Трајанов за Утрински: Неопходна е стратегија за превентивно дејствување и одвраќање на македонски државјани од учество во војните во Сирија и Ирак

07.09.2014

Трајанов за Утрински: Неопходна е стратегија за превентивно дејствување и одвраќање на македонски државјани од учество во војните во Сирија и Ирак 

Со измените на Кривичниот закон, кои ги усвои парламентот, се предвидуваат затворски казни за учесниците на странските фронтови, а не само за оние кои врбуваат и организираат наши државјани да војуваат. Кои беа мотивите за измените кои ги предложивте и какви ефекти очекувате од нив?

Учеството во паравоени формации во Сирија и во Ирак, како и во други кризни подрачја, е исклучително комплексен и сложен проблем, при што верскиот фанатизам (радикален ислам) како основа за регрутирање на „борци“ се шири како вирус. Овој „вирус“ можеме да го споредиме со еболата, која носи само смрт.
Пред една година стратешки институти за истражување на глобалните безбедносни закани предупредија дека учеството на радикали на страната на опозицијата во Сирија ќе добие други димензии. За жал, тие најави се остварија. Тогаш имаше предупредување дека помеѓу странците што се борат на страната на опозицијата има и државјани од Македонија. Овие сериозни безбедносни закани ги отворивме во јавноста и парламентот, предупредувајќи на можните безбедносни ризици за стабилноста на Македонија и Балканот пошироко. Расправата долго траеше (надвор од очите на јавноста), а Владата во февруари и во септември ја согледа потребата за заштита од ризиците на кои сме изложени. Со заканувачките казни се обезбедува генерална превенција или одвраќање да се патува во кризните региони и да се вклучува во паравоени или воени формации, но со заканувачките казни ни оддалеку нема целосно да се разреши процесот на врбување, регрутација и учество во странски паравоени и воени структури.

Дали сметате дека затворските казни ќе придонесат да се намали бројот на македонски државјани кои заминуваат да војуваат во Сирија и Ирак?

Зборуваме за намалување, но ако сакаме да обезбедиме искоренување на оваа појава, неопходна е стратегија и превентивно дејствување, пред се' на верските заедници, невладиниот сектор, медиумите, семејството, образовните институции и други. Во одвраќањето на граѓаните треба да се вклучат и политичките партии и државните институции во целина. Фактот што во паравоените формации се вклучени и граѓани од Албанија, Косово, БиХ, Србија и други балкански држави, но и држави членки на ЕУ, неопходно е сите држави заедно да дејствуваат, за што е потребно и одржување на Балканска конференција.

Регионот го стега обрачот околу џихадистите. Во соседните земји се спроведуваат акции за приведување на лица поврзани со радикализмот. Кај нас досега немаше превентивни акции за разбивање на групи поврзани со верски фанатизам. На што се должи тоа?

Репресивните мерки не ги даваат секогаш очекуваните резултати. Кај нас избрзаните акции на безбедносните служби, без претходна подготовка на јавноста, е можно да ги заостри меѓуетничките и меѓурелигиските односи и состојби. Затоа е неопходно да се вклучат сите структури во објаснувањето на оваа сензитивна појава, да го осудат радикалниот ислам и да преземат конкретни чекори за неговото сузбивање. Безбедносните служби и досега можеа да постапуваат, но со измените во Кривичниот законик имаат многу повеќе обврски и можности за поефикасно дејствување. Во интерес на сите граѓани и државата во целина е оваа појава да се сосече во корен, во спротивно, колебливоста може скапо да ја платиме.

Дали во Македонија, како што тврдеа надлежните во МВР, нема опасност од радикални структури кои можат да ја нарушат безбедноста во земјава?

Македонија е стабилна и се' уште немаме директни закани и конкретни акции (терористички и сл.), но процените се дека треба да бидеме многу внимателни, да го следиме развојот на настаните и да дејствуваме ефективно и во координација со другите држави. Сите поглавари на исламските заедници во балканските држави, најостро ја осудија оваа појава и преку џамиите започна да дејствуваат, прашање е дали сите имами и верници ќе ги послушаат поглаварите или не. Регрутацијата на нови „борци“ меѓу другото се одвива и преку џамиите, односно имамите со радикални убедувања. Проценките се дека неколку илјади граѓани од балканските држави се вклучени во борбите во Сирија и Ирак, кои при нивното враќање овде, како и можната поддршка од радикалните структури, се сериозна закана за безбедноста и на Македонија, но и на граѓаните во целина. Идејата за формирање на исламска држава е стратегија на моќни радикални центри на исламот.

Досега деветмина македонски државјани загинаа на боиштата во Сирија, но претпоставките се дека стотици други секојдневно заминуваат на фронтовите на Блискиот Исток. Постојат ли процени за колкав број лица станува збор што учествуваат во странски воени и паравоени формации.

Се' уште се прават анализи кои моќни центри и тајни служби стојат зад регрутација на припадници на паравоените формации. Во овој процес се вклучени многумина, но центри има во повеќе балкански држави и држави членки на ЕУ. Проценките за вклученоста се неблагодарни, но сепак се работи за голем број (само од Македонија над 100). Досега во Сирија загинаа 40 припадници на овие формации од Албанија, Косово, БиХ, Македонија. Можеме да претпоставиме дека има и други кои настрадале или се повредени, а бројот на тие што се вклучени во борбите е неколку илјади. Според проценките на странските експерти тој број се движи над 6.000.

Сигурен сум дека службите за безбедност имаат многу поконкретни информации и податоци за финансиерите, организаторите и учесниците во судирите во Сирија и Ирак.

Извор: Утрински Весник

partners partners partners partners partners partners