Павле Трајанов за Плус Инфо: Поранешните претседатели да се преселат во Собранието и да им се скратат доживотните привилегии

18.09.2019

Павле Трајанов за Плус Инфо: Поранешните претседатели да се преселат во Собранието и да им се скратат доживотните привилегии

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз смета дека на поранешните претсeдатели треба да им се најдат канцеларии во законодавниот дом, но и да се ограничи времетраењето на привилегиите кои тие ги уживаат.

Претседателската функција е единствената која носи привилегија на доживотна пензија, канцеларија, обезбедување и возач, наспроти останатите функционери за кои е предвидена апанажа од една година ако немаат работни места на кои може да се вратат. Оттаму, Трајанов потсетува дека во времето кога бил пратеник неколку пати иницирал промени со кои би се ограничиле привилегиите на поранешните претседатели најмногу до една година од престанокот на претседателскиот мандат, но дека ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту СДСМ биле расположени да прифатат таков предлог.

Трајанов во јануари 2009 година поднел и Предлог закон за изменување и дополнување на законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанување на функцијата.

Во време на претседателската кампања пред неколку месеци сегашниот претседател Стево Пендаровски и противвкандидатката Гордана Силјановска-Давкова се фалеа дека ќе се залагаат да се укинат привилегиите штом ќе им заврши мандатот.

Пендаровски најавуваше дека ќе ги редуцира привилегиите на претседателот кои не кореспондираат со скромните ресурси на државата. Професорката Силјановска, пак, велеше дека ќе побара од пратениците да ги сменат решенијата од законот за привилегиите на претседателот на државата зашто шефот на државата во една сиромашна земја не може да има толку многу привилегии врз грбот на граѓаните.

Лидерот на ДС во неколку наврати досега предлагаше, поранешниот претседател да има пензија остварена според постојниот закон и канцеларија без персоналот што сега му следува, а канцеларијата да му биде во Собранието. Според него, поранешниот претседател не треба да има посебен кабинет по негов избор, а обезбедување да има само во исклучителни ситуации.

– Вакви привилегии нема ниту поранешниот претседател на САД, каде владее претседателски систем – смета Трајанов.

Законот кој ги уредува правата на поранешните претсeдатели предвидува пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот, канцелариски простор и најмногу до три стручни лица, лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач според прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи и материјални трошоци за потребите при остварувањето на неговите активности.

Поранешниот претседател има право да учествува на државни свечености и манифестации редоследно по претседателот на државата, претседателот на Собранието, премиерот и претседателот на Уставниот суд. На прославата на денот на државноста 8 Сепември, пак, во редот на високите функционери ги немаше ниту Ѓорѓе Иванов, ниту Бранко Црвенковски.

Предлогот на Трајанов содржи осум члена, со тоа што членот кој се однесува на  правото на користење на претседателската пензија се надополнува со став во кој се вели дека правото на претседателската пензија останува во ист утврден износ,но тоа право се стекнува со остварување на правото на пензија, ако ги исполнува условите за пензија во согласност со закон.

– Изменувањето и дополнувањето на Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанување на функцијата, има за цел да го доуреди прашањето на определени права, а кои се однесуваат на правото на претседателската пензија, правата на користење канцелариски простор, вработени лица во канцеларијата на поранешен претседател и нивни права од работен однос, службено возило и лично обезбедување. Според постојното решение во Законот правата утврдени во членовите 3, 4 и 5 може да ги користи претседателот неограничено по престанок на функцијата, односно на мандатот – објаснува Трајанов.

Тој предлага измена и во однос на правото на претседателот по престанување на функцијата да се врати на работа таму каде што претходно работел.

– Кога претседателот на кој му престанала функцијата, а од објективни причини не може да се врати на работа каде претходно работел или да се вработи, правото на надоместок во висина на платата на претседател му следува најмногу до една година, а во случаите кога до пензија има уште една година тоа право се остварува уште за една година – објаснува претседателот на Демократскиот сојуз.

Во предлогот кој не бил поддржан ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од СДСМ, Трајанов предлага претседателот да има право на канцелариски простор, како и две стручни лица, но најмногу до една година по престанокот на функцијата. Тој исто така предлага да се ограничи најмногу до една година по престанокот на функцијата. правото на поранешние претседатели на службено возило, возач и обезбедување.

Обезбедувањето, според предлогот на Трајанов, може да се продолжи доколку за тоа има оправдани причини. Со предложените измени и дополнување на Законот за правата на претседателот по престанување на функцијата, објаснува претседателот на Демократскиот сојуз, се прави усогласување со правата на другите функционери во државата, а чии права се утврдени со пооделните закони, а кои во најголем број случаи се лимитирани на најмногу една година по завршување на функцијата.

– Градењето на правен систем подразбира и усогласување на законите коипроизведуваат определени правни последици по престанувањето на одредена функција – додава Трајанов.

Претседателката на антикорупциската комисија Билјана Ивановска вчера предложи да се преиспита законот со кој поранешните претседатели добиваат доживотни привилегии. Таа вели дека во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко.

Поранешните претседатели, вели Ивановска, дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале или планираат да имаат.

Според пресметките на Антикорупциска, за десет години за трошоците на поранешните претседатели се потрошени повеќе од еден милион евра.

Антикорупциска предложи да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот и да се поднесе иницијатива до Собранието за преиспитување на законското решение во смисла на ограничување на времетраењето на привилегиите на поранешните претседатели.

На истата седница вчера антикорупционерите побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на поранешниот претседател Ѓорѓи Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост.

Преземено: Плус Инфо

partners partners partners partners partners partners