во личната карта тоа може да биде причина за натамошни поделби, поларизација на етничка основа, различен третман да имаат граѓаните“, вели Трајанов, кој е дел од владејачката коалиција.

Партиите од албанскиот блок сметаат дека етничката припадност треба да се вметне во личните документи за да се спречат манипулации со етничката припадност при вработување во администрација според принципот на правична застапеност. Лидерот на Алијансата Зијадин Села неколкупати излегуваше со примери дека Македонци се пишуваат дека се Албанци само за да им го земат работното место. И медиуми пренесуваат приказни за манипулации со етничката припадност при вработување.

Политичкиот аналитичар и новинар Џелал Незири вели дека и со промените кои се предлагаат нема да се спречи манипулацијата со етничката припадност за да се дојде до работно место.

„Зошто и на овој начин при добивање на лична карта некој ќе има можност да се изјасни дека е припадник на одредена етничка заедница преку која ќе мисли дека ќе може да стигне до работното место“, вели Незири.

Премиерот Зоран Заев вели дека нема ништо спорно во барањето етничката припадност да биде вметната во лична карта, но посочи дека може да биде проблем оти со лична карта може да се патува во неколку земји од регионот. Но сепак, како што вели, тоа не е доволна причина етничката припадност да не се стави во лична карта.

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски викендов рече дека инсистира да се донесат вакви законски измени, и во неговата лична карта да стои дека е Македонец. Според него Левица му служи на Заев и сака да спречи етничката припадност да влезе во личниот документ.

Потоа во вторникот Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за измените на законот за лични карти, доколку не се прифати нивниот амандман – во новите документи да не се користи „Северна“. Опозициската партија потсетува дека сè уште не е истечен периодот од пет години во кој треба да се исполнат обврските од Договорот со Грција и во личните документи да биде вметнато новото уставно име.

 

Извор: Радио Слободна Европа



Последни Активности

1.11.2012

КАНДИДАТИ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ НА ДЕМОКРАТСКИ СОЈУЗ:

1. Радовиш

Страхил Гавритов, електро инженер, вработен во ЈП Плаваја-Радовиш.

2. Неготино

Ванчо Петров, професор во Гимназијата во Неготино...

прочитај повеќе...



13.11.2012

Трајанов - Историски момент за компромис со Грција

Очекувам да се дојде до некаков компромис, но тоа пред сè ќе зависи од внатрешното единство, од тоа дали Република Македонија ќе изгради единствена политика околу ова прашање, вели Павле Трајанов, водачот на македонската парламентарна делегација на Заседанието на Асамблеата на НАТО во Прага.

прочитај повеќе...

19.11.2012

ОПШТИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ДС - КОЧАНИ ИЗБРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

„ Потекнувам од работничко семејство, во партијата влегов поради чесноста, потенцијалите, политичката одговорност и пред се поради политичката иднина, којa ја гледам во Демократски сојуз “... 

прочитај повеќе...

14.01.2013

Kако до нови работни места?

Демократскиот сојуз, заедно со граѓаните ќе работи на градење на Програма за отворање на нови работни места , развој на економијата и унапредување на животниот стандард на граѓаните.

прочитај повеќе...

18.03.2012

ОБРАЌАЊЕ НА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ НА IV-ОТ КОНГРЕС НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Почитувани делегати, гости, драги пријатели, екселенции, претставници на медиумите, сакам да Ве поздравам и да посакам успешна работа на Конгресот. Демократскиот сојуз е партија која постојано бранува, партија која го слуша гласот на граѓаните. Силата на Демократскиот сојуз, произлегува од нашите принципиелни заложби...

прочитај повеќе...
partners partners partners partners partners partners