СМИРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ И МИРЕН ТРАНСФЕР НА ВЛАСТА

28.04.2017

СМИРУВАЊЕ НА СОСТОЈБИТЕ И МИРЕН ТРАНСФЕР НА ВЛАСТА

Демократскиот сојуз најостро го осудува насилниот упад во Парламентот и тепањето на пратеници, новинари, вработени во Парламентот и полицајци.

Се работи за сценарио за целосна дестабилизација на државата, суспендирање на легалните највисоки државни институции, парализа на системот за безбедност и воведување на воена состојба.

За ваквата кризна состојба со тешки последици за граѓаните и државата, најголема вина сноси државно - политичкиот врв, како и функционерите од министерството за внатрешни работи.

За надминување на кризата најмногу може да придонесе присебноста на граѓаните и откажување на сите протести.

Лидерите на партиите мора да дејствуваат со конкретни чекори на смирување на состојбите и обезбедување на услови за мирна разврска.

Демократскиот сојуз повикува на државничко, мудро и разумно однесување од сите носители на државни и политички функции, политички дијалог и градење на решенија кои ќе бидат клучни за стабилноста на државата и мирен, уставен и демократски трансфер на власта, пред се  преку избор на Влада на Република Македонија.

По претходни консултации на парламентарното мнозинство, предлагаме техничката Влада на Република Македонија, да одржи вонредна седница и да дефинира и преземе се што е неопходно за да се обезбеди нормално функционирање на сите институции, посебно на највисокиот законодавен дом – Собранието на Република Македонија.

Владата на Република Македонија, мора, денес, да направи кадровски промени во МВР, поради колапсот на оваа витална институција и вмешаност на високи раководители во насилното сценарио.

Наместо партиски, да назначи врвни професионалци кои ќе раководат со Бирото за јавна безбедност, Управата за Безбедност и контраразузнавање и други функционери кои ќе раководат со полицијата.

Демократскиот сојуз, бара политичка и кривично правна одговорност за иницијаторите, организаторите и директните учесници во ова крваво и насилничко сценарио, кое ги поткопа темелите на државата, нанесе огромна штета на демократијата и ги вознемири граѓаните.

Демократскиот сојуз ги повикува граѓаните будно да ги следат состојбите, да останат присебни, да не подлегнуваат на провокации и да не учествуваат во протести кои можат дополнително да ја усложнат состојбата.

partners partners partners partners partners partners