Трајанов за Нова Македонија: На граѓаните им треба заштита од лажни сведоци

23.11.2013

Трајанов за Нова Македонија: На граѓаните им треба заштита од лажни сведоци

Предложивте измени на Законот за заштита на сведоци со образложение дека постојниот закон има недостатоци. Што му фали на законот?

Нема никаква дилема дека издавањето на идентитетот на заштитен сведок е кривично дело, за кое треба да се одговара. Но во Законот за заштита на сведоци никаде не пишува што ќе се случи ако некој лажно сведочел како заштитен сведок и со тоа предизвикал тешки последици по остварувањето на различните права на граѓаните. Во законот никаде не пишува дали, кој и како ќе одговара ако во тоа се вмешани и луѓе од безбедносните служби, судии, адвокати, обвинители. 

Во таа насока се и вашите предлози. Едниот е за намалување на казните за тој што ќе открие заштитен сведок, а другиот се однесува на заштита на граѓаните од лажни сведоци?

Барам намалување на казните затоа што не може сите да бидат исто одговорни ако јавноста дознае за идентитетот на заштитениот сведок. Се знае кој и на каков начин чува документи за заштитен сведок и кој може да има пристап до нив. Тоа се судии, адвокати, јавни обвинители, службеници на полицијата или судовите. Сите тие треба да имаат поголема одговорност од другите затоа што тие и по закон не смеат да издадат заштитен сведок, оти нивна работа е да го чуваат идентитетот. За други луѓе исто така ќе постојат казни, но двојно помали од оние на службените лица. Вториот предлог е во насока на заштита на човековите права од лажни сведоци. Предлагам тој што лажно ќе сведочи, а има прикриен идентитет, да се казни со најмалку четири години. Ако поради тоа обвинетиот е казнет со десет години затвор, тогаш сведокот да се казни со казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор. Но знам дека сега овој предлог нема шанси да помине во Собранието. Затоа, единствено нешто што ни останува е да се намали казната, особено што, според новиот закон за кривична постапка (ЗКП), јавното обвинителство ќе се грижи за собирање на сите докази, меѓу кои и исказите на заштитените сведоци. 

Од единствена поддршка за измените во Законот за заштита на сведоци, партиите од завчера почнаа да се колебаат меѓу себе? Која е гаранцијата дека законот ќе биде донесен.

Првично сите рекоа дека ќе го гласат овој закон, кој предложив да биде донесен по брза постапка. Но проблемот настана кога Министерството за правда кажа дека ако се намалат казните под четири години за тие што ќе го откријат идентитетот на заштитен сведок, тогаш нема да може да се употребуваат посебните истражни мерки, меѓу кои се и прислушувањето или употребата на заштитениот сведок како доказ во една судска постапка. Ова не е апсолутно точно. Затоа мислам дека по неколку консултации ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи законот. Од ДПА, пак, не се изјаснуваат дали и како ќе гласаат.

Што мислите за реакцијата на СДСМ преку изјавата на Петре Шилегов дека вашиот предлог за смалување на казните за оној што ќе открие идентитет на заштитен сведок е проект на ВМРО-ДПМНЕ, спроведен преку вашата партија ДС?

Апсолутно не е точно дека предлог-измените на Законот за заштита на сведоци е проект на ВМРО-ДПМНЕ. Измените ги подготви Демократскиот сојуз, во соработка со експерти, а врз претходна процена дека таквиот закон во голема мера ги штити правата на граѓаните. Добро е СДСМ да остане на првобитниот став и да го поддржи законот, кој ќе се носи во редовна процедура. Но знаете како е, тие што фрлаат кал по мене, сами ќе пропаднат во батакот.

Како вашите предлози ќе влијаат долгорочно во воспоставувањето на слободата на изразување и говор?

Секако дека измените на законот ќе имаат долгорочно влијание, особено ако се вгради предлогот за заштита на граѓаните од лажните заштитени сведоци. Со тоа ќе се зголеми правната сигурност, особено кај новинарите.

Целиот текст прочитајте го на овој линк

Извор: Нова Македонија

partners partners partners partners partners partners