ДС: РЕГИСТРИРАНИ ПРИТИСОЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ ВРЗ ЧЛЕНОВИ НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

07.11.2016

ДС: РЕГИСТРИРАНИ ПРИТИСОЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ ВРЗ ЧЛЕНОВИ НА ДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ

Демократскиот сојуз одржа прес конференција на која Верица Филиповска, генерален секретар на ДС, зборуваше за притисоците над членови и активисти на ДС.

Демократскиот сојуз ја информира јавноста дека во последниот период се случуваат координирани и организирани притисоци врз наши членови од страна на функционери на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Целта на таквите влијанија е да се намали бројот на членството и активноста на Демократски сојуз како декларирана опозициска партија, во пресрет на претстојните вонредни парламентарни избори закажани за 11 декември 2016 г. Методите на притисоци главно се сведуваат на коруптивни понуди за вработување или напредување во кариерата, или пак, преку класични уцени и закани, при што од членовите на Демократскиот сојуз се бара јавно да се дистанцираат од политиките на партијата и декларативно да преминат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. 

За таквите активности наведуваме неколку случаи:

- Под притисок на функционери на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, Советникот на ДС во Советот на Општина Прилеп, со ветување дека неговата ќерка ќе биде вработена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, на 04.11.2016 г. одржал прес – конференција на која соопштил дека ќе премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

- Пратеникот во Собранието на Р. Македонија, од Кичево и претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Кичево, на претседателот на ДС -Кичево,  нуделе вработување и унапредување на наши членови под услов јавно и декларативно да се дистанцираат од политиките на ДС и истите да преминат во ВМРО-ДПМНЕ.

- Претседателот и секретарот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Струга на претседателот на ДС Струга, му нуделе вработување, доколку јавно ги осуди политиките на ДС и премине во ВМРО-ДПМНЕ.

- На 03.11.2016 г. на кандидатот за пратеник на ДС од Радовиш, градоначалникот на Општина Конче од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, му понудил вработување на неопределено работно време, под услов да се пасивизира и да ја повлече кандидатурата за пратеник на ДС.

- Во периодот од неколку месеци наназад, на претседателот на ОО на ДС Аеродром и советник во Советот на Општина Аеродром од редовите на ДС, во неколку наврати му биле нудени одредени бенефиции од страна на координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. 

- Претседателката на ОО на ДС Кисела Вода, од страна на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода, била убедувана да премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

- Претседателот на ОО на ДС на Штип, како и неговото семејство, се под постојан притисок на локалната администрација и членовите на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, а неговата приватна фирма е под постојани инспекциски контроли. Тој беше вработен во ЈП „Исар“, но договорот за работа не му го продолжија бидејќи не прифатил да одржи прес конференција и премине во редовите на ВМРО – ДПМНЕ. 

- Во јануари оваа година, на претседателот на ОО на ДС од Неготино, градоначалникот на Неготино од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од неговиот мобилен телефон му покажал смс-порака испратена лично од актуелниот премиер, во која било наведено упатство како да се заслабнат редовите на ДС. При тоа, му било сугерирано да премине во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а неколку месеци подоцна (поради учество на протестите) бил деградиран за два степени од работното место во Општина Неготино.

Пријави за притисоци пристигнуваат и понатаму со  засилени инспекциски контроли кај стопанственици, членови на ДС.

Притисиоци се вршат и врз истакнати членови на Централниот изборен штаб.

Ја информираме јавноста дека сите пријавени притисоци врз наши членови се нотирани и  за истите ќе бидат известени: Министерството за внатрешни работи, Државната изборна комисија, ОБСЕ, ОДИХР како и дипломатските претставништва.

Демократскиот сојуз и натаму ќе ги евидентира и документира сите случаи на притисоци врз наши членови и активисти и ќе ги презема сите законски мерки и навремено ќе ја информира јавноста.

Демократскиот сојуз е демократска партија, зачленувањето во ДС е на доброволна основа, како и повлекувањето од истата. 

Ние не се плашиме и затоа велиме: Не се плашете, режимот ќе падне! 

Сигурни сме дека притисоците само ќе не направат посилни и поединствени и ќе истраеме во нашата определба за промени, кои ќе се случат на 11 декември 2016 година. 

partners partners partners partners partners partners