ДС: Минимална плата 300 евра

28.01.2016

ДС: Минимална плата 300 евра

Денес, Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, до Парламентот достави Предлог на Закон за определување на минимална плата во износ од 300 евра.

За Демократскиот сојуз врвен приоритет е подобрување на стандардот на граѓаните, како основен предуслов за раздвижување на сите позитивни процеси во државата, посебно економскиот развој и зголемување на продуктивноста.

Ниските плати не ги мотивираат вработените, негативно влијаат на продуктивноста, иновациите, потоа младите и креативни кадри заминуваат во странство и сл.

Странските компании во Македонија имаат огромни погодности и буџетски дотации (помош) за плаќање на придонесите на вработените, даночни и царински ослободувања и сл., а им исплаќаат плата на вработените од околу 150 евра. Просечната плата на вработените во слободните економски, царински и индустриско-технолошки зони изнесува околу 260 евра или помалку за над 100 евра во однос на просечната плата во Република Македонија.

Според проценките на синдикатот, за основните животни потреби на едно семејство, потребни се околу 500 евра.

Демократскиот сојуз смета дека доколку се зголеми минималната плата од 9.500 на 18.000 денари, ќе биде основа за отварање на расправа за тоа колку се платени вработените во нашата земја, но ќе се расправа и за тоа како е можно во другите држави (земји членки на ЕУ) за иста работа, вработените да бидат платени десет пати повеќе, колкав приход остваруваат компаниите, дали се води сметка за стандардот на вработените и сл.

Предлагаме буџетска поддршка за компаниите од текстилната и други индустриски гранки, компании, кои поради објективни пазарни услови не се во можност да остваруваат приходи за да исплатат минимална плата.

Државна помош предлагаме од разбирливи причини. Имено, ако може државата да субвенционира успешни странски компании од парите на вработените во домашни компании, зошто тоа да не може да го прави и за наши компании кои се во тешка ситуација, поради објективни состојби на пазарот.

За Буџетска поддршка на домашните компании ќе се обезбедат средства во износ од околу  50 милиони евра, првенствено преку силни антикорупциски мерки, рационализација на непродуктивните трошоци, намалување на разликата во цените од јавни набавки, укинување на репрезентацијата на функционерите и сл.

Предлог Законот за именување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија можете да го погледнете на следниот линк

partners partners partners partners partners partners