Македонските граѓани регрутирани во ИСИС се сериозна закана за безбедноста на државата

17.01.2015

Македонските граѓани регрутирани во ИСИС се сериозна закана за безбедноста на државата

Интервју на Павле Трајанов за Утрински Весник

Очигледно тероризмот доби многу поголема сила отколку што Европа очекуваше и беше подготвена. Има ли закани за Македонија?

Јас уште пред две години во јавноста поведов дискусија дека ќе биде сериозен безбедносен проблем тоа што во таканаречената Исламска држава (ИСИС), односно во нејзините паравоени формации се вклучуваат граѓани од балканските држави, но и од земјите од ЕУ. Бидејќи тие таму се обучуваат за извршување на најтешки злосторства, по нивното враќање во матичните држави предупредував дека ќе станат сериозен проблем. Според информациите многу од борците на ИСИС доаѓаат од балканските држави - Босна, Косово, Србија, Македонија и Албанија, што значи дека по нивното враќање тие се реална закана за целиот регион. Во тоа време немаше расположение кај државниот врв законски да се спречи нивното заминување на Блискиот Исток. Подоцна донесовме измени во Кривичниот законик со кој сега се казнуваат и организаторите, но и учесниците, што мислам дека е добра мерка за превенција.

Има ли проценка колку Македонци се заминати во ИСИС?

Оптималната бројка е околу 100 граѓани на Македонија. Тоа значи дека со нивното враќање тие стануваат реална закана за безбедноста на државата.

Препораките на домашните и странските експерти за безбедност се дека се најважни активноста и работата на службите за разузнавање и нивна постојана комуникација со таквите служби во другите држави. Имаат ли македонските служби капацитет за успешно справување со оваа битка?

За да се справиме со овој тероризам, неопходно е да се вклучат не само безбедносните служби, туку и верските заедници, политичките партии, невладиниот сектор, медиумите, секако и државата преку своите институции. Мислам дека нашите служби - УБК и Агенцијата за разузнавање се во постојана комуникации со таквите институции во другите држави. Информациите што ги разменуваат се клучни за пресретнување на евентуални терористички акции.

Една од мерките што ги препорачува Европската унија е одземање на пасошите на сите што заминале да се борат за ИСИС. Колку може да биде ефикасна оваа мерка?

Мерките што може и треба да се преземат се различни. Сепак, Англија е меѓу првите држави што презеде најостри мерки. Прво, ако добие информации дека некој сака да замине и да се приклучи на ИСИС однапред му го одзема пасошот за да не може да отпатува. Потоа ако добие информации дека некој се враќа од фронтовите на ИСИС не им дозволуваат влез во државата, секако постојат и серија други мерки со кои ги превенираат безбедносните закани од исламскиот тероризам. Со такви мерки треба да се организираат и другите држави.

Извор: Утрински Весник 

partners partners partners partners partners partners