ПРОГРАМА НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Скопје, 19 март 2000 година

ПРОГРАМА НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Поради загрозеноста на основните човекови права и слободи, правата на сопственост, узурпацијата на власта од страна на мал круг луѓе, распродажбата и грабежот на имотот што граѓаните го создавале со векови, неможноста граѓаните да ја креираат сопствената иднина и иднината на државата, неводењето сметка за основните национални и државни интереси и атрофијата на институциите на системот, ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ нуди ПРОГРАМА за учество на граѓаните во креирањето и решавањето на актуелните и долгорочни животни и стратешки прашања.

Основни програмски цели и задачи на Демократскиот Сојуз се:

  • поттикнување и развој на демократските процеси и владеење на правото;
  • заштита и унапредување на основните човекови права и слободи;
  • заштита на националните и државните интереси, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија;
  • остварување на економски, социјални, политички, културни и други права и уверувања на граѓаните;
  • ефикасна борба против организираниот криминал, корупцијата и наркоманијата;
  • вклучување на граѓаните во креирањето и решавањето на актуелните животни прашања;
  • слобода на информирањето и воспоставување на јавноста како коректор на извршната, законодавната и судската власт;
  • учество во постапката за избор на претставници во органите на власта: советници, градоначалници, пратеници и др.

Имајќи предвид дека Демократскиот сојуз е партија која во наредниот период ќе понуди сеопфатна, аналитична и детална програма, во оваа фаза на организираност, Демократскиот сојуз му дава приоритет на некои најактуелни прашања од општественото живеење.

ЗА ЕКОНОМСКИ ПРЕСВРТ

Најголемите заблуди, грешки, лажни ветувања и промашувања, Македонија во изминатите 10 години ги имаше во сферата на економијата. Така, се случи во третиот милениум, во новата ера, нашата држава да влезе со уште поголеми дубиози и неизвесности, отколку во периодот на нејзиното осамостојување.

Оттаму, првиот, главниот и основниот приоритет на Демократскиот сојуз е создавањето услови за економски развој на земјата. На Македонија и' е потребен ЕКОНОМСКИ ПРЕСВРТ. За да се оствари тоа, неопходно е да се создаде конкретен амбиент.

Елементарниот предуслов е елиминацијата на партискиот интервенционизам во економијата. Целосното отсуство на каква било економска политика доведе до економски хаос и државата ја претвори во партиска креација. Состојбата во која државата интервенира таму каде што не треба, а целосно се повлекува од сферите во кои државната интервенција е неопходна, мора радикално да се измени. Без тоа, нема пазарно стопанство и макроекономска стабилност.

Пазарот го чинат луѓето. Ако нив ги нема, нема ни пазар. Ако луѓето се принудени на тој пазар да се плашат, да подмитуваат, свесно да ги избегнуваат законите затоа што веќе никој и не знае што е закон и кој закон важи, да го кријат сопствениот идентитет и основните економски податоци, тогаш пазар нема затоа што не постои неговата основа: слободата на економското дејствување. Нема пазар во ситуација во која сто или двесте неспособни луѓе осиромашуваат два милиона граѓани и го гушат секој обид за слободна економска иницијатива.

Секоја предложена мерка, секој обид за системско уредување на економијата во земјата, се претвораат во нивна спротивност. Секој добар предлог или намера се искористуваат како маска и покритие за ограбување на народот во сите можни форми. Денес Македонија е соочена со беда и сиромаштија. Кај македонските граѓани веќе одамна се манифестираат сите елементи на: беда, невработеност, бездомност, запоставеност од сопствената држава, гушење на секоја индивидуалност, дискриминација кон секој и малку чесен граѓанин.

Денеска исклучително е неопходно да се зборува за економскиот развој на земјата бидејќи единствениот досегашен резултат е економска стагнација. Македонија отсекогаш имала доволно ум и сили и можеби никогаш немала потреба од "странски консултанти".

Важно е да се направи економски пресврт и тоа ефикасно, консеквентно и бескомпромисно.

Демократскиот сојуз е за РЕАЛНА ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА.

ДЕМОКРАТИЈА - НИКОГАШ ДОВОЛНО

"Демократија - никогаш помалку" - оваа е најкусата дефиниција на актуелните состојби во Македонија на почетокот на 21 век. За која и каква демократија можеме да говориме во услови на целосна партизација на државата, зависност на судството, притисоци врз медиумите и формализирање на невладините организации. Таквите услови создаваат само едно нешто - тоталитаризам!

Слободите и правата на човекот се загарантирани со Уставот на Македонија.

Но, без изградба и инсталирање на неопходните институционални и организациони услови за нивното остварување и заштита, човековите права и слободи ќе останат само декларативна и формална определба.

И ништо повеќе од тоа.

Демократскиот сојуз смета дека на овој план нужни се активности во реализацијата на само една стратешка цел - СЛОБОДНА ЈАВНОСТ, како коректив на режимот, како своевидна четврта власт и како поле за непречена артикулација на интересите и потребите на слободниот граѓанин. Слободна јавност која народот секојдневно и прецизно ќе го известува за тоа како се вршат јавните овластувања од страна на сите оние на кои им се доверени.

Тоа не може да се оствари без:

  • департизација и деполитизација на државните институции;
  • демонополизација на државните медиуми;
  • создавање максимални услови за институционализирање, односно давање можност невладините организации, како на пример, Сојузот на потрошувачи, Сојузот на пензионери, Здружението на стечајните работници и други, да делегираат свои претставници во управните одбори на јавните претпријатија, здравствените организации, фондови и фондации. Демократскиот сојуз не сака партиски војници во државните органи, тела и институции, послушници во Парламентот, политички комесари во медиумите и салонски министри кои се изолираат од општествената реалност и немаат слух за потребите на граѓаните.

Демократскиот сојуз сака слободни, отворени, растоварени, креативни, компетентни, иницијативни и пред сe' - СПОСОБНИ ЛУЃЕ.

Демократијата не се подарува, туку се освојува.

Потребно е да се создаде амбиент за развој на демократијата, но и амбиент во кој човековите права и слободи нема да претставуваат параван за криминал и за изигрување на сите свети демократски вредности.

ОФАНЗИВНА НАДВОРЕШНА ПОЛИТИКА

Ако за нешто постои некаков поширок македонски консензус, тоа несомнено се определбите за асоцирање на Македонија во меѓународните институции и развивањето добри односи со соседите.

И Демократскиот сојуз се вклучува кон ваквата начелна согласност.

Сепак, постојат процеси и ситуации во меѓународни рамки, кои воопшто не се поволни за Македонија. Постојат и внатрешни несогласувања околу серија прашања на надворешен план.

Не отстапувајќи од крајната цел - Македонија да го добие статусот полноправна членка на ЕУ и НАТО, Демократскиот сојуз на надворешно-политички план ќе инсистира на:

  • градење и развивање добри односи со соседите, развивање билатерална и мултилатерална соработка согласно меѓународните принципи, меѓусебно почитување и рамноправност во остварувањето на стратешките интереси на Македонија;
  • офанзивна политика во односите со другите држави, особено членките на ЕУ и САД, околу олеснувањето на визниот режим, с# до негово целосно елиминирање;
  • покренување прашања пред меѓународната заедница од интерес за Македонија, предлагање решенија, но и активно вклучување во нивното спроведување;
  • актуелизирање на прашањето за разликите околу уставното име и покренување иницијативи до СБ на ООН и членките на ООН да го користат името - "Република Македонија".
  • што е можно поголемо валоризирање на резултатите од досегашната активна политика на Македонија во регионалните иницијативи, а посебно во ангажманите на НАТО во регионот;
  • грижа за иселениците од Македонија и деловите од македонскиот народ во соседните земји;
  • развивање дипломатско конзуларна мрежа на високопрофесионални основи.

Демократскиот сојуз не сака беспоговорна послушност, сервилност, нетактичност и некритичност во односите на Македонија со другите држави и меѓународни институции. Не сака евтина маркетиншка употреба на постигнатите меѓународни договори и дисонантност во македонскиот настап пред странскиот фактор.

Демократскиот сојуз сака Македонија да стане почитуван меѓународен субјект. А тоа се постигнува со отвореност за дијалог, принципиелност, тактичност, прилагодливост, кооперативност и упорност.

ПРАВНА ДРЖАВА - ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ И ЕФИКАСНА ОДБРАНА

Никогаш правосудните, истражните и полициските органи во Македонија не биле понеефикасни и никогаш криминалот не бил присутен во толкава мера. Истовремено, Република Македонија, потресена од бројните афери и скандали во Министерството за одбрана, прераснува во балкански воен отпад. Никогаш немало таква испреплетеност меѓу криминалот и политиката. Може ли во такви околности граѓанинот да биде слободен?

Демократскиот сојуз на овој план ќе дејствува ЕНЕРГИЧНО И ЕФИКАСНО:

  • ќе подготви Платформа за национална безбедност, во која, покрај прашањата од сферата на надворешната политика, ќе се разработи и доктрината за одбрана, внатрешната политика и безбедност, со нагласен акцент на трансформација и изградба на единствен систем за одбрана и безбедност;
  • ќе воспостави и развие контролни системи со прецизни законски овластувања, кои, суштински ќе бидат во функција на заштитата на основните човекови права, суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија;
  • ќе формира Национален комитет за борба против организираниот криминал, корупцијата и наркоманијата, кој тежиштето на својата активност ќе го постави врз носителите на јавните функции;
  • ќе подготви законска регулатива за контрола на финансиските трансакции и на овој план ќе соработува со странски држави и институции;
  • ќе димензионира мала професионална армија, технички модерно опремена, добро обучена и оспособена за брзо дејствување, а во тие рамки, ќе подготви програма за опфат на целото население за дејствување во вонредни состојби, или во услови на војна;
  • ќе подготви Елаборат за формирање Гранична полиција, со што ќе се обезбеди ефикасна контрола на границите и граничните зони;
  • ќе воспостави механизми за одговорност и немешање на надлежностите меѓу извршната, судската и законодавната власт;
  • ќе инсистира на независен судски буџет, а изборот на судиите ќе го врши независен судски орган;
  • ќе настојува да се формира мала, стручна и мотивирана државна администрација;
  • ќе овозможи поголеми овластувања за локалната самоуправа.

Битката за Македонија се добива со решавањето на проблемите сврзани со безбедноста и одбраната.

СОЦИЈАЛЕН БАЛАНС

Во новиот милениум Македонија влегува со поголем број невработени отколку вработени, стечајни работници, ниски пензии, нередовни плати, социјални случаи и со ендемска сиромаштија.

За каква демократија, за какви права и слободи можеме да говориме, кога на 350 илјади граѓани им е одземено правото на работа и егзистенција од сопствениот труд?

Македонија станува се' позависна од донаторските конференции, заеми и кредити на европските и светските финансиски институции.

Македонија станува должник што на идните генерации им остава огромни долгови.

Демократскиот сојуз нуди конкретен концепт за надминување на таа состојба, со :

  • востановување на принципот на социјална солидарност кон сите загрозени лица, особено невработените, стечајните работници, самохраните мајки, ниско платените лица, луѓето од третата возраст, инвалидите, хендикепираните, болните и сите оние што влегуваат во категоријата - загрозени лица, со крајна цел да се постигне еден социјален баланс во државата;
  • воспоставување похумано и социјално пазарно стопанство, кое во преден план ќе го има поединецот, а не профитот по секоја цена;
  • воведување на институцијата "гарантирана најниска плата" во политиката на платите, што ќе обезбеди пристоен живот за секое семејство;
  • плурализација на режимот на социјално осигурување;
  • покрај постојниот јавен пензиски систем, како основен столб на пензиското осигурување, да се воведе приватен и дополнителен пензиски систем;
  • гарантирање на принципот на праведност на пензиите;

Бесплатна здравствена заштита за примарниот пакет здравствени услуги и бесплатни лекови, бесплатно задолжително образование, специјализација, доквалификација и преквалификација, намалување на работното време според примерите во западните земји, се работи кои се подразбираат.

Нема дилеми дека судбинскиот предуслов за решавањето на проблемите од социјалната сфера е - зголемување на вработеноста. Таа е базичната детерминанта од која директно зависат и други состојби во земјата.

Нема друг избор освен создавање услови за НОВИ ВРАБОТУВАЊА.

МЕЃУЕТНИЧКИ ОДНОСИ

За жал, многу работи во Македонија се предодредени од меѓуетничките односи. Воедно, тие се и дневнополитички најексплоатираниот и најзлоупотребуваниот сегмент на нашето општествено живеење.

Демократскиот сојуз нема намера да го преценува и преувеличува значењето на меѓуетничките односи.

Од друга страна, нивниот политички габарит, потенцијал и набој, не смее да се забошотува.

Бидејќи во Македонија не постои ефектуиран модел за решавање на меѓуетничките односи, Демократскиот сојуз смета дека треба да се донесе точно определен КОНЦЕПТ. Тој би бил донесен по широка расправа и во најголемиот дел би бил речиси консензуално прифатлив за:

  • мнозинството граѓани, без оглед на нивното етничко потекло,
  • најголемиот број етнички групи во Македонија и
  • меѓународниот фактор, кој ионака постојано ги следи.

Концептот за меѓуетничките односи, односно програмата што ќе произлезе од него, би се засновале на неколку константи:

  • единството на државата;
  • тој да придонесува за јакнење на интегративните процеси;
  • традиција на мултикултурно живеење во Македонија;
  • почитување на националниот, културниот, конфесионалниот и друг вид идентитет на малцинските етнички групи;
  • донесување на посебна програма за постепено решавање на наталожените проблеми на малцинствата: невработеноста, домувањето, образованието, квалитетот на живеењето...

Малцинствата бараат посебна грижа. Нивните проблеми не се решаваат со бомбастични палења на "гетото" со "политички теми". Додека нашите политичари се занимаваат со "светски теми" полни со политика и меѓународни односи, "малцинските гета" се повеќе осиромашуваат и се криминализираат. По толку години "висока политика" и "тешка грижа за нивните права", малцинствата денес се во полоша општа и социјална положба отколку пред десет години.

Демократскиот сојуз не сака верски, национални или идеолошки фанатици, кои ги мразат сите што не се од нивното религиозно, етничко или партиско стадо.

Демократскиот сојуз сака слободни, растоварени и отворени луѓе, свесни и горди на својата индивидуалност и посебност.

НОВ МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧАР

Колку и да изгледа поразително, македонските граѓани веќе немаат доверба во своите државни раководители. Тоа е резултат на дијаметралната спротивност меѓу предизборните ветувања и конкретното практикување на политката по доаѓањето на власт.

На македонската политичка сцена се случува еден несекојдневен феномен. Кога седнуваат во меката функционерска фотеља, луѓето доживуваат амнезија. Забораваат на пламените говори на изборните митинзии, на колнењето во својата чесност и доследност, служењето на општото добро, борбата за националните интереси...

Стануваат манипуланти и големи мајстори на лагата. Затоа и граѓаните се чувствуваат изманипулирани.

Демократскиот сојуз знае:

  • како не треба да се владее;
  • како не треба да се бори за националните интереси;
  • како не треба да се користи државната функција;
  • како не треба да се однесува кон еднаш дадените ветувања;
  • како не треба да се соочува со граѓаните.

Демократскиот сојуз смета дека:

  • политиката е чесна работа во која не смеат да влезат нечесни луѓе;
  • државата е сериозна работа и со неа не смеат да раководат несериозни луѓе;
  • судбината на граѓаните е одговорна работа и неа не смеат да ја одредуваат неодговорни луѓе.

Демократскиот сојуз, меѓу другото, се појавува на македонската политичка сцена за да покаже и докаже дека во политиката:

  • може да се влезе и да се излезе како чесен човек;
  • може да се признае сопствената грешка и да се даде оставка;
  • може да се придобијат, да се организираат и да се мотивираат способни, креативни, компетентни и стручни луѓе за да работат во интерес на граѓаните и државата;
  • со еден збор - може и треба да се биде одговорен.

За Демократскиот сојуз најважно е за судбината на Македонија да решаваат граѓаните и компетентна и одговорна власт.

И затоа, треба упорно да се работи на профилирањето на еден НОВ, СПОСОБЕН, ЧЕСЕН И ОДГОВОРЕН МАКЕДОНСКИ ПОЛИТИЧАР.

КОНЕЧНО,

Демократскиот сојуз ќе изготви посебни програми и проекти што ќе и бидат презентирани на јавноста и отворени за сугестии при тоа поаѓајќи од општите потреби ќе предложи конкретни решенија за подобрување на состојбите во областите на образованието, здравството, земјоделството, културата, науката, уметноста и екологијата.

Во оваа Програма се содржани основните и приоритетни цели и задачи на Демократскиот сојуз и таа е отворена за сугестии и истата ќе биде доградена во периодот на натамошното изградување и развивање на партијата, по што ќе биде изготвена детална оперативна Програма на Демократскиот сојуз.

претседател Павле Трајанов

Скопје, 19 март 2000 година.

partners partners partners partners partners partners