Трајанов: Политичарите што го спречуваа референдумот денес се претставуваат како најзаслужни за независноста

23.09.2014

Трајанов: Политичарите што го спречуваа референдумот денес се претставуваат како најзаслужни за независноста

Интервју на Павле Трајанов за неделникот Република

Многумина последниве години се промовираат за патриоти и за државници. Има ли искривување на историските факти во врска со организирањето на референдумот за независност во 1991?

Тие што го спречуваа процесот на осамостојување на Македонија, сега преку колумни, книги и јавни настапи се обидуваат да ја редефинираат или фалсификуваат историјата давајќи си клучна улога на себе во процесот на прогласување самостојна и независна Македонија. На пример, на средба со Љубчо Георгиевски и Доста Димовска во Август 1991 година, дел од “осумтемина“ укажавме на потребата од што е можно побрзо одржување  референдум за прогласување самостојност (се заканивме и преку “востание“). За таа идеја имаше силен отпор од Киро Глигоров и од Стојан Андов. Пред 8-ми Септември и на самиот ден на референдумот, Сојузот на реформските сили и дел од раководството на СКМ – ПДП, се вклучија во кампања да не се излегува на референдумот и да не се гласа на референдумот за самостојна Македонија, јавно изјавувајќи дека не можеме да опстоиме како самостојна држава без СФРЈ (Србија). Натаму, многумина од политичкиот естаблишмент шуруваа со генералите на ЈНА и ги загрозуваа операциите на МВР.

Во својата 23 годишна независност, Македонија имаше неколку сериозни безбедносни предизвици.  Првиот беше уште на самиот почеток, при осамостојувањето, кога беше на повидок крвав распад на поранешна Југославија. Каква опасност ја демнеше Македонија во тој период и како успеавме да избегнеме крвопролевање?

Најважната и најголема улога во процесот на етаблирањето на Македонија како самостојна држава ја одигра Републичкиот секретаријат за внатрешни работи, институција која располагаше со вооружени формации и со кадри со висок степен на патриотизам и решителност да и се спротивстават на ЈНА и да го разобли отпорот кај дел од пројугословенската политичка елита. Но, морам да нагласам дека имавме силна политичка поддршка од ВМРО – ДПМНЕ.

Тој период беше историска шанса да формираме суверена и независна Македонска држава.

Од страна на воено- безбедносните служби во регионот на Србија, се подготвуваше сценарио за “замена“ на државниот и на политичкиот  врв со пројугословенско и просрпско водство, но тие планови успешно беа попречувани од македонските служби за безбедност, во соработка со партиите и поединци кои јавно ја промовираа и деноноќно работеа на реализација на идејата за самостојна Македонија.

Полицијата меѓу другото презеде неколку сложени операции: Подготвивме планови за блокада и за заземања на касарните каде што беа сместени единиците на ЈНА; ја зедовме  воената евиденција за резервниот состав на ЈНА од подрачните единици на Републичкиот секретаријат за одбрана;  обезбедивме заштита на границите со полициски единици (лоцирани во длабина покрај границите) и зедовме големи количества оружје (со помош на македонски офицери во ЈНА) и сл. Исто така го подготвивме и Договорот за дислокација на ЈНА, кој беше потпишан од Глигоров и  Aџиќ. Имаше и глобални закани за припојување на Македонија кон Бугарија, поделба на Македонија помеѓу Србија и Грција, формирање Голема Албанија со дел од Македонија и сл.

Политичкиот врв, вклучително и претседателот Киро Глигоров, дејствуваше под притисок на народот, кој беше подготвен на сé, за таа историска шанса да не се пропушти. Затоа референдумот успеа и на 8-ми Септември 1991 година се реализираа вековните стремежи за македонска држава.

Со кои безбедносни предизвици се соочуваше Македонија во деведесеттите години од минатиот век? Бевме ли под закана од соседите и кои служби беа најактивни во тоа време?

Најсериознат закана доаѓаше од Србија кадешто политичкиот врв имаше процени дека Македонија е со нив или дека е лесен залак и дека само со силна медиумска кампања можат да постават власт која ќе прогласи дека Македонија останува во рамките на СФРЈ. Тогаш силно се промовира и идејата за отцепување на Косово и на западна Макединија и припојување кон Албанија, за што почна и процесот на формирање на албанската паравојска и прогласување на „Илирида“ и сл. Големи проблеми создаваше и дел од политичката елита која беше управувана од Белград и која до последен момент  се залагаше да опстане Југославија (цела или скратена). Се соочувавме и со сериозни безбедносни проблеми пред се од воено разузнавачката служба на Србија, но доста активни беа и Бугарската и Грчката служба, кои разработуваа сценарија во случај да не успее концептот за самостојна Македонија. Атентатот над Киро Глигоров беше последен обид Македонија да биде спречена во самостојниот од.

Колку сериозно беа организирани криминалните структури кои се занимаваа со разни видови шверц?

Ембаргото од Грција кон Македонија, како и ембаргото на Советот за безбедност на ООН кон СРЈ, ја погоди Македонија и државата економски беше блокирана и истоштена. Владата одлучи да се крши ембаргото за да се преживее, но се создадоа проблеми затоа што имаше монопол на неколку фирми.  Подоцна голем број фирми, но и поединци се вклучија во “бизнисот“ со Србија при што заработија огромни суми. Така само една фирма од кршење на ембаргото, заработи повеќе од 600 милиони марки. За Србија се извезуваше и од Србија се увезуваше сè и сешто. Од нафта, електрична енергија, јаглен, цигари, бакар, па се до експлозив, оружје и др.

Тогаш се воспостави спрега меѓу криминалните структури и бизнис- политичката елита.

Дваесет и три години подоцна, дали се уште има надворешни структури и служби што работат на поткопување на суверенитетот на државата и како Македонија денес, за разлика од деведесеттите години, се справува со тие предизвици?

Блокирањето на Македонија за влез во ЕУ и полноправно членство во НАТО е основа за подготовка на нови сценарија за разнебитување на македонското единство и на македонската држава. Ништо не е променето во однос на политиката на соседните држави, но сега има една голема разлика, Македонија е етаблирана како држава со капацитет што може да го гарантира суверенитетот и територијалниот интегритет. Етничките и верските конфликти, процесот на иселување, намалениот наталитет и сл. можат да бидат сериозна закана.

Најсериозна закана за безбедноста на државата, секако беше конфликтот во 2001 година. Колку тој судир беше испровоциран од потребата за подобрување на правата на Албанците, а колку од надворешни фактори со цел дестабилизирање на државата?

По завршувањето на нападот на НАТО врз СРЈ (Србија) и промовирањето на Косово за држава, конфликтот се префрли во Македонија, со територијални барања и претензии. Неединството на државниот врв и колебливоста, придонесоа да прифатиме „капитулација“. Тогаш изостанаа превенција и политичкиот дијалог, а воената опција беше опструирана и од претседателот на државата, како и од премиерот, кој очекуваше реализација на договорот постигнат со Арбен Џафери, за поделба на Македонија. Во овој клучен период, огромна штета направи и проектот на дел од академиците на МАНУ, за размена на територии и население меѓу  Албанија и Македонија, идеја, која беше основа за спогодбата Георгиевски и Џафери за контролиран конфликт и поделба на Македонија.

По воената интервенција на НАТО во Србија, Албанците станаа стратешки партнери на НАТО, ЕУ и САД. Поддршката на УЧК во Косово, беше една од основните причини за ширење на вооружениот конфликт во 2001 година во Македонија, како и за губењето на позициите на Арбен Џафери кај албанскиот електорат.

Постои ли можност за нов судир на двете најголеми етнички заедници, односно, може ли да постојат доволно силни причини за да испровоцираат вакво нешто?

Македонија е стабилна држава и со огромно искуство. Конфликтот на меѓуетничка основа би бил кобен за сите. Обичните граѓани се за соживот, но дали сите политички водства и верските водачи се за тоа, тоа е отворено прашање. Идејата за Голема Албанија е присутна. Радикалниот ислам (исламска држава) може да биде основа за конфронтации и за дестабилизација, но не и да го загрози опстанокот на државата.

Можеме да ги превенираме конфликтите само со економски развој, демократија, целосно почитување на разликите и на правата на секој човек. Принудени сме да живееме заедно, колку побрзо го разбереме тоа, толку подобро ќе биде за сите нас.

На почетокот на 21 век Македонија се справуваше со рецидивите од конфликтот, односно со помали и поголеми криминални групи кои долго време држеа под заложништво одредени места и дејствуваа како локални шерифи. Дали тие групи беа толку силни поради поддршката од локалното население, поради поддршката на политичките партии или нешто трето, и дали успеавме целосно да се ослободиме од тој феномен?

По воен конфликт нормална појава е “борците“ да бараат бенефиции (место во државните институции, бизнис и др.) Некои од нив со поддршка од политичките елити, повторно се фатија за оружјето. Но, повторувањето на 2001 година не е можно. Трпеливоста и политичката зрелост, овозможија тие појави да се минимизираат и да се искоренат. Сега се соочуваме со вирусот „радикален ислам“ преку кој наши граѓани одат во паравоените формации во Сирија и во Ирак и тие можат да бидат сериозна безбедноста закана, особено ако се има предвид ширењето на  радикалните структури, каде што клучна улога играат имамите и некои од политичарите.

Радикалниот ислам е координиран од моќни центри и служби, па затоа треба да бидеме внимателни и да го искорениме од овие простори.

Тој период го одбележаа и бројни мафијашки пресметки и ликвидации. Од тоа време до денес останаа многу нерасчистени убиства. Зошто полицијата тогаш не успеваше да се справи со овој безбедносен проблем?

По конфликтот почна борбата за превласт при што имаше пресметки кај разни крила во албанскиот блок, но такви појави имаше и кај Македонците. Полицијата стана неефикасна поради партиските кадри, непочитувањето на професионалноста и партиските влијанија. Партиите правеа списоци кој се треба да се вработи во МВР. Сé уште не можеме да се ослободиме од тезите дека МВР мора да биде под целосна партиска контрола, без почитување и спроведување на законите. Врз службите за безбедност негативно се одрази и процесот на лустрацијата.

“Раштански лозја“, ликвидацијата на неколку познати криминалци од подземјето, Смилковско езеро, е доволна основа да бидеме многу повнимателни, поодговорни и да се залагаме за владеење на правото.

Во последните години во светски рамки е актуелен проблемот со радикалните исламисти и терористичките организации. Македонија не само што не е имуна на тој тренд, туку и се соочува со реална закана од терористички напади. Какви проблеми можат да предизвикаат радикалите во државата?

Треба стратегија (балканска) за превентивно дејствување во која ќе се вклучат верските заедници, невладиниот сектор, медиумите, семејствата, образовните институции и други за да се одвраќаат младите од вклучувањето во паравоени формации.

Во искоренувањето на исламскиот радикализам, важна одлука можат да одиграат политичките партии како и државните институции во целина.

Ако се точни процените дека над 6000 граѓани од балканските држави се вклучени во воените судири во Сирија и Ирак, тоа е сериозен безбедносен предизвик и ризик. Треба да бидеме внимателни и да не им веруваме на политичарите што тврдат дека “сé е под контрола“, туку службите за безбедност да бидат многу поефикасни и активностите да ги преземат во соработка со соседните држави и моќните разузнавачки служби.

Можно ли е некој нов настан како масакрот од Смилковското Езеро да предизвика посериозни меѓуетнички и меѓурелигиски судири?

Таков монструозен настан никој ниту посакува ниту очекува. Одговорност за стабилноста на државата имаме сите, но одговорноста за неутрализација на законите од ваков вид пред се ја имаат службите за безбедност. Јас не верувам дека еден настан може да ги радикализира меѓуетничките односи ако тој не е резултат на платформа со политички цели за дестабилизација на државата и Балканот пошироко.

Верувам дека, Македонија е држава која може да се справи со посериозни безбедносни предизвици.

Колкав е безбедносниот ризик на Македонија поради тоа што се уште не е членка на НАТО?

Република Македонија мора да се потпира на своите капацитети. Гаранција за нашата стабилност, суверенитет и територијален интегритет сме сите ние, нашиот целокупен одбранбен и безбедносен систем. Ние сме држава со сите обележја: територија, народ, јазик и суверено владеење. НАТО е асоцијација или безбедносен чадор кој многу значи за безбедноста, но не е гаранција дека со тоа се елиминираат сите безбедносни ризици и закани. Наша стратегиска цел е членството во НАТО, но мораме да се потпираме на нашите ресурси.

Односите меѓу САД, ЕУ и Русија од ден на ден се сѐ позатегнати поради случувањата во Украина. Може ли нивната борба за доминација да се прошири и на Балканот и како тоа би влијаело врз безбедноста на Македонија?

Стратегиски овде се испреплетуваат интересите на НАТО, ЕУ, САД, како и на Турција, Русија па и Кина. Поради геостратегиската положба Македонија (но и Балканот во целина) постојано е во центарот на глобалните стратегии и интереси, и е предмет на интерес на повеќе моќни центри. Можеби во тоа е нашата предност. Треба да опстоиме на нашите долгорочни, стратегиски, национални и витални интереси, а тоа е членство во ЕУ и НАТО, алтернативите се без перспектива, да не речам погубни за Македонија.

Конфликтот во источна Украина најверојатно ќе се замрзне и не очекувам брзо решение. Односите помеѓу САД и ЕУ од една страна, и Русија од друга, ќе мора да се релаксираат поради економските интереси. Не очекувам војна од поголеми размери, а најмалку меѓу НАТО и Русија.

Кои се најголемите опасности со кои се соочува Македонија на среден и на долг рок и дали сме во можност да се справиме со нив самостојно?

Веќе напоменав, можните меѓуетнички и верски судири, како и заканите од исламскиот радикализам се сериозни предизвици, не не помалку се загрижувачки и економската миграција и намалување на наталитетот.

Сериозен проблем може да биде и внатрешното неединство, поделбите по партиска основа и неводењето сметка за националните и за државни интереси, како и за социјалната состојба (невработеноста и сл.).

На Македонија и е потребно единство и сплотеност кога се во прашање државните цели и интереси. Ние како македонци и граѓани на оваа држава, не смееме да дозволиме за македонските работи повторно да одлучува друг.

Извор: Република 

partners partners partners partners partners partners